По одржаните две средби на работната група во рамки на мрежатаво следните два месеци ќе бидат организирани 30 едукативни работилници со млади луѓе, средношколци и студенти на теми поврзани со родово базираното насилство и семејното насилство со цел подобрување на знаењата кај младите за овој негативен феномен и нивно поактивно вклучување во борбата против секаков вид на насилство врз жените.
Едукативните работилници планирано е да се одржат во 5 града во Република Македонија и тоа Велес, Куманово, Радовиш, Битола и Скопје. Времетраењето на една работилница е два часа и планирано е на неа да присуствуваат околу 20 млади луѓе. Вкупниот број на млади кои што ќе ги поминат овие работилници изнесува околу 600 луѓе.
Едукативните работилници ќе ги покриваат следните теми: дефинирање на поимите пол, род, родови улоги, родов идентитет и родова социјализација, родови стереотипи, родови предрасуди и родова дискриминација, митови и факти за родово базираното насилство, митови и факти за сексуалното насилство и дефинирање на сите типови на родово базирано насилство. Работилниците е планирано да бидат интерактивни, со можност за вклучување на учесниците, како и со давање на примери со цел разјаснување на поимите кои што се работат. На крајот на работилницата, учесниците ќе работат практична вежба на студии на случај со цел препознавање за каков вид на родово базирано насилство се работи во конкретниот случај. За полесно и усогласено одржување на едукативните работилници, работната група изработи и материјал со горенаведените теми, дефиниции и вежби.
Оваа активност е во рамки на проектот „Застапување за унапредување на политиките/стратегиите за спречување на сите облици на насилство врз жените“ поддржан од локалната канцеларија на UNWOMEN во Скопје.