Колумна: Зар е толку лесно да се подвлече Црна линија како моливче за очи ?

Во последно време, покрај политичката криза во која се повеќе тонеме, охрабрувачки се „малите гласови“ кои поттинуваат на борба против насилство особено врз жената и децaта и на говорот на омраза.

Дел од граѓанскиот сектор, невладините организации, но и сосем просечниот човек, јавно зборуваат против насилството, мигрантската криза и за  ред општествени неправди.

Големите моќници, зад нивното привидно слепило, многу добро знаат дека  ниту еден народ не е помалку вреден, само затоа што е таков роден, барем не од аспект на вредноста на мултиетничка, мултиконфесионална и мултикултурна Европа.

Неприфатливо е, да се навреди лице или да се изрази омраза кон неа само затоа што е жена, да се смета  безвредна оти е од друга религија и затоа што не делиме исто мислење за многу работи.

Потценувањето не е само е општествено неприфатливо, туку токму спротивно – разновидноста е секогаш добредојдена.

Не сум сигурна дали може да се нарече новинарска среќа, всушност среќа не е соодветниот збор, но додека известував за патот на мигрантите низ Балканската рута, видов истепани жени, понижени, навредени.

Бегалската кризата во Македонија во регионов ја следам во последните неколку години, секојдневно, и досега не сретнав жена што плаче.

Но, сум видела доста жени во обид да ги скријат солзите барем од своите деца.

Поради црната линија кон Европа, жени и  деца умреа на патот кон слободата и сонот за поубав живот.

Патот на мигрантите е пат на живот и смрт.

Оваа црна линија ме потсетува на едена жена од Авганистан, која сеуште го чека својот ден заглавена во Прифатно –транзитниот центар во Табановце. Мигрантката од Авганистан со својот четиригодишен син успеала да стигне само до Табановце, но за нејзината несреќа да биде поголема од стравот од смртта во нејзината татковина, како вели, Србите и ја затвориле границата пред нос – инаку доесега ќе била со мажот и во Германија. Рече дека од дома понела само малку пари и едно црно моливче.- Мојот маж сака кога ги цртам очите. Сакам да сум убава кога ќе ме види. Му го носам синот, ама никако да стигнам, зборуваше Авганистанката додека се трудеше да земе здив оти солзите веќе и навираа во очи и,  само ја наведна главата.

Тогаш како сите ние да ја наведнавме главата пред црните линии. Границата кон Европа е затворена за дел од мигрантите меѓу кои илјадници жени кои останаа без своите мажи и деца кои копнеат по раката на својот татко.

Зарем е така лесно , како со црно моливче за очи да се потцрта нечија судбина ?

Насилство е злоупотребата на нечија немоќ.

Кој е тој што сега со чиста совест може да каже дека не е виновен за овие жени и деца ?

Можеби нашите внуци ќе откријат начин да стигнат до ѕвездите , па ќе се смеат на нашите маки  додека болно сме ползеле преку непознатите предели во светот.

Но, во овој бегалски пат не се само жените и деца мигранти жртви на насилство, туку оваа мигрантска голгота е насилство врз секој човек, без разлика дали е мигрант, бегалец, новинар, па дури и полицаец, добронамерник, селанец кој немо ги гледа како кредешкум бегаат низ неговата нива.

Ова насилство врз човештвото е засекогаш изгубено време.

Предолго заробени на ничија земја.

 Со месеци деца се раѓаат и растат во шатори, и тоа е насилство.

Секој има право на слобода, а секој новинар особено ако работи со мигранти , треба добро да знае дека секое пропагирање на војна е вербално насилство.

Секој повик на национална, расна или верска омраза, претставува поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство.

Медиумите поради својата улога во информирањето на јавноста и формирањето на јавното мислење, се оние кои ја имаат истата моќ или да се соучесници во создавањето, па дури и да создадат своја атмосфера на непријателство или насилство но, исто така, и да промовираат толеранција како основа на секое организирано општество.

Признавам дека во новинарството дојдов верувајќи дека имам големи шанси да ги пренесам работите на вистинскиот начин. Тоа што се обидувам  да го правам  и да ги советувам моите помлади колеги, е да го почитуват човекот и вистината.

А, слободата на говорот е една од најголемите вредности на човештвото, границите на таа слобода во голема мера зависат само од човекот.

 

Подготвила: Марија Тасев (Дневник)

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас. 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости