25.11.2015: Соопштение за медиуми по повод 25 Ноември – Меѓународен ден за борба против насилство врз жените

Денес,  25 ноември, го одбележуваме Mеѓународниот ден против насилство врз жените и продолжуваме со кампањата на Националнатамрежа против насилство врз жени и семејнно насилство „365 дена активизам против насилство врз жени“.

Датумите 25 Ноември- Меѓународен ден против насилството врз жените, и 10 Декември- Меѓународен ден на човековите права, се одбрани со цел симболично поврзување на насилството врз жените и човековите права, а со тоа и акцентирање дека насилството е кршење на човековите права.
Оваа година 2015 се случија уште четири убиства на жени. Минатата година бројката на овој ден беше 16 убиени жени во последните 6 години, и ако добро се сеќаваме сите , на 25 ноември медиумите јавија за уште едно трократно убиство. За една година имаме вкупно 7 жртви на семејно насилство. Бројот на обидите за убиство е уште поголема.  Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство.

Што направи државата во изминатава година?

Според официјалните информации од Министерство за труд и социјална политика, државата раководи со  4 Регионални центри за лица жртви на семејно насилство во: Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе. Дополнително, една невладина организација раководи со еден шелтер центар во кој жените можат да бидат згрижени до 6 месеци. Постојат две национални СОС линии. Еден Кризен Центар кој обезбедува сместување од 24-48 часа, еден советувалишен центар и пет центри за бесплатна правана помош. Сите раководени од невладини организации.

Според наведеното, НИШТО! Ситуацијата во однос на сервисите за заштита и поддршка на  жртвите на семејно насилство не е воопшто променета.

Зошто бараме ратификација на Истанбулската Конвенција?

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство e најсеопфатниот меѓународен договор во оваа област во кој насилството врз жените е препознаено и дефинирано како кршење на човековите права. Нејзина цел е воспоставување на нулта толеранција за различни облици на насилство на кои се изложени жените.

Во моментот Македонија е единствената земја во регинот која сеуште ја нема ратификувано Конвенцијата.

Системот на заштита и поддршка на жените жртви на насилство – кои се стандардите и каква е состојбата во нашата држава?

Особено важен дел од Конвенцијата е поставувањето на јасни стандарди и барања за системот за заштита и поддршка на жртвите преку воспоставување на специјализирани сервиси. Мапирањето на состојбите во нашата држава покажува дека постоечките услуги се однесуваат скоро исклучиво на семејното насилство, додека останатите видови на насилство врз жената, особено сексуалното насилство, се практично изоставени. Достапноста и пристапноста на услугите е лимитирана бидејќи се концентрирани во неколку урбани локации, жените од руралните средини практично и немаат пристап до услуги за заштита и поддршка.

Специјализираните сервиси во пракса, а и согласно препораките на Конвенцијата, се и треба да се нудат првенствено од страна на невладини организации кои работат директно со жените и имаат најдобар увид во нивните потреби. Во таа насока државата мора да обезбеди финансиска поддршка за организации кои обезбедуваат вакви услуги согласно договорените принципи и стандарди. Досегашната поддршка од страна на државата е минимална и се однесува само на СОС линиите. Освен институциите на централно ниво, и локалните власти треба да превземат поактивна улога и поголема одговорност за услуги во оваа област како дел од нивните ингеренции во социјалната заштита. Во овој дел ќе ги спомнеме и донаторите за пренасочување на нивниот фокус од семејно насилство кон сите видови на насилство врз жените и обезбедување на поголема поддршка за потребните сервиси и услуги.

 

Вид на сервис

Препораки на Совет на Европа: Минимум стандарди за сервиси за поддршка

Состојба во Македонија

Што недостасува во Македонија

Национална СОС линија

Минимум 1 национална СОС линија која обезбедува 24/7 поддршка на сите локални јазици

2 национални СОС линии кои обезбедуваат помош само на македонски јазик

Да се обезбеди помош на сите јазици кои се употребуваат во заедницата на посточките СОС линии

Шелтер центри за жени жртви на насилство

1 место на 10.000 жители

5 шелтер центри (сместување од 3 до 6 месеци)

1 кризен центар (обезбедува сместување од 24 – 48 часа)

Минимум уште 20 шелтер центри за жени жртви на насилство со капацитет од  минимум 8 места / кревети

Кризни центри за жртви на

силување

Минимум 1 на 200.000 жени

Не постои ниеден

Минимум 5 кризни центри за силување

Центри за жртви на

сексуално насилство

Минимум 1 на 400.000 жени

Не постои ниеден

Минимум 3 центри за сексуално насилство

Советувалишни центри (кризна интервенција, психолошко советување, бесплатна правна помош )

Минимум 1 на 50.000 жени

1 советувалишен центар

Минимум 20 советувалишни центри

 

БАРАМЕ:

  1. Ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жени и домашното насилство
  2. Унапредување на законска регулатива во насока на усвојување на сеопфатни и  интегрирани политики и сервиси за различни форми на насилство врз жени и семејно насилство
  3. Препознавање и имплементирање на национално ниво на принципите и стандардите на Совет на Европа за обезбедување на специјализирани сервиси за поддршка на жени жртви на насилство
  4. Идентификување на разликата помеѓу општи и специјализирани сервиси од страна на државата и препознавање на женските невладини организации како обезбедувачи на специјализираните сервиси за поддршка на жени жртви на насилство
  5. Издвојување на финансиски средства од страна на државата за финансирање на независни организации кои ќе обезбедуваат специјализирани сервиси за поддршка
  6. Обезбедување на достапност и пристапност до специјализирани сервиси за поддршка на сите жени жртви на насилство на територијата на целата државата, со посебен фокус на жените со попреченост како дополнително ранлива група
  7. Спроведување на едукативни и превентивни програми за насилство врз жени со овозможен пристап за жени и девојки од рурални средини, жени и девојки со различни видови на попреченост

 

И повторно прашањето останува  исто – КОЛКУ ОД ОВИЕ УБИСТВА МОЖЕА ДА БИДАТ СПРЕЧЕНИ ДОКОЛКИ СЕ НАПРАВЕШЕ СООДВЕТНА ПРОЦЕНА НА РИЗИК? ДАЛИ  ЌЕ ОСТАНЕВТЕ ГЛУВИ НА ПОВИЦИТЕ ЗА ПОМОШ ДОКОЛКУ СЕ РАБОТЕШЕ ЗА ВАШАТА МАЈКА, СЕСТРА, БРАТУЧЕТКА, ДРУГАРКА?!?!

Сподели

Со поддршка од