Соопштение за медиуми – Насилството врз жените со попреченост не е приватно прашање

 Насилството врз жените со попреченост не е приватно прашање

Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост 3 декември, а во рамки на „16 дена активизам против насилство врз жени“, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Х.Е.Р.А – Асоцијација за здравствено истражување и едукција, денес ја одржаа конференцијата „Превенција и спречување на насилство врз жени со попреченост: Состојбата во државата и препораки“.

На конференцијата свои обраќања имаа Луиза Винтон, постојан координатор на Обединетите Нации и претставник на УНДП и УНФПА во Република Македонија, понатаму претставници на Министерството за труд и социјална политика, Филозофскиот Факултет при УКИМ, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, ХЕРА, но пред сè, тука беа претставници на организациите кои работат со лица со попреченост како Мобилност Македонија, Полио плус, Здружение на студенти и младинци со хендикеп и Солем.

Говорниците на двата панели ги претставија своите анализи за состојбите со пристапот до информации, пријавување и систем на заштита на жените со попреченост – жртви на насилство, но и за тоа како да се унапреди превенцијата и заштитата од насилство кај жените со попреченост.

 Од презентациите и дискусиите беше истакнато дека насилството врз жената со попреченост мора да стане приоритет во стратегиите и мерките за превенцијата на семејно насилство. Ова се главните заклучоци:

• Насилството врз основа на попреченост треба да биде признаено како сериозен општествен проблем, наместо да се смета за приватно прашање.

• Жената со попреченост да стане дел од сите институции на системот, не да биде исклучок и присутна само во некои сегменти од општествениот живот. Задолжително да биде вклучена како креатор на политиките за жените особено во борбата против насилството врз нив.

• Државните институции и граѓанските организации треба да обезбедуваат услуги за заштита на жени со попреченост – жртви на семејно насилство, кои треба да бидат целосно пристапни и достапни. Тие мора да се засноваат на антидискриминаторски политики, односно сервисот треба да биде достапен и пристапен за сите граѓани. Ова особено важи за лицата со попреченост (жени со физичка, телесна и сензорна попреченост), како и припадниците на малцинствата кои не го говорат македонскиот јазик.

• Во кампањите за жените да се посвети посебно внимание на жената со попреченост преку подигање на свеста на јавноста за нејзините можности и способностите.

• Подигање на свеста на самите жени со попреченост за сопствените капацитети, нивни иницијативи за вклученост и охрабрување за НЕТОЛЕРАНЦИЈА и пријавување на насилството преку прилагодени едукативни и превентивни програми, во зависност од формата на попреченост.

• Државата треба да ги интегрира сервисите за жртви на семејно насилство кои ги исполнуваат стандардите во националните буџети и програми со цел да се обезбеди финансиска одржливост на истите. На овој начин ќе се обезбеди поголема достапност и пристапност на услугите за заштита од семејно насилство на територијата на цела држава за сите, вклучувајќи ги и жените со попреченост.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости