03.04.2016: Колумна: Сексуалното насилство и лицата со интелектуална попреченост

Ја познавам одамна. Одевме заедно во основно и се дружевме, потоа секоја од нас замина во различно училиште. Се сеќавам имаше сестра со интелектуална попреченост, но долго време се немавме видено иако откако се запишав на дефектологија често помислував на неа. Но, пред некое време повторно ни се сретнаа патишта. Сега малку повозрасни. Таа ме побара да побара помош за нејзината сестра, бидејќи разбрала дека можам да и помогнам. Ми се довери дека има голем проблем, дека на сестра и, која покрај другото е и глуво-нема, нема кој да и помогне откако нивниот братучед ја силувал. Мојата некогаш весела другарка, повеќе го нема сјајот во очите, ја нема радоста во секој збор и оптимизмот со кој беше полна кога велеше „еден ден ќе станеме славни“…Мечтаеше да биде мис на светот, а имаше зошто, беше невообичаено убава девојка.

„Но, животот е миг!“ ми вели таа раскажувајќи за она што им се случило, но многу повеќе за последиците што се уште ги преживува, откако нејзината сестра била жртва на сексуално насилство. Прво ја прашав до каде е со студиите, бидејќи неможев ни да замислам дека мојата амбициозна соученичка не се запишала на факултет. Мечтаеше да биде моден креатор!

„Не, вели со тажен глас, не се запишав на факултет! Откако ја силуваа сестра ми , се плашев да излезам од дома…„ – и почна да ја раскажува нејзината приказна…

„ Луѓето со инвалидитет никој не ги сака, сите им се исмејуваат и ги злоупотребуваат. А, уште повеќе боли кога тоа ќе ти го направат блиските…Е, нам тоа ни се случи! Мојот прв братучед, син на мојата родена тетка, со уште двајца негови другари ја силуваа мојата сестра…Сметаа дека никој нема да и верува во тоа што ќе го каже…И, имаа право“ – со солзи во очите ми раскажува и почнува да се тресе.

Ми објаснува дека тогаш прв пат во животот се почувствувала беспомошно, безнадежно, исплашено и помислувала да се самоубие. И, не поради силувањето на сестра и, туку поради тоа што немале кому да се обратат, од кого да побараат помош, а да не се тоа родителите.

„Во Скопје нема институција во која може да појдеш сам и како глуво-нема да побараш помош. Нема ниеден доктор кој го говори знаковиот јазик, а искрено нема ни доктор кој има желба и внимание да ислуша девојка со интелектуална попреченост„ – се жали мојата пријателка која бара помош за нејзината сестра. Се договоривме да појдам кај нив и да разговарам со неа, да и помогнам колку можам, но ми остана горчина во душата за сите оние девојки со попреченост кои немаат кому и каде да се обратат. Нејзината приказна ме натера да направам истражување каква е достапноста за лицата со посебни потреби до здравствените установи, социјалните служби и колку вработените се подготвени за работа со лицата со хендикеп – жртви на насилство.

Податоците ме соборија!

Истражувањето ми покажа дека жените со попреченост често стануваат жртви на насилство, а најчеста причина за тоа е бидејќи немаат пристап до информации, насилникот не ретко е и лице блиско до нив, лице кое се „грижи“ за нив. За разлика од останатите, овие лица доста долго време го трпат насилството, не знаејќи каде да се обратат за помош.

Силувањето и другите форми на сексуалното насилство се најзастапените облици на насилство кај оваа група лица. Тоа претставува присилен сексуален однос кој во себе вклучува и физичка сила, или пак присилба на други сексуални дејствија. Лицата со интелектуална попреченост не знаат како да реагираат на сето тоа, збунети се, но по настанот пробуваат да им дадат до знаење на останатите на секој можен начин.

Истражувањата во светски рамки, покажуваат дека дури 25% од девојчињата и жените со интелектуална попреченост имаат историја на сексуално насилство. Друга студија пак, вели дека 49% од лицата со интелектуална попреченост, во текот на својот живот ќе доживеат сексуално насилство 10 или повеќе пати.

Во Република Македонија немаме конкретни податоци за тоа колкав број од лицата со интелектуална попреченост се жртви на сексуално насилство. Но, податоците од истражувањето на тема „Сексуална злоупотреба на лицата со ментална ретардација“, спроведено во 2009 година, од страна на доц. д-р Оливера Рашиќ Цаневска и проф. д-р Владимир Трајковски, ја покажуваат застрашувачката реалност. Скоро половина од испитаниците немаат никакви познавања за тоа што е сексуално насилство, не разговарале на таа тема ниту со родителите, ниту со наставниците. Токму тоа е една од причините зашто повеќе од 20% биле жртви на сексуално насилство. Загрижувачки е фактот што голем број се изјасниле дека нема да кажат на никого доколку бидат жртви или пак доколку дознаат дека некој познаник биде жртва.

Потребно е многу да се работи на оваа тематика во нашата држава. Недостасуваат кадри специјално обучени за работа со лица со интелектуална попреченост, кои за почеток ќе ги информираат за тоа како да го препознаат насилството и како да одговорат во таква ситуација. Од друга страна пак, потребно е и поголема грижа од страна на здравствените работници и наставниците/негувателите кои можат рано да ги препознаат знаците на насилство врз овие лица.

Подготвила: Стефани Накова

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас. 

Сподели

Со поддршка од