Статут

С Т А Т У Т
(ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ)

Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
-Глас против насилство

1 . ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој статут се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрацијата, работењето и имотот со кој располага, надзорот, статусните промени и престанокот на Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство-Глас против насилство (во натамошниот текст: Мрежата “Глас против насилство“) како мрежа.

Член 2

Мрежата “Глас против насилство“ е облик на доброволно здружување на самостојни и независни организации и поединци, кое е невладино, непрофитно, непартиско здружение и делува на целата територија на Република Македонија и истото е основано заради остварување на целите, дејности и заштита на социјални, културни, хуманитарни права и интереси, уверувања, обезбедување на човековите права и слободи и создавање на еднакви можности меѓу родовите во согласност со Уставот и Законот.

Член 3

Името на мрежата е: Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство-Глас против насилство. Со скратено име Национална мрежа “Глас против насилство“.
Седиштето на мрежата е во Скопје во простории на ул. Христо Смирненски бр 16А.

Член 4

Мрежата “Глас против насилство“ е правно лице, со права, обврски и одговорности утврдени со овој Статут, Уставот и Законот.
Мрежата “Глас против насилство“ е основана од 11 граѓански организации од мултиетнички состав од Република Македонија кои работат на полето на превенција и справување со проблемот на насилство врз жените, вклучително и семејно насилство.
Мрежата “Глас против насилство“ преставува прва мултиетничка мрежа од ваков вид во Република Mакедонија.
Мрежата “Глас против насилство“ се стекнува со својство на правно лице со денот на уписот во Регистарот на здруженија што го води Централниот Регистар на Република Македонија.
Здруженијата кои се здружиле во Мрежата “Глас против насилство“, со здружувањето не го губат својството на правно лице.

Член 5

Со овој Статут Мрежата “Глас против насилство“, се смета дека е регистрирана на неопределено време, бидејќи со актот за основање не е предвидено време на траењето и делувањето.

Член 6

Мрежата “Глас против насилство“има печат и штембил. Печатот има тркалезна форма со пречник од 3 см. во чија внатрешна страна полукружно е испишано: Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство-Глас против насилство.
Штембилот е со правоаголна форма и на него е испишано следниот текст: во прв ред:
Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство-Глас против насилство “, во втор ред: “БР“ и место за број, во трет ред: оставен е простор за датум и во четврти ред: Скопје – Република Македонија.

2. ЦЕЛИ И ДЕЈНОСТИ

1. ЦЕЛИ

Член 7

Мрежата “Глас против насилство“ е составена од граѓански организации од Македонија кои работат на полето на превенција и справување со проблемот на насилство врз жените, вклучително и семејно насилство.
Мисијата на Мрежата “Глас против насилство“ е координирано делување на граѓанските Организации во насока на унапредување на политиките и практиките за справување со проблемот на насилство врз жените и семејно насилство. Мрежата “Глас против насилство“ се стреми кон препознавање на женските човекови права и нивна афирмација во Рeпублика Македонија.
Стратешки цели на Мрежата “Глас против насилство“ се:
• Влијание на Мрежата “Глас против насилство“ врз националните политики
• Актуелизирање на проблемот на насилство врз жените и семејно насилство
• Зајакнување на внатрешните капацитети и координирано делување на мрежата
• Подобрување на моделот на заштита на жртви спроведуван од Граѓанските организации
• Развивање на меѓународна (регионална) соработка

2. ДЕЈНОСТИ

Член 8

• Застапување за вклучување на родово сензитивни превентивни програми во образовниот систем (на основно, средно и универзитетско ниво) вклучувајќи го и системот за образование на лица со посебни потреби;
• Собирање податоци од веќе постоечки истражувања и анализи, како и податоците за повици, сметсување и прифаќање на жртвите од страна на членките;
• Изготвување на извештаи до МОН кои ќе бидат базирани на аргументи од истражувања/анализи;
• Независен мониторинг на имплементацијата на националната стратегија;
• Следење на имплементацијата на локалните акциони планови во однос на квалитетот на услугите во неколку пилот општини, како и анализа на примената на легислативата на локално ниво;
• Предлог за изработка на нови или измена на веќе постоечките законски решенија;
• Застапување и лобирање за усвојување на меѓународни документи меѓу кои и предлог конвенцијата на Советот на Европа;
• Одбележување на светски денови за борба против насилство врз жените и семејно насилство;
• Организирање на информативни настани за проблемите со насилство врз жените и семејно насилство пред релевантните институции и пошироката јавност;
• Превентивни активности – кампањи, едукативни трибини за пошироката јавност, актуелизирање на законската регулатива итн;
• Родово сензибилизирање и промовирање на меѓународните документи поврзани со насилството врз жените вклучително и семејното насилство кај релевантните институции, организации итн;
• Креирање на механизми за координирање меѓу членовите поради подобрување на услугите кон жртвите;
• Развивање на програма за поддршка за стручните лица (професионалци) кои директно работат со жртви;
• Обуки и семинари за подобрување на моделите за работа со жртви;
• Студиски посети;
• Градење на капацитетите на мрежата врз основа на претходно утврдени потреби на членките;
• Мапирање на ресурсите со кои располагаат поединечните членки како и областите во кои делуваат;
• Промовирање и развивање на модели за работа со жени затворенички (извршители на кривични деликти како последица на семејно насилство);
• Промовирање и развивање на модели за економско јакнење на жртви на семејно насилство особено во насока на соработка со бизнис секторот;
• Развивање на етички кодекс за работа со жртви;
• Собирање на информации за семинари и обуки во регионот и пошироко и дистрибуирање на информациите преку листата на мрежата;
• Зачленување во светски меѓународни мрежи и други мрежи;
• Мрежата нуди директни сервиси кон жртвите на насилство (СОС линии, прифатилишта, бесплатна правна помош, психо-социјална помош, поддршка на жртвите и сл.) преку своите организации-членки.

3. ОСНОВНИ НАЧЕЛА

Член 9

Мрежата “Глас против насилство“ е независна во управувањето, определувањето и остварувањето на целите и дејностите утврдени со овој статут во согласност со Уставот и Законот.

Член 10

Мрежата “Глас против насилство“ не може да остварува добивка .
Мрежата “Глас против насилство“ може да врши дејности со кои може да се стекне со добивка, само во случај ако дејноста е поврзана со целите утврдени со Статутот.
Остварената добивка од став (2) на овој член не може да се распределува меѓу основачите, членовите на органите, вработените или било кое друго лице од Мрежата “Глас против насилство“.
Добивката од став (2) може да се искористи само за потребите на Извршната канцеларија или за реализирање на други активности предвидени во Годишната програма за работа.

Член 11

Мрежата “Глас против насилство“ не може да се трансформира во друг вид на правно лице, спротивно на целта за која е регистрирана.

Член 12

Во остварување на своите цели и задачи Мрежата “Глас против насилство“ ќе соработува со:
– Министерства при Владата на Р.Македонија;
– Стручни и други институции и организации;
– Меѓународна соработка со меѓународни организации;
– Соодветни НВОи;
– групи во Државата и надвор од неа и вклучување во нивните мрежи;

Член 13

Мрежата “Глас против насилство“ дејствува и се организира врз територијален принцип и истата е самостојна во организирањето и остварувањето на своите цели, интереси и активности утврдени со овој Статут.
Мрежата “Глас против насилство“ своите права,обврски и одговорности ги остварува согласно Уставот , Законот и овој Статут.

Член 14

Мрежата “Глас против насилство“ не може да врши политички активности, или да го користи својот имот и средства за остварување на целите на политичките партии, било со директно учество во изборните кампањи или собирање на средства и финансирање на политички партии.

Член 15

Програмата и дејствувањето не може да биде насочено кон:
1. Насилно уривање на Уставниот поредок на Државата
2. Поттикнување или повикување на воена агресија
3. Поттикнување и разгорување на национална, расна и верска омраза и нетрпеливост
4. Преземени активности поврзани со тероризам, активности кои се спротивни на Уставот или законите и се повредуваат и правата на други лица.

Член 16

Мрежата “Глас против насилство“ има право да бара заштита на нејзините интереси при неоправдано користење на нејзиното име од друга мрежа, граѓанска организација, со повредување на интересите на мрежата, кое барање да се истакнува пред редовен суд за престанок на употреба на нејзиното име, како и барање за надомест на штета која е причинета од такво нешто.

Член 17

Мрежата “Глас против насилство“ има право да користи даночни и царински олеснувања во согласност со Закон.

Член 18

Мрежата “Глас против насилство“ може слободно да ги искажува и промовира своите ставови и мислења за прашања од нејзин интерес,да поведува иницијативи и да учествува во градење на јавно мислење и креирање на политиките.

4. ЧЛЕНУВАЊЕ, ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ

Член 19

Мрежата “Глас против насилство“ е мрежа во која членуваат здружененија и поединци без оглед на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор.

Член 20

Редовните организации членки на Мрежата “Глас против насилство“ ги имаат следните права и обврски:
– Да учествуваат во креирањето на политиката на Националната мрежа;
– Да покренуваат иницијативи и да дава предлози за активности на Националната мрежа согласно Годишната програма за работа;
– Да бираат, да бидат избрани и да учествуваат во работата на органите и телата на мрежата;
– Јавно да ги застапуваат интересите на мрежата;
– Да дистрибуираат информации за својата работа преку мејлинг листата на мрежата;
– Да примаат информации и извештаи за работата на мрежата и нејзините членки;
– Навремено да ги исполнуваат преземените задачи и да се изјаснуваат по предлозите на органите и телата на мрежата;
– Да бидат носители на активности имплементирани од мрежата;
– Редовно да учествуваат на седниците на Собранието;
– Да истапат од Националната мрежа.

Член 21

Асоцијативните организации членки на Мрежата “Глас против насилство“ ги имаат следните права и обрвски:
– Да покренуваат иницијативи и да даваат предлози за активности на Мрежата “Глас против насилство“ согласно стратешкиот план и принципите на Мрежата “Глас против насилство“;
– Јавно да ги застапуваат интересите на Мрежата “Глас против насилство“;
– Да дистрибуираат информации за својата работа преку мејлинг листата на Мрежата “Глас против насилство“;
– Да примаат информации и извештаи за работата на Мрежата “Глас против насилство“ и нејзините членки;
– Да учествуваат и да ги подржуваат активностите на Мрежата “Глас против насилство“;
– Да учествуваат на седници на Собранието;
– Да истапат од Мрежата “Глас против насилство“.

Член 22

Поединците членки на Мрежата “Глас против насилство“ ги имаат следните права и обрвски:
– Да покренуваат иницијативи и да даваат предлози за активности на Мрежата “Глас против насилство“ согласно стратешкиот план и принципите на Мрежата “Глас против насилство“;
– Јавно да ги застапуваат интересите на Мрежата “Глас против насилство“;
– Да бидат избрани и да учествуваат во работата на органите и телата на мрежата;
– Да дистрибуираат информации за својата работа преку мејлинг листата на Мрежата “Глас против насилство“;
– Да примаат информации и извештаи за работата на Мрежата “Глас против насилство“ и нејзините членки;
– Да учествуваат и да ги подржуваат активностите на Мрежата “Глас против насилство“;
– Да учествуваат на седници на Собранието;
– Да истапат од Мрежата “Глас против насилство“.

1.УСЛОВИ ЗА ПРИЕМ НА ЧЛЕНСТВО НА ЗДРУЖЕНИЈА И ПОЕДИНЦИ

Член 23

Мрежата “Глас против насилство“ е отворена за сите здруженија кои делуваат против различните облици на насилство врз жените, вклучително и семејното насилство.
Членството во Мрежата “Глас против насилство“ може да биде регуларно, асоцијативно и индивидуално.

Член 24

За прием во членство на Мрежата “Глас против насилство“, заинтересираното здружение мора да ги исполнува следните услови:
– Да е регистрирано како правен субјект најмалку 1 (една) година;
– Активно да делува во областа на заштита од насилство врз жените и/или
семејното насилство во последните 1 (една) година;
– Да ги прифати принципите и правилата за работа на Мрежата “Глас против насилство“;
– Доколку заинтересираната организација е веќе постоечка мрежа, ќе биде
третирана како поединечна организација.

Член 25

Првата година заинтересираната организација која поднела барање за членство и ги исполнува условите, ќе биде третирана како асоцијативна членка.
Асоцијативната членка треба да ги почитува правата и обврските предвидени со овој Статут и правилникот за работа на мрежата.
Втората година организацијата-членка по автоматизам станува регуларна членка, освен ако организацијата-членка самата не побара да остане асоцијативна членка и/или Собранието не одлучи поинаку.

Член 26

Барањата за членство во Мрежата “Глас против насилство“ може да се достават во текот на целата година. Заинтересираното здружение доставува писмо на намера и барање за прием со кое се приложува:
– писмена документација која ги потврдува горенаведените услови (Решение од Централен
Регистар,Годишен план за работа на организацијата и CV на организацијата)
– две препораки од релевантни чинители
– писмена изјава за прифаќање на принципите и правилата за работа на мрежата.
Целокупната документација треба да биде потпишана и заверена од страна на овластениот застапник на организацијата.
Целокупната документација се доставува до Управниот одбор на Националната мрежа, кој ги разгледувата барањата за прием на нови членки на секои три месеци

Член 27

Управниот одбор ја проверува документацијата доставена од заинтересираното здружение/поединец по однос на критериумите за членство од член 23, член 25 и член 29.
Во процесот на проверка на документацијата, Управниот одбор може да консултира други здруженија, како и да побара дополнителна документација од заинтересираното здружение/поединец и да изврши посета на просториите на здружението со цел да се согледаат фактите за делувањето на организацијата.
Предлог одлуката за прием на членство Управниот одбор ја донесува на почетокот на првото тромесечие од приемот на документацијата.
Управниот одбор дава предлог за одлука за прием која ја гласа Собранието на мрежата.
Гласањето се врши на седница на Собранието или преку мејлинг листа (доколку Собранието не може да се состане).
Одлуката за прием се донесува со просто мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на Собранието (50% + 1) кои имаат право на глас.
Одлуката за прием во членство на Мрежата “Глас против насилство“ мора да биде образложена и доставена во писмена форма до здружението/поединецот кои аплицирале за членство.

Член 28

Мрежата “Глас против насилство“ е отворена за сите поединци кои делуваат против различните облици на насилство врз жените, вклучително и семејното насилство.

Член 29

За прием во индивидуално членство на Мрежата “Глас против насилство“, заинтересираниот поединец морада ги исполнува следните услови:
• Активно да делува во областа на заштита од насилство врз жените, вклучително и семејното насилство;
• Да не обавува јавна функција во политичка партија;
• Да ги прифати принципите и правилата за работа на мрежата.

Член 30

Заинтересираниот поединец доставува барање за прием со кое се приложува:
• CV;
• Мотивационо писмо;
• писмена изјава за прифаќање на принципите и правилата за работа на Мрежата “Глас против насилство“.
Целокупната документација треба да биде потпишана од страна на апликантот за членство.
Целокупната документација се доставува до Управниот одбор на мрежата.
Процедурата се прием се извршува согласно Член 27.

Член 31

Членката на Мрежата “Глас против насилство“ може да биде исклучена од мрежата доколку постои најмалку една од следните причини:
• Јавно дејствување и активности спротивни на принципите на Мрежата “Глас против насилство“, на другите акти на мрежата Мрежата “Глас против насилство“, одлуките на Собранието на Мрежата “Глас против насилство“ или одлуките на Управниот одбор;
• Неизвршување на обврските во спроведувањето на заеднички проект на мрежата;
• Најмалку три последователни отсуства од состаноците, активностите и дефинирање на политиките преку мејлинг листата, без притоа да делегира заменик;
• Отсуствување најмалку три пати од седниците на Собранието, без притоа да делегира заменик;
• Континуирано нарушување на односите во рамки на Мрежата “Глас против насилство“;
• Нанесување на штета на угледот на Мрежата “Глас против насилство“ или некоја од членките на истата;
• Злоупотреба на Мрежата “Глас против насилство“ за лични интереси согласно Правилникот за судир на интереси;
• Непочитување на Правилникот за комуникација на Мрежата “Глас против насилство“.

Член 32

Постапка за исклучување од членството во Мрежата “Глас против насилство“ може да покрене секоја членка на Мрежата “Глас против насилство“, со аргументиран предлог кој се доставува до Управниот одбор.
По прием на предлогот, Управниот одбор го разгледува и доколку утврди дека е уредно аргументиран, доставува писмо до организацијата/поединецот за кои се бара исклучување.
Со писмото се информира организацијата/поединецот за наведените причини за исклучување и се бара да се изјаснат.
Рокот за изјаснување на организацијата е 15 дена. Доколку организацијата не се изјасни во дадениот рок, Управниот одбор може да преземе последователни чекори.
По приемот на изјаснувањето, Управниот одбор ги разгледува и проценува наодите содржани во изјаснувањето, и се консултира со други здруженија доколку е потребно.
Доколку врз основа на утврдените факти се заклучи дека постојат причини за исклучување, Управниот одбор утврдува предлог за исклучување.
Образложениот предлог за исклучување Управниот одбор го доставува до Собранието.

Член 33

Одлуката за исклучување ја донесува Собранието.
За донесување на одлука од став 1 на овој член потребно е мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Собранието кои имаат право на глас.
Одлуката за исклучување мора да биде образложена.
Одлуката за исклучување е конечна и стапува во сила веднаш.
Одлуката на Собранието се доставува на членката на здружението за чие исклучување е донесена одлука и јавно се објавува на веб страната на Мрежата “Глас против насилство“.

Член 34

Мрежата “Глас против насилство“ води регистар на членство и евиденција на членовите на органите.
Податоците од овој став(1) на овој член се ажурираат најмалку еднаш на две години.
Мрежата “Глас против насилство“ ја гарантира анонимноста на личните податоци на членовите кои тоа го побарале.
Податоците се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.

5. ОРГАНИТЕ НА МРЕЖАТА

Член 35

Органи на Мрежата “Глас против насилство“ се:
1. Собрание
2. Управен одбор
3. Извршна канцеларија
4. Надзорна комисија

Член 36

Собранието е највисок орган на Мрежата “Глас против насилство“.
Собранието го сочинуваат организации-членки и поединци-членки на Мрежата “Глас против насилство“.
Организациите редовни членки на мрежата имаат право на глас на Собрание, додека асоцијативните и поединците кои членуваат во мрежата се членови на Собранието без право на глас.

Член 37

Со Собранието заседава Претседателката на Мрежата “Глас против насилство“.
Претседателката на Мрежата “Глас против насилство“е Претседателката на Управниот одбор.

Член 38

Надлежности на Претседателката на Мрежата “Глас против насилство“ се:
– Да закажува редовни и вонредни седници на Собранието на Мрежата “Глас против насилство“, во координација со Извршната канцеларија;
– Да закажува состаноци на Управен одбор;
– Јавно да ги застапува интересите на Мрежата “Глас против насилство“;
– Одговара за својата работа пред Управниот одбор и Собранието.

Член 39

Во надлежност на Собранието е следното:
– Собранието ги усвојува стратешките документи, програмата за работа, општите акти на Мрежата “Глас против насилство“;
– го донесува Статутот на Мрежата “Глас против насилство“ и гласа статутарни промени;
– го усвојува годишниот наративен и финансиски извештај на Мрежата “Глас против насилство“;
– усвојува програмска ориентација за работа на Мрежата “Глас против насилство“ за период од 4 години операционализирано во годишните програми;
– го усвојува финансиски план и завршната сметка на Мрежата “Глас против насилство“;
– одлучува за промена на целта на Мрежата “Глас против насилство“;
– одлучува за зачленување во меѓународни организации и во други мрежи;
– одлучува за внатрешна организација и организациони форми на органите на Мрежата “Глас против насилство“;
– одлучува за статусните измени на Мрежата “Глас против насилство“;
– одлучува за други прашања кои не се во надлежност на другите органи на мрежата;
– ги избира членовите на Управниот одбор, Извршната директорка (Застапникот на мрежата) и членови на Надзорна комисија;
– одлучува за приемот и исклучувањето на членството во Мрежата “Глас против насилство“;
– одлучува за престанок на Мрежата “Глас против насилство“ со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на мрежата;
– врши други работи кои произлегуваат од Статутот и актите на мрежата.

Член 40

Редовната седница на Собранието се одржува еднаш годишно.
По потреба, можат да бидат свикани и вонредни седници на Собранието.
Редовните и вонредните седници ги закажува Претседателката на Мрежата.
Редовните и вонредните седници на Собранието ќе се одржуваат во различни градови во Македонија со договор на членството.
Една третина од членките на Мрежата “Глас против насилство“ може да иницираат вонредно Собрание.
Доколку нема доволно финансиски средства за одржување на вонредните седници на Собранието, истите може да се обавуваат по електронски пат (преку мејлинг листата).
Собранието одлучува во форма на предлози, ставови, мислења, иницијативи, препораки и заклучоци.
За одржување на Собранието потребно е присуство на минимум 50% +1 од вкупниот број на членки на Мрежата “Глас против насилство“ кои имаат право на глас.
Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членки кои имаат право на глас.
Седниците на Собранието се отворени за јавноста и на истите можат да присуствуваат сите членки на Мрежата “Глас против насилство“ без оглед на видот на членство.

Член 41

На Собранието се одлучува со јавно гласање, освен при изборот на Управниот одбор и Извршната Директорка каде се гласа тајно.
Собранието може да одлучи за поедини прашања и избори да се гласа во пакет.
Секој делегат кој ја претставува организацијата-членка, која има право на глас на Собранието, има право на еден глас.
Организациите членки кои не можат да присуствуваат на седниците на Собранието можат да го делегираат својот глас на друга организација-членка.

Член 42

Собранието го избира Управниот одбор во кој членовите се државјани на Република Македонија.
Управниот одбор е управен орган на мрежата кој го сочинуваат 5 (пет) или 7 (седум) члена избрани од страна на Собранието.
Членките на Управниот одбор се од редовите на организациите-членки на Мрежата “Глас против насилство“ и поединците кои членуваат во Мрежата “Глас против насилство“.
Управниот одбор се избира со тајно гласање, со мандат од 2 години, со право на повторен избор од максимум уште 2 години.
Управниот одбор:
– ја дополнува и изменува програмата и годишниот план за работа на Мрежата “Глас против насилство“ подготвени од Извршната канцеларија;
– подготвува нацртот на статутот и другите акти и одлуки кои ги донесува Собранието;
– ги свикува седниците на Собранието
– ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од собранието;
– ја поттикнува комуникацијата помеѓу членките на мрежата Мрежата “Глас против насилство“;
– му предлага на Собранието лица кои може да бидат избрани за членови на надзорната комисија;
– дава административна и техничка поддршка на работата на собранието и надзорната комисија;
– по потреба формира работни тела;
– го креира Правилникот за работа на Мрежата “Глас против насилство“;
– ја следи работата на извршната канцеларија;
– ги развива односите со јавноста;
– го известува Собранието за предлог одлуката за прием на членство;
– подготвува годишен или периодичен извештај на за својата работа и врши други работи уредени во Правилникот за работа на Мрежата “Глас против насилство“.

Член 43

Управниот одбор се состанува еднаш месечно.
Доколку нема доволно финансиски средства за одржување на состаноците, истите може да се обавуваат по електронски пат (преку мејлинг листата).
Гласањето е јавно, освен ако Управниот одбор не одлучи да гласа тајно.
Управниот одбор за својата работа одговара пред Собранието.

Член 44

Седниците на Управниот одбор се одржуваат со присутните членови и нивните одлуки се полноважни ако за нив гласале мнозинство од присутните членови.
Член на Управен одбор се изема од гласање за прашања поврзани со него, со роднина до втор степен и за прашања кои се однесуваат на некое правно лице врз кое тој има контрола или економски интерес.

Член 45

Претседателката на Управниот одбор ја бираат избраните членови на Управниот одбор. Претседателката на Управниот одбор се бира од избраните членови на Управниот одбор,
по номинирање или само-номинирање на една од членовите на Управен одбор.
Претседателката на Управен одбор има право на мандат од 2 години со право на повторен избор од максимум уште 2 години.
Надлежностите на Претседателката на Управен одбор се регулирани во член 38.

Член 46

Извршната канцеларија на Мрежата “Глас против насилство“ против насилство врз жените и семејното насилство-Глас против насилство е орган на Собранието кој се грижи за реализација на проекти, програми и извршување на административни и на нив слични работи од заеднички интерес за остварување на задачите и целите на мрежата.
Извршната канцеларија за својата работа е одговорна пред Управниот одбор, Собранието на Мрежата “Глас против насилство“ и Надзорниот одбор.

Член 47

Собранието на Мрежата “Глас против насилство“ избира Извршна директорка (Правен застапник на Мрежата “Глас против насилство“).
Извршната директорка е одговорна за изборот на ангажираните/вработените лица во извршната канцеларија.
Вработените/ангажираните лица се избираат преку јавен конкурс.
Извршната директорка е деловно способно физичко лице кое има живеалиште на територијата на Република Македонија во согласност со закон.

Член 48

Извршната директорка ја претставува и ја застапува Мрежата “Глас против насилство“ во правниот промет и спрема трети лица во јавноста.
Правата и обврските, Извршна директорка ги врши во согласност со закон, Статутот и актите на мрежата.
Извршната директорка ја координира комуникацијата и реализирањето на програмата и планот за работа на Мрежата “Глас против насилство“.
Извршната директорка ја претставува Мрежата “Глас против насилство“ и служи како контакт лице на Мрежата “Глас против насилство“.

Член 49

Извршната директорка ги има следните функции:
– Ја претставува и ja застапува Мрежата „Глас против насилство“;
– раководи со извршната канцеларија;
– располага со средствата на мрежата согласно на можностите и потребите;
– потписник е на сметките на мрежата и ги одобрува сите финансиски трансакции;
– ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието и Управен одбор;
– го информира Собранието за текот на проектите или програмите и за финансиите поврзани со нив;
– подготвува предлог-проекти и програми и се грижи за нивното спроведување;
– ги определува работните тимови кои ќе ги спроведуваат проектите и програмите на Мрежата “Глас против насилство“;
– го информира Управниот одбор за организациската структура на извршната канцеларија;
– учествува на состаноците на Управниот Одбор и дава квартален извештај за активностите;
– ги потпишува актите за соработка со други организации на територијата на Република Македонија и надвор од неа, по претходно добиена согласност од Собранието;
– најмалку еднаш годишно му доставува на Собранието извештај за работата на извршната канцеларија;
– врши и други работи утврдени со овој Статут или со одлука на Собранието.

Член 50

Надзорната комисија е составена од три членови.
Членовите на Надзорната комисија ги избира Собранието.
Членовите на Надзорната комисија не можат да бидат членови на други органи врз чија работа вршат надзор.
Членовите на Надзорната комисија се избираат со мандат во траење од 2 години со право на повторен избор од максимум уште 2 години.
Со надзорната комисија раководи Претседател на Надзорната комисија.
Претседателката на Надзорната комисија ја бираат избраните членови на Надзорната комисија.
Претседателката на Надзорната комсија се бира од избраните членови на Надзорната комисија, по номинирање или само-номинирање на една од членовите на Управен одбор.
Претседателката на Управен одбор има право на мандат од 2 години со право на повторен избор од максимум уште 2 години.

Член 51
Надзорната комисија ги извршува следните работи:
– контрола на материјално – финансиското работење на Извршната канцеларија;
– следење и контрола за примена на Статутот и програмите;
– за извршените контролни дејствија составува записник и го доставува до Собранието;
– соработува со инспекциските служби и други надзорни органи во Републиката;
– Поднесува годишен извештај и го презентира на Годишното Собрание;
Надзорната комисија за својата работа одговара пред Собранието.

Член 52

Работните групи се формираат за реализирање на конкретни програмски задачи согласно стратешките цели на Мрежата “Глас против насилство“;.
Секоја работна група се состои од претставници на членките на Мрежата “Глас против насилство“.
Изборот на членови на работните групи и нивните обврски се регулирани во Правилникот за работа на Мрежата “Глас против насилство“;.

6. ЈАВНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО РАБОТАТА НА МРЕЖАТА

Член 53

Работата на Мрежата “Глас против насилство“ е јавна.
Јавноста на работата на Мрежата “Глас против насилство“ се обезбедува со известување на јавноста за својата работа по пат на сопствени соопштенија, со давање на информации на средствата за јавно информирање, одржување на конференции за печат, собири како и други форми, како и присуство на преставници на средсвата за јавно информирање на седниците на Мрежата “Глас против насилство“.
Јавноста на работењето на Мрежата “Глас против насилство“ се остварува преку транспарентно објавување на Статутот и другите акти на мрежата во согласност со Статутот на организацијата.

7. СРЕДСТВА ЗА РАБОТА НА МРЕЖАТА

Член 54

Мрежата “Глас против насилство“ се стекнува со финансиски средства преку: одобрени проекти од домашни и странски донаторски организации и фондации, членарина, доброволни прилози (во пари, добра), средства од Буџетот на Р.Македонија, приходи од разни донации и спонзорства.

Член 55

Финансиските средства на Мрежата “Глас против насилство“ се употребуваат за остварување на целите на мрежата определени со статутот и програмата.
Средствата на Мрежата “Глас против насилство“ се користат рационално и наменски, согласно програмата за работа.
Финансискиот план и извештајот ги усвојува Собранието.

Член 56

Мрежата “Глас против насилство“ на својата веб страница или во дневниот печат ќе ги објави годишнитен извештаи за своето работење.
Мрежата “Глас против насилство“ ќе подготви годишен финансиски извештај и ќе го достави до надлежниот орган согласно со закон и ќе го објават на својата веб страница или на друг соодветен начин да се достави во дневниот печат за да се направи достапен до јавноста.
Извештаите Мрежата “Глас против насилство“ ќе ги објави најдоцна до 30 април за претходната година.

Член 57

Работата на органите на мрежата е доброволна, а членовите на органите на мрежата можат да примаат надоместок на име на патни и дневни трошоци, како и надоместок за вршење на работи во органите на мрежата во согласност со закон.

Член 58

Вработените/ангажираните лица во Извршната канцеларија склучуваат индивидуални договори на определен временски период, со однапред утврдени работни обврски во согласност со потребите на Извршната канцеларија
Вработените/ангажираните лица во Извршната канцеларија имаат право да примаат плата/хонорари во согласност со закон.

8. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 59

Стручните, техничките и административно-финансиските работи можат да се вршат во Мрежата “Глас против насилство“ или да се доверат на соодветна стручна организација, при што меѓусебните права и обврски се уредуваат со посебен договор.

Член 60

Измените и дополнувањата на Статутот се вршат во постапка како и при неговото донесување.
Иницијатива за измени и дополнувања на Статутот може да покрене Собранието и Управниот одбор на мрежата. Донесените измени на Статутот, Правниот Застапник на Мрежата “Глас против насилство“ е должен во рок од 30 дена од денот на донесувањето да ги достави до Централниот Регистар на Република Македонија.

Член 61

По измените и дополнувањата на Статутот задолжително се води расправа.

Член 62

Мрежата “Глас против насилство“ може да престане со својата работа:
– Ако е донесена одлука од Собранието на Мрежата “Глас против насилство“ за престанок со двотретинско мнозинство;
– Ако бројот на членовите на Мрежата “Глас против насилство“ се намали под бројот потребен за основање;
– Ако Уставниот суд на Македонија донесе одлука дека Статутот и програмата на Мрежата “Глас против насилство“ не се во согласност со Уставот;
– Со стечај и ако во двете последователни години не е поднесена завршна сметка во согласност со закон;
– Спроведена ликвидација;
– Ако се утврди дека Мрежата “Глас против насилство“ престанала со работа;
– Во други случаи утврдени со Закон.
Лицето кое ја застапува Мрежата “Глас против насилство“, членовите на органите или членството се должни да го известат Централниот Регистар на Р.Македонија за престанок на Мрежата “Глас против насилство“.

Член 63

Може да се поведе постапка за престанок на Мрежата “Глас против насилство“ пред надлежен суд и се води според одредбите од парничната постапка.
За престанокот на Мрежата “Глас против насилство“ судот по службена должност го известува Регистарот.
Секој може да поднесе иницијатива за забрана на работата на Мрежата “Глас против насилство“ пред надлежниот јавен обвинител.
Ако надлежниот основен јавен обвинител по службена должност или по поднесената иницијатива оцени дека постојат причини за забрана на работата на Мрежата “Глас против насилство“ во согласност со Законот за здруженија и фондации ,ќе поднесе предлог до надлежен суд.
Постапката за забрана е итна.

Член 64

По престанок на работата на Мрежата “Глас против насилство“ имотот и средствата што остануваат по измирување на обврските на мрежата се пренесуваат на членките на мрежата.

Член 65

Ако членовите на Мрежата “Глас против насилство“ или членовите на органите на Мрежата “Глас против насилство“ дознаат за неправилности во примената на статутот , или во финансиското работење, можат да побараат отстранување на неправилноста од органот определен со статутот односно највисокиот орган Собранието на Мрежата “Глас против насилство“.

Член 66

Статутот влегува во сила со денот на донесените измени и дополнувања и доставувањето во Централниот регистар на Република Македонија.

Во Скопје 05.04.2018 год.

Национална мрежа против насилство врз жените и
семејно насилство -Глас против насилство
Извршна директорка – Застапник

____________________________________
Елена Димушевскa

Сподели

Со поддршка од