Препораки за унапредување на можностите за вработување на жени жртви на семејно насилство

Целта на оваа анализа е да се дадат препораки за унапредување на можностите за вработување на жени жртви на семејно насилство. Преку анализа на законските можности, обврските и препораките од меѓународните документи, и анализа на активните мерки за вработување преку оперативните планови на Агенцијата за вработување на РСМ, документот донесува заклучоци кои ги идентификуваат предизвиците во можностите за вработување на оваа ранлива категорија граѓанки.

Методолошката рамка се базира на анализа на постоечки меѓународни документи, националната легислатива и национални стратегии, релевантни истражувања поврзани со економските предизвици на жени жртви на семејно насилство и информации и податоци кои се добиени преку испратени Барања за информации од јавен карактер до Агенцијата за вработување на Р. Северна Македонија, а во врска со искористеноста на мерките и програмите во перидот од 01.01.2015 до 30.06.2020. Направена е анализа на програмите и мерките опфатени во оперативните планови на Агенцијата за вработување,  како и критериумите кои треба да ги исполнат апликантите, а во насока на нивно искористување. Дополнително, користени се податоци и наоди од „Анализа на економските предизвици со кои се соочуваат  жени жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната срединакоја ја спроведе Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во 2019г.

Дел од заклучоците од анализа на оперативни планови на Агенција за вработување (Активни мерки и програми за вработување) се:

Активните мерки и програми за вработување кои постојат во оперативните планови на Агенцијата за вработување (2015-2020) ги препознаваат жртвите на семејно насилство како посебна категорија ранливи граѓани само во програмите за самовработување и субвенционирање на плати;

Мерките и програмите во целост ја исклучуваат специфичната категорија „жени жртви на семејно насилство“ односно жртвите на семејно насилство се претставени како хомогена група, без притоа да се запази родовата димензија на семејно насилство. Имено, согласно националните статистики[ 80% од жртвите на семејно насилство се жени.

Програмите и мерките се однесуваат на општа популација, а даваат предност на одредени ранливи категории граѓани. Не е обрнато внимание на индивидуалните потреби и околности на секоја жени жртва на семејно насилство, како и сложеноста т.е. динамиката на насилството врз жените и семејното насилство.

Не е опфатена повеќекратната ранливост на оваа категорија жени односно нивната специфична позиција во општеството (последици од насилството, самохрани мајки, здравствена статус, образовни квалификации, вештини и искуство, етничка припадност, географска локација, попреченост, социјални ризици);

Од анализата на достапните активни мерки и програми евидентно е дека вклученоста на жените жртви е на многу ниско ниво. Дел од жените кои се пријавуваат на мерките и програмите понатаму во процесот се откажуваат или не се евидентирани дека ја искористиле мерката. Нема податоци од кои причини се откажуваат и со какви предизвици се соочуваат во процесот на аплицирање за мерките;

Нема податоци за ефектите од програмите и мерките на генерално ниво, ниту податоци за бројот на жени жртви кои ги искористиле достапните мерки и каков ефект е постигнат со нив кај оваа ранлива категорија. Во однос на програмата за самовработување не постои   статистика на неуспешни бизниси придружена со анализа зошто тие бизниси не проработиле и кои биле пропустите при планирањето и развивањето на бизнис плановите;

Во однос на мерката Субвенционирање на плати, не постои статистика за следење на состојбата со вработувањата откако ќе помине предвидениот рок, односно откако ќе заврши обврската на работодавачот. Ова влијае на сигурноста на вработениот/вработената во однос на месечните приходи и планирање на иднината. Ова мерка мора да обезбеди долгорочни вработувања кои ќе придонесат кон осамостојување и економска независност на различните ранливи категории кои се опфатени. Во спротивно, мерката не е ефективна и треба да се ревидира во насока да ја постигне целта, а тоа е намалување на невработеност и сиромаштија.

Обуките се предвидени за невработени лица што се евидентирани во АВРСМ, но не се предвидени обуки за вработени лица со ниски примања. Оваа мерка покрај овозможување на поголема компетитивност на пазарот на труд, треба да овозможи и унапредување на знаења кај лица со ниски примања, а со цел аплицирање за работни позиции кои се подобро платени.

На крај, бројот на жени жртви кои се упатени од центрите за социјална работа е исто така низок споредено со пријавените случаи на семејно насилство на годишно ниво. Имено во 2019 година, според МТСП вкупно 1135 жени пријавиле дека биле жртви на семејно насилство, а само 78 биле препратени во АВРСМ за вработување и 42 биле препратени за економско јакнење, односно посета на обуки. Ова укажува на исклучително ниската соработка помеѓу овие две институции. И повторно и тука недостасува број на вработени жени и следење на нивниот работен ангажман.

Анализата е изработена во рамки на проектот „Помош и поддршка на жени жртви на семејно насилство во пост кризен период“ финансиски поддржан од Владата на Република Северна Македонија, а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Целиот документ можете да го најдете на следниот линк.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости