Завршна студија за задоволството на жени жртви на РБН и СН како кориснички на услуги во ЦСР

Во текот на 2022г. тимот на Националната мрежа изработи “Завршна студија за задоволството на жени жртви на родово базирано насилство и семејно насилство како кориснички на услугите во Центрите за социјална работа“. Завршната студија се спроведе 2 години по спроведувањето на Базична студија на истата тема, со цел да се увидат односно споредат можните промени во задоволството од услугите кои се обезбедуваат за жени жртви на РБН и СН.

Имено, согласно препораките на Базичната студија беа спроведени 6 регионални тренинзи за 18 Центри за социјална работа, односно 78 професионални вработени во истите. Дополнително, со дел од професионалците се работеше и менторски односно консултативно при постапувањето на терен за заеднички случаи на насилство врз жени. Освен тоа, беа донесени и повеќе подзаконски акти поврзани со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство (2021), чија цел е да се унапреди примената за законот како и постапувањето на терен во насока на подобро заштита на жртвите на насилство.

Имајќи ги предвид горенаведените случувања, завршната студија се спроведе со истите параметри како и базичната студија, односно опфати 68 кориснички на услуги од 9 локални центри за социјална работа и 8 специјализирани услуги обезбедени од ГО/ЖГО.

Третманот на жени жртви во центрите за социјална работа е оценет со 8.8% како многу незадоволителен, 17.6% како незадоволителен, 23.5% како малку задоволителен, 41.2% како задоволителен и 8.8% како многу задоволителен. Споредено со базичната студија, се забележува зголемување на задоволството од услугите во ЦСР од 31% на 41% како „задоволително“, и дополнителни 8,8% како „многу задоволително“.

Заклучоците на завршната студијата укажуваат на тоа дека има подобрување во постапувањето на ЦСР, особено во делот на процена на ризик и креирање индивидуални планови за работа. Сепак, фокусот е сеуште на ризикот од насилство, а недостасува процена и на социјалните ризици кај жртвите. ЦСР соодветно информирале и упатувале на психосоцијално советување, како и на услугите за привремен престој, но во оние градови каде не постојат вакви услуги, ЦСР не биле во можност да ги упатат корисничките. Немало информирање за долготрајно домување и финансиска поддршка на корисничките, поради недостаток на соодветни локални услуги за реинтеграција. Подобрување има и во ставовите на вработените во ЦСР, кои покажале поддршка кон жртвите, без осудување или оправдување на насилството.

Завршната студија дава понатамошни препораки за унапредување на работата на Центрите за социјална работа и воопшто на системот за заштита и реинтеграција на жени жртви на РБН и СН. Пред сè, од исклучително важност е обезбедување финансиска поддршка на ЖГО и ГО за воспоставување и одржливост на специјализирани услуги во сите делови на државата, до кои жртвите ќе имаат полесен пристап и каде локалните ЦСР ќе можат да ги упатуваат. Државата мора да донесе и Програма за реинтеграција на жени жртви на РБН и СН, со што ќе се овозможи воспоставување и на локални услуги за реинтеграција и рехабилитација на жртвите. Неминовни се континуирани обуки на давателите на услуги и во ЦСР и во ЖГО, со цел соодветно постапување на терен. Конечно, МТСП мора да ја ревидира Одлуката за чинење на услугите кои ги обезбедуваат ГО како и процесот на лиценцирање на ГО како даватели на услуги, со цел поголема одржливост на специјализираните услуги за жени и деца жртви на РБН и СН.

Студијата во целост може да ја прочитате на овој линк.

Оваа активност се спроведе во рамките на проектот „ Институционализирање на квалитетни услуги за рехабилитација и интеграција на жртви од насилство“ поддржан од Австриската Агенција за развој (АДА), и е дел од регионален проект кој е спроведува во 6 земји од Западен Балкан (Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија).

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости