Прес-конференција – Трократно убиство во Кавадарци

Фемицид е намерно убиство на жена затоа што е жена, но пошироката дефиниција го објаснува поимот како убиство на жени и девојки поради род, тортура или мизогенично убивање на жена, убиство во име на честа, убиство насочено кон жени во контекст на вооружен конфликт, фетицид, генитално сакатење со смрт… Фемицидот  го извршува маж, најчесто сегашен или бивш партнер, а му претходи долгогодишна злоупотреба во домот, закани и заплашувања, сексуално насилство или ситуации каде жените се помалку моќни и имаат помали ресурси од својот партнер.

Фемицидот е најтешка форма на насилство врз жени и е директна последица на семејно насилство или интимно партнерско насилство.

Случаи на фемицид во Македонија во 2014:

Датум: 20 Мај 2014 – Мртва жена пронајдена во Кавадарци – Сторителот живеел во вонбрачна заедница со жртвата. Убиство извршено со секира.

Датум: 21 Мај 2014 – Мажот ја убил жената, па се самоубил – 42-годишниот скопјанец  со огнено оружје пиштол ја усмртил 38-годишната штипјанка, па потоа се самоубил. Сторителот и жртвата биле во претходна љубовна врска. Жртвата подолго време на своите најблиски им кажувала дека тој и се заканува дека ќе ја убие доколку го остави.

Датум: 22 Јули 2014 – Двојно убиство и самоубиство –Скопјанец (36), стрелајќи од својот службен пиштол, најпрво ја убил својата две години помлада пријателка со која бил во љубовна врска (34), а потоа и нејзината сестра (31). Потоа си го одзел животот.

Датум: 09 Ноември 2014 – Трократно убиство во Кавадарци – Маж (40) ги убил таткото, мајката и сестрата на сопругата со која веќе имале отпочнато бракоразводна постапка.  Сопругата и нејзиниот татко неколку пати пријавувале семејно насилство и закани по живот последниве неколку месеци во одговорните институции, но не биле превземени конкретни мерки за заштита на членовите на семејството.

Ова се убиства на жени и членовите на нивните семејства, извршени од страна на интимен партнер/сопруг/бивш сопруг кои се случиле во период мај – ноември 2014 година – последниве шест месеци. Во три од четири случаи постоело семејно насилство или интимно партнерско насилство.

Ова е алармантна бројка која укажува на нефункционирање на системот за заштита на жртвите на семејно насилство. Во однос на интимно партнерско насилство ваков систем и не постои.

Сите евидентирани случаи на фемициди, како и случајот на трократно убиство во Кавадарци на граѓани покажуваат дека во државата не нуди заштита за граѓаните од семејно насилство.

При случаите на фемициди и останати убиства кои се случиле  во изминатиот период како последица на семејното насилство, не само што не се презеле мерки за да бидат спречени туку не се преземени конкретни  мерки за нивно расветлување за да се побара директна одговорност од лицата во институциите кои биле одговорни да ги заштитат жртвите од семејно насилство.

Во последниот случај во Кавадарци каде што се случи трократно убиство во семејство за кое е осомничено лице коешто е пријавено како сторител на семејно насилство, останува нејасно кои се мерките коишто ги презеле институциите за да го спречат сторителот да посегне по животите на други лица.

Денес прашуваме што треба да се случи во нашата држава за надлежните институции да почнат сериозно, професионално и одговорно да го третираат секој пријавен случај на семејно насилство?

Уште колку деца треба да останат без мајки, колку граѓани треба да ги загубат животите на своите најблиски поради семејно насилство, за системот за заштита конечно да почне да функционира?

Бараме од Министерството за труд и социјална политика како најповикана институција која раководи со Националното координативно тело за заштита од семејно насилство во коешто членуваат сите министерства одговорни за заштита од семејно насилство да иницира детална истрага преку која јавноста ќе добие одговори на следните прашања:

–      Дали стручниот тим од центарот за социјална работа направил проценка на ризик по животот на жртвата и останатите членови од семејството и кои мерки се превземени од страна на институциите за заштита на нивните животи врз основа проценетиот ризик?

–      Дали од страна на надлежните институции се превземени мерки за одземање на огненото оружје на осомничениот откако бил пријавен како сторител на семејно насилство?

–      Дали по пријавувањето на семејното насилство центарот за социјална работа на сторителот му понудил или го упатил на психолошко советување и третман за справување со насилно однесување?

–      Дали се преземени мерки од страна на надлежните институции со кои се регулирало движењето на сторителот и ограничило приближувањето до домот на жртвата и нејзиниот семејство?

–      Кои се институциите и кои се лицата вработени во институциите кои не постапиле стручно и професионално и не ги почитувале протоколите за заштита од семејно насилство поради што животот го загубија тројца граѓани?

Бараме спроведување на целосна истрагата која ќе ги идентификува сите чекори и пропусти направени во системот на заштитата и врз основа на наодите од истата бараме да се покрене постапка за одговорност на  конкретни лица и институции.

Дополнително  врз основа на  наодите од истрагата бараме Министерството за труд и социјална политика како креатор на политики за семејно насилство да иницира итни мерки во практика со коишто ќе се гарантира безбедноста по здравјето и животот на сите граѓани во земјата коишто се жртви на семејно насилство и со кои нема да се дозволи да се повтори ваков или сличен случај во иднина.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во