ПРОТЕСТ- СТОП ЗА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ „16 УБИЕНИ ЖЕНИ ЗА 6 ГОДИНИ!! ШТО ПРЕЗЕДОВТЕ ?“

На 25 ноември, го одбележуваме Mеѓународниот ден против насилство врз жените започнувајќи ја кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените“. 16 дена активизам е глобална кампања која прв пат е организирана во 1991 година од Институтот за женско глобално лидерство.

Датумите 25 Ноември – Меѓународен ден против насилството врз жените, и 10 Декември- Меѓународен ден на човековите права, се одбрани со цел симболично поврзување на насилството врз жените и човековите права, а со тоа и акцентирање дека насилството е кршење на човековите права. Оваа година, темата на кампањата е „16 ДЕНА АКТИВИЗАМ ЗА 16 УБИЕНИ ЖЕНИ ЗА 6 ГОДИНИ! “

Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство. Го прашуваме Министерот за труд и социјална политика , г-динот Диме Спасов – Каде е пропустот? Можеле ли овие убиства да не се случат? Можела ли соодветна процена на ризик за безбедноста на жртвите да го спречи фаталниот крај?

Овој протест ќе го организираме се додека не добиеме одговор на овие прашања. Секој 25ти во месецот ќе се собираме пред Министерството за труд и социјална политика и ке бараме одговор „Дали трократното убиство во Кавадарци можеше да се спречи“, „Дали двојното убиство и самоубиство во Аеродром можеше да се спречи? „Дали убиството во Ново Лисиче можеше да се спречи?“… Колку уште жени треба да го изгубат својот живот, колку деца треба да останат без своите мајки, членови на семејството без своите керки, сестри, роднини ЗА ДА КОНЕЧНО ПРЕВЗЕМЕТЕ НЕШТО! ЗА ДА ПРЕСТАНЕТЕ ДА ГО ТОЛЕРИРАТЕ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ КОЕ СЕ СЛУЧУВА ПРЕД ВАШИТЕ ОЧИ!  ЗА ДА ЈА СФАТИТЕ СЕРИОЗНОСТА НА ОВОЈ ПРОБЛЕМ И ДА МУ ПРИСТАПИТЕ СО ДОЛЖНО ВНИМАНИЕ! ДАЛИ АКО БЕШЕ ТОА ВАША СЕСТРА, МАЈКА, ПРИЈАТЕЛКА ЌЕ РЕАГИРАВТЕ ПОИНАКУ?

16 УБИЕНИ ЖЕНИ НЕ СЕ САМО БРОЈКА…. 16 УБИЕНИ ЖЕНИ СЕ 16 СЕМЕЈСТВА КОИ ИЗГУБИЛЕ СЕСТРА, ЌЕРКА, МАЈКА, БРАТУЧЕТКА… И КОЈ ЗНАЕ КОЛКУ ЛУЃЕ КОИ ИЗГУБИЛЕ ПРИЈАТЕЛКА, СОСЕДКА, КОЛЕШКА…

Специјализирани услуги за поддршка обезбедени од државата

Според официјалните информации од Министерство за труд и социјална политика, државата досега има отворено 4 Регионални центри за лица жртви на семејно насилство во: Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе.

Го прашуваме Министерот г-дин Диме Спасов – Дали се овие шелтер центри функционални? Колку жени биле сместени во изминатава година? Дали сметате дека со постоењето на овие шелтер центри сте ја исполниле обврската за обезбедување на заштита од семејно насилство?

Во Р.М не постојат сервиси за другите форми на насилство врз жени. Постоечките ресурси и услуги се однесуваат доминантно на жртви на семејно насилство, а останатите видови на насилство врз жената, особено сексуалното насилство се практично изоставени. Институциите имаат недостаток од стручен кадар обучен за работа со други форми на насилство. Не постои стандардизација на услугите и сервисите помеѓу давателите на услуги.

Бараме да се:

  • Отворат специјализирани шелтер центри за жени жртви на насилство, достапни во секој регион, со едно место на секои 10.000 жители; или доколку шелтер центрите се дел од општествена стратегија за интервенција треба да постои место за едно семејство на 10.000 жени;
  • Минимум една бесплатна национална СОС линија која ќе ги покрива сите видови на насилство врз жената, оперативна 24 часа 7 дена во неделата и обезбедува кризна поддршка на сите јазици кои се употребуваат  во заедницата; стандардизација на програмите за СОС операторите;
  • Отворат кризни центри за помош на жртви на силување, минимум еден на 200 000 жени;
  • Отворат центри за жртви на сексуално насилство, минимум еден на 400 000 жени;
  • Отвори минимум еден советувалишен центар на 50 000 жени (кој ке обезбедува советување од секаков тип: кризна интервенција, психолошко советување, бесплатна правна помош и др.);
  • Обучи стручниот кадар за обезбедување на услуги на жртви на различни форми на насилство со обврска за континуирано професионално надоградување;
  • Обезбеди одржливост на сервисите преку развивање на програма за подршка од државата.

Исто така, Бараме да ни одговорите:

  1. Што презедовте да ја зајакнете и имплементирате постоечката законска регулатива што ги адресира различните форми на насилство врз жените и децата, вклучувајки го и сексуалното и семејното насилство?
  2. Што презедовте да ги обучите полициските службеници соодветно и професионално да реагираат на ваквите случаи на  насилство врз жени и семејно насилство?
  3. Што превзедовте да ги обучите стручните работници во Центрите за социјална работа и здравствените работници да постапуваат соодветно и професионално во случаите на насилство врз жени и семејно насилство?
  4. Што презедовте да поттикнете пријавување на случаи на различни форми на насилство врз жените и семејно насилство?
  5. Дали ја зголемивте достапноста и ефективноста на привремените мерки за заштита од семејно насилство?
  6. Дали го унапредивте системот за прибирање на податоци за жртви на семејно насилство?
  7. Што презедовте за да воспоставите систем за прибирање на податоци за различните форми на насилство врз жените?
  8. Што презедовте за да го зголемите бројот на шелтер центри за згрижување на жени и деца жртви на семејно насилство?
  9. Дали презедовте нешто за да обезбедите сервиси за заштита од различните форми на насилство врз жените?
  10. Што презедовте за да ја подигнете свеста на општата популација за негативните последици од насилството врз жените и децата?
  11. Дали презедовте нешто за да објасните кои се различните форми на насилство врз жените и како да се превенирааат истите?
  12. Што презедовте за да ја ратификувате Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жената и домашно насилство?

ШТО ПРЕЗЕДОВТЕ ЗА ДА НЕ ЗАШТИТИТЕ ОД ИДНО НАСИЛСТВО?

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости