19.03.2020: Зголемен ризик од семејно и интимно партнерско насилство во период на вонредна состојба

Поради новонастаната состојба со вирусот COVID-19 нашата Влада од 11-ти март донесе дополнителни мерки и препораки за сите граѓани во Државата и воведе вонредна состoјба во времетраење од 30 дена. Една од главните препораки во насока на спречување на ширењето на вирусот е сите граѓани кои можат да останат во своите домови.

Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ја истакнува својата загриженост во овие моменти поради тоа што домот за многу жени кои се жртви на семејно насилство и на интимно партнерско насилство не е сигурно место на живеење. Со овие мерки, жените жртви на насилство и нивните деца (доколку ги имаат) се ставаат во многу тешка и во некои случаи и во животно загрозувачка ситуација. Во држава во која е прогласена вонредна состојба, децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности, пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите. 

Добро познат факт е дека потребата да се поседува моќ и контрола над другите се едни од основните причини за семејното насилство. Во оваа ситуација во која сите се чувствуваме повеќе или помалку исплашени поради чувството дека ја губиме контролата над своите животи, насилниците ќе пробаат да ја повратат сопствената контрола преку жртвите. Вонредната состојба не мора да значи зголемување на бројот на случаите на насилство (иако не е исклучено дека може да порасне), но секако значи зголемување на интензитетот на насилството во семејства и врски во кои веќе постоело. Жртвата нема каде да отиде, не може да избега од насилството со одење на работа или кај пријатели, и во текот на целиот ден е изложена на насилството.

Вонредната состојба го отежнува пристапот на жртвите до сервиси за помош и заштита. Медицинските установи се борат да одговорат на предизвиците од коронавирусот, здравствениот систем е се пооптоварен, центрите за социјална работа работат со телефонски јавувања, што севкупно земено им го отежнува на жртвите пристапот до заштита.

Апелираме до сите надлежните институции – Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Министерство за здравство независно од моменталната состојба, да постапат професионално при пријава на насилство и да ги преземат сите мерки што им се на располагање во насока на заштита на жртвата и нејзините деца (доколку ги има). Сите повици за пријава на семејно насилство треба да бидат третирани како највисок приоритет и да се преземат сите мерки  за заштита.

Ги охрабруваме сите жени кои преживуваат некаква форма на семејно или интимно партнерско насилство да го пријават истото во институцијата/организацијата во градот во кој живеат. Подолу се излистани сите постоечки сервиси поделени по градови.

Сподели

Со поддршка од