13.05.2020: EУ агенции за еднаквост и права: Да ги засилиме напорите за елиминација на семејното насилство!

Од почетокот на ограниченото движење заради коронавирусот, полицијата, засолништата за жени и граѓанските организации објавија пораст на семејно насилство, особено насилство врз жени. Пандемијата открива колку е присутна оваа сериозна злоупотреба на човековите права и колку сѐ уште не се доволни мерките за борба против неа. Европскиот институт за родова еднаквост (ЕИГЕ) и Агенцијата на ЕУ за фундаментални права (ФРА) ги повикуваат Европската унија и нејзините земји членки да ја искористат пандемијата на коронавирус како можност да ги засилат своите напори за ефикасна заштита на правата на жените.

„Ниту една земја во Европа нема постигнато родова еднаквост – распространетоста на семејното насилство е тажен потсетник за тоа“, вели директорката на ЕИГЕ Карлин Шил. „Сепак, континуираното непријавување на насилство од страна на партнерот значи дека ја знаеме само делумната вистина. Владите треба јасно да стават до знаење дека насилството не е приватна работа и да се осигурат дека полицијата, правниот и здравствениот сектор можат да работат заедно за да им помогнат на жртвите“.

„Дури и без пандемијата на коронавирус, една од пет жени во ЕУ била жртва на семејно насилство. Покрај тоа, жените во домаќинства кои се борат да обезбедат опстанок се дури и во поголем ризик“, вели директорот на ФРА Мајкл О’Флаерти, укажувајќи на претходното истражување на Агенцијата. „Актуелниот пораст на домашното насилство потенцира дека ЕУ и нејзините земји членки треба да дејствуваат за да ги заштитат жените во текот на оваа криза и да ги зајакнат своите мерки во иднина за да се стави крај на насилството врз жените еднаш и засекогаш“.

Бидејќи ограничувањата и карантините продолжуваат во поголемиот дел од Европа, жените се соочуваат со поголем ризик од семејно насилство.

Опасноста е реална. На глобално ниво, 64% од жените умираат од рацете на интимен партнер или член на семејството, открива една студија за убиства.

Многу земји од ЕУ реагираа бргу, воспоставувајќи поддршка за советување, обезбедувајќи засолниште за жртвите во хотелски соби, водејќи кампањи за подигнување на свеста или промовирајќи броеви за СОС линија.

Институтот и Агенцијата ги поздравуваат овие мерки. Сепак, обемот на дејствување кој е потребен да ги заштити жртвите, покажува колку не се доволни мерките за поддршка, дури и во нормални времиња. На пример, бројот на кревети во засолништата на жените е само половина од потребниот според Истанбулската конвенција, која е потпишана од 21 земја членка на ЕУ, а ЕУ се обврза да ja примени.

Крајот на ограничувањата ќе донесе и нови предизвици. Финансиската несигурност во поглед на приходите и загубите на работните места, како и претстојната рецесија, може да претставуваат дополнителни предизвикувачи на насилство, а на жртвите да им го отежнат напуштањето на насилната врска. Претходно истражување на ФРА покажува дека 30% од жените на кои им е тешко да врзат крај со крај, искусиле насилство од интимен партнер, споредено со 18% од жените кои се финансиски постабилни.

Ова ја потенцира потребата ЕУ да воспостави трајни структури за да стави крај на насилството врз жените. Кризата со ковид-19 дава можност да ги засилиме нашите напори  и таа мора да ја искористиме.

ЕИГЕ и ФРА ги повикуваат ЕУ и нејзините земји членки да ги земат предвид следниве акции:

Земјите на ЕУ кои сè уште не ја ратификувале Истанбулската конвенција или не ги усогласиле целосно своите национални закони со нејзините барања, треба да го сторат тоа брзо. Ова, на пример, ќе го олесни користењето на мерките за заштита во итни случаи. Во земјите каде законодавството веќе ги предвидува овие мерки, полицијата треба почесто да ги користи.

Полицијата, правниот систем и здравството во земјите членки на ЕУ треба да работат заедно за да управуваат со ризикот од насилство врз жените. Професионалците во овие сектори треба да бидат соодветно опремени и обучени да одговорат на ваквите случаи.

Собирањето податоци за насилството врз жените треба да се усогласи меѓу земјите членки на ЕУ со цел да се обезбеди соодветно мерење и решавање на овој феномен.

Имајќи ги предвид мноштвото позитивни мерки за елиминирање на насилството врз жените на национално ниво, ЕУ треба да ја координира размената на добри практики меѓу земјите членки.

Многу земји од ЕУ имаат правни дефиниции за злосторства од омраза (на пример, против етнички и сексуални малцинства). Треба да се земе предвид прифатлива правна дефиниција за фемицид за да се означи убиство на жени и девојчиња заради нивниот пол.

Ние го поддржуваме предлогот на Европската комисија за додавање на насилството врз жените на списокот на злосторства на ЕУ дефинирани во Договорот за ЕУ. Ова ќе ја препознае структурната природа на насилството врз жените и ќе поттикне заеднички напори за нејзино елиминирање.

Сè додека жените се соочуваат со насилство, родовата еднаквост ќе биде невозможна. И сè додека немаме родова еднаквост, насилството врз жените ќе продолжи.

Ајде да работиме заедно за да ставиме крај на насилството врз жените еднаш засекогаш!

Заедничката изјава поврзана со ковид-19 и родово базираното насилство на Европскиот институт за родова еднаквост и Агенцијата за фундаментални права на ЕУ можете во оригинал да ја преземете тука.

Сподели

Со поддршка од