Родова Анализа на Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија

Анализата дава осврт на тоа дали и колку Програмата за работа на Владата за 2020-2024 година го вклучува родовиот аспект во планираните активности следните 4 години. Со цел подобро да се разбере контекстот на родовата еднаквост и политичката волја за унапредување на родовата еднаквост, анализата ги зема предвид и предизборните програми на СДСМ и ДУИ кои веќе втор мандат ја предводат Владата на Република Северна Македонија.


За пофалба е тоа што родовата еднаквост се повеќе се препознава како важна за напредокот на РСМ и како цел без која државата не може да има успешна Евроинтеграција, но и добро владеење и функционална демократија. Во циклусот на последните два предвремени избори 2017/2020 се забележува пораст на целите поврзани со родовата еднаквост во предизборните програми што покажува дека политичките партии почнуваат полека да покажуваат интерес кон намалување на општествениот и родовиот јаз помеѓу жените и мажите. Тоа сепак не потврдува дека работата на Влада во изминатите три години била целосно фокусирана кон унапредување на родова еднаквост, поради тоа што дел од предизборните цели воопшто не се имплементирани во 3 годишниот мандат на коалицијата СДСМ – ДУИ.


Како недостаток се нотира недостатокот на системски институционален пристап предводен од адекватен кадар и експерти кои ќе ги координираат стратешките заложби за родова еднаквост на национално ниво.


Жените жртви на семејно насилство во Програмата на Влада не се препознаени како посебна категорија со специфични потреби, иако во предизборната програма се предвидува Мерките за вработување и другите мерки за помош и поддршка ќе бидат приспособени согласно специфичните потреби на жените жртви на насилство.


Родово базираното насилство е во фокус во предизборната програма на СДСМ, но не и во програмата на Влада. Позитивно е тоа што е препознаена важноста на подобрување на пристапот до специјализирани сервиси за жртвите на родово базирано насилство на локално ниво, и за прв пат е предвидена програма за реинтеграција на жртвите. Во овој дел недостасуваат дополнителни заложби од Министерството за Здравство, Министерството за Внатрешни Работи и Министерството за Труд и Социјална Политика, и вклученост на судството и граѓанските организации во целокупниот ланец на поддршка на жртвите за родово базирано насилство. Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција воопшто не е спомнат, ниту пак обезбедување на финансии за негово спроведување.


Во областа Социјална политика, унапредувањето на помошта и поддршката за жртвите на родово базирано насилство е предвидена само преку формирање на интервентен тим што ќе постапува 24/7 по примерот на Скопје. Мора да се напомене дека овој тим не постапува само по пријави на насилство, туку ги опфаќа сите ранлниви категории. Позитивен аспект е предлогот за основање на државен фонд за исплата на законска издршка на деца во ситуации кога едниот родител по развод не ги исполнува законските обврски.


Иако Програмата на Влада го предвидува справувањето со КОВИД 19 и предлага низа мерки, сепак еден важен сегмент кој е изоставен е поддршката на жртвите на родово базирано насилство во време на пандемија. Иако дел од граѓанските организации кои работат на оваа тема уште на почетокот на кризата предупредија и апелираа за обезбедување на соодветна и навремена заштита на жртвите, сепак Владата планирајќи ги мерките за справување со кризата повторно ја заборавила оваа ранлива група.


Особено важно е женските граѓански организации да се вклучени во процесите на консултации и носење на одлуки поврзани со законските решенија кои се однесуваат на превенција, спречување и заштита од родово базирано насилство.


Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк.

Документот е изработен во рамките на проектот „На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Македонија“ финансиран од Шведската фондација Квина тил Квина, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости