Сексуално насилство и силување

Секоја година милиони жени страдаат од некаков вид на насилство, било да е тоа семејно насилство, силување, трговија со луѓе, и други форми на злоупотреба. Насилството врз жените има разни форми: психичко, физичко, сексуално и економско и овие видови на насилство се поврзани и ги афектираат жените од сите возрасти. Насилството врз жените е присутно во сите култури, региони, земји и општества, а корените на насилството лежат во постојаната дискриминација врз жените.

Сексуалното насилство или силувањето претставува присилен сексуален однос кој во себе вклучува психолошка присилба и физичка сила. Во позадина на силувањето може да постои и задоволување на сексуалната потреба, но најчесто е израз на докажување на моќ, доминација и одржување на контрола врз жртвата. Силувањето како облик на насилство е присутно во сите општества и во сите социјални слоеви. Се проценува дека секоја петта жена во животот искусува силување или обид за силување. Најчесто сторителот на силувањето е познат на жртвата. Силувањето како облик на насилство е исто така присутно во интимните партнерски односи и бракот. Во оваа форма – силување во брак, многу ретко се препознава како сексуално насилство најмногу поради длабоко вкоренетите сфаќања во патријархалните општества, како што е македонското, дека обврска на жената е да го задоволи својот маж/сопруг при тоа не земајќи ги во предвид нејзините желби и потреби.

Според истражувањата кои се спроведени во ЕУ, најголемиот број жени жртви на силување не го пријавуваат случајот во полиција или друга институција или организација. Како резултат на тоа бројот на пријавени случаи за силување е многу низок и најголемиот број на жени не доаѓаат во контакт со правниотсистем.

Последиците од сексуалното насилство можат да бидат физички и психолошки. Психолошките последици вклучуваат: самообвинување, пост – трауматско стрес растројство, нарушувања на личноста, нарушувања на спиењето, нарушувања на исхраната, анксиозност, депресија, растројства на личноста, па дури и суицидни мисли и однесувања. Овие последици можат да бидат краткотрајни, но можат и да имаат и долгорочно влијание врз личноста. За да ја  надмине траумата, на жртвата најчесто и е потребна стручна поддршка од психолог или психотерапевт.

 Што може да се стори за да се заштити жртвата на сексуално насилство

 Напорите за заштита и поддршка на жртвите на сексуалното насилство во голема мера се фокусираат на:

  • Воспоставување соодветни кризни центри за жртви на силување или центри за упатување на жртви при силување
  • Промени во законите и начините за справување со цел воспоставување на ефикасни мерки за заштита на жртвите и соодветно гонење  на сторителите
  • Соодветни и ефикасни здравствени услуги кои во значителна мера можат да придонесат кон обезбедување на докази во процесот на гонење на сторителите

 

Во однос на превенцијата од можно сексуално насилство потребно е да се воведат едукативни програми на сите нивоа во образовниот процес, а кои ќе ги третираат родовите теми и вештините за градење на здрави партнерски односи (a кои се дел и од сеопфатното сексуално образование), а се со цел промена на деструктивните модели на однесување и ставови кон сексуалното насилство. Континуирано спроведување на национални кампањи ќе придонесе за зголемување на знаењето и свесноста кај општата популација за постоењето на овој проблем и негативните последици од истото.

 

Текстот го подготви Благородна Шопова од Национален совет за родова рамноправност – СОЖМ, членка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“ која се спроведува со поддршка од Американската амбасада во Скопје. 

 

 

 

 

 

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во