Форми на насилство врз жени

Физичко насилство е форма на домашно (семејно) насилство и се манифестира со употреба на физичка сила или закана дека истата ќе биде употребена. Притоа, опфаќа широк спектар на дејствија како туркање, удирање, кубење коса, клоцање, напад со фрлање предмети кон жртвата, нанесување повреди со оружје, изгореници и слични акти кои може да резултираат со мали или сериозни потреби. Физичкото насилство може да има и фатален исход – обид за убиство или убиство, во најекстремните случаи.
Психолошко насилство се манифестира преку неколку конкретни однесувања, меѓу кои: контрола, изолација, љубомора и предизвикување емоционално страдање на жената, заплашување, закани, спречување да работи надвор од домот, омаловажување или понижување пред другите, барање дозвола за здравствена заштита, инсистирање насилникот во секое време да знае каде е жртвата и со кого и слични однесувања.
Економско насилствo е форма на насилство со која се ограничува и спречува располагањето со личните финансиски средства, за која и да е намена, при што се создава делумна или целосна економска зависност на жртвата. Ова насилство е всушност форма на интимно партнерско и домашно (семејно) насилство.
Сексуално насилство е дефинирано како вагинална, анална или орална пенетрација од сексуална природа, со кој било телесен дел или предмет во телото на друго лице без негова согласност. Тоа вклучува и други акти од сексуална природа со лице, без согласност, како и наведување друго лице да се вклучи во акти од сексуална природа со трето лице, исто без негова согласност. Жени особено ранливи на сексуално насилство се комерцијални сексуални работнички, жени со попреченост, жени сместени во институции, нехетеросексуални жени и жени од одредени етнички, расни или религиозни групи.
Сексуалниот напад е форма на сексуално насилство и се работи за акт кој не е доброволен и се случил со присила, заканување или употреба на физичка сила. Тоа е намерен акт на насилство и манифестација на моќ, контрола и доминација.
Силувањето како форма на насилство може да се појави во повеќе форми и тоа: силување во интимно партнерска врска или брак, силување од страна на познато или непознато лице, групно силување, силување во војна…
Сексуално вознемирување на јавни простори ги опфаќа облиците на несакано вербално, невербално или физичко однесување со сексуален карактер и конотација, со цел да се повреди достоинството, но и да се создаде застрашувачка, понижувачка и деградирачка атмосфера и да се наруши удобноста на жртвата која е цел на ова вознемирување, да се почувствува небезбедна, па дури и да се наведе да мисли дека може да биде цел на физички напад или сексуално насилство.
Демнење е форма на намерно опасно однесување кон друга личност. Ваквото однесување има форма на закана, влевање страв и доведување во ризик на жртвата, која постојано се плаши за својата безбедност. Ова опфаќа и повторувачко опасно однесување кое вклучува следење, демнење, воспоставување несакана комуникација во живо, преку телефонски повици и пораки, како и преку социјалните мрежи и модерните технологии. Притоа, насилникот има за цел постојано да ѝ дава до знаење на жртвата дека е набљудувана и следена, може да премине и во физичко демнење со појавување на места каде таа често се движи (работно место, кафулиња и ресторани каде излегува, настани на јавни простори и слично), а кулминира со физичко оштетување на нејзин личен имот, закани дека ќе повредат луѓе кои ги сака или нејзините миленичиња, но и крадење на идентитетот за да се злоупотребува нејзиното име онлајн.
Сексуално вознемирување на работно место ги опфаќа истите облици како и вознемирувањето на јавни простори, со единствена разлика што се случува на место каде жртвата доаѓа да работи и обезбеди егзистенција за себе и своето семејство. Притоа, повторно се создава непријатна, понижувачка и деградирачка атмосфера, која во крајни случаи може да премине во мобинг, напад, па дури и да се присили жртвата да замине или самата да побара решение во напуштањето на работното место, при што се доведува во прашање нејзината економска независност и егзистенцијата.
Присилна стерилизација е принудно одземање на женските репродуктивни права и потенцијал, преку вршење операција со која се прекинува природната способност за репродукција, а жената не е доволно информирана за постапката и нема дадено јасна согласност за таква интервенција. Покрај физичката неспособност за репродукција, ваквиот облик на насилство може да предизвика и трајна траума, страв од медицински лица и установи, изолација од семејството и бес кон членовите кои ја принудиле или без нејзино знаење се согласиле на стерилизација. Една од формите на кршење на женските права е присилниот абортус, кога семејството или сопругот/партнерот ја присилуваат жената на ваква интервенција – прекинување на бременост без нејзина информираност и согласност.
Присилните (принудните) бракови се тесно поврзани со насилство врз жени и семејно насилство. Ваквиот начин на склучување бракови е уште една форма на лишување на девојките и жените од нивните основни човекови права – да изберат интимен или брачен партнер – и притоа им се создава емоционален стрес, притисок, а често трпат и психичко и физичко насилство или од членовите на своето семејство или од семејството каде треба да биде „дадена“. Многу истражувања покажале дека присилните/договорените бракови често продолжуваат со психичко и физичко насилство од партнерот или неговото семејство. Засебна форма на принудени и договорени бракови се малолетничките, односно детските бракови, со оглед на тоа што се смета дека овие деца самите не можат да одлучуваат за ваков голем чекор. Раното стапување во (договорен) брак може да доведе до емоционални, физички и психички страдања, но и да се спречат и уништат шансите за образование и еманципација на овие девојчиња.
Фемицид е најтешката форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно или интимно партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена само затоа што е жена. Пошироките дефиниции ги вклучуваат сите убиства на жени, девојки или девојчиња. Иако во најголем дел од случаите фемицидите ги вршат сегашни или поранешни партнери, тие може да се случат и од страна на член на семејството. Оваа форма на насилство е идентификувана како водечка причина за прерана смрт кај жените. Се работи за најекстремната манифестација на насилство врз жените, но и покрај тоа, сепак за нив постојат ограничени податоци.
Во Република Северна Македонија фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во Кривичниот законик и се регистрира и води како и секое друго убиство. Отежнувачка околност при судските процеси и постапки е постоењето на семејно или интимно партнерско насилство кое му претходело на убиството.

Видови на фемициди
Фемицид како последица на семејно или интимно партнерско насилство Овие убиства се нарекуваат и „интимни партнерски убиства“ и се дефинираат како убиство на жена од страна на интимен партнер или лице со кое имала блиски односи. Дефиницијата вклучува убиство на жена од поранешен или сегашен партнер или сопруг, а не го исклучува ниту убиството на жена од друг машки член на семејството. Доколку насилство остане непријавено или пак не се понуди помош за заштита на жртвата, поголема е веројатноста да ескалира во фемицид.
Фемицид „во име на честа“ Ова е најестремна форма на злосторство, кое има за цел да го контролира однесувањето на жените. Најчесто, членови на семејството, таканаречен „семеен совет“ составен од машки роднини, одлучува што ќе се случува со женскиот член на семејството кој ја направил „грешката“ поради која е осуден на смрт. Таа „грешка“ или „злосторство“ се поврзува со изборот на партнер, образование, работа, начин на облекување, сексуалност, дури и „незадоволување“ на семејните очекувања и стандарди за „женско однесување“. Постојат и оние случаи кога семејството си ја враќа „честа“ кога жената/девојката била силувана. Во одредени заедници во светот, убиствата „во име на честа“ се случуваат јавно, за да може семејството пред целата заедница или општествена група „да го обели образот“ осудувајќи ја на смрт жената/девојката која ги „посрамила“.
Исто така, како форми на фемицид се препознаени и убиства поради мираз; убиство кога женскиот член е „товар“ на семејството или брачната заедница; убиства поврзани со организиран криминал, кои се поврзани со „мачо-културата“; намерни убиства на жени во војна; женски инфантицид и родово заснован полово селективен фетицид, во општества каде се глорифицира раѓањето на машко дете, а се манифестира и со намерни абортуси кога ќе се дознае полот на детето; убиство кога жени се етикетирани како вештерки/волшебнички; мизогино убивање на жени; како и убиства на жени поради сексуална ориентација, родов идентитет, родова определба и т.н.