Дефиниции на насилство врз жени

Насилството врз жените е кршење на човековите права и форма на дискриминација врз нив и ги означува сите акти на родово засновано насилство кои доведуваат или ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, влучувајќи и закани, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.
Родово базирано насилство врз жените е насилство насочено против жената затоа што е жена или корешто несразмерно ја погаѓа.

Домашно (семејно) насилство се сите акти на физичко, сексуално, психичко, економско насилство кои се случуваат во рамки на семејството или домаќинството меѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без разлика на тоа дали сторителот го делел или сè уште го дели истото живеалиште со жртвата.

Интимно партнерско насилство е насилство од страна на интимен партнер, без разлика дали живеат заедно или не и вклучува образец на контролирачко однесување во кое влегува и психичка, физичка, емоционална, вербална, сексуална и/или економска злоупотреба.

Половата дискриминација е секоја разлика, исклучување или ограничување врз основа на пол што има за последица или за цел да го загрози признавањето, остварувањето или практикувањето на човековите права и основни слободи врз основа на еднаквост на жените и мажите на политичко, економско, општествено, културно, граѓанско или друго поле.

Специјализирани услуги за жени жртви на насилство. Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилство врз жената и семејното насилство (Истанбулска Конвенција) која Република Северна Македонија ја ратификуваше во декември 2017 година, прави разлика помеѓу општи и специјализирани сервиси за поддршка

Општите сервиси за поддршка се однесуваат на услуги кои ги нудат јавните институции како центри за социјална работа, здравствени центри и агенции за вработување и истите обезбедуваат долгорочна помош, но не се дизајнирани ексклузивно да одговараат на потребите на жртвите на насилство, туку ѝ служат на општата популација.

Специјализираните сервиси за поддршка креираат и нудат сет на услуги кои треба да одговорат на конкретните потреби на жртвите на различни облици на насилство врз жената и согласно тоа, не се отворени за општата популација. Иако овие специјализирани сервиси може да бидат раководени и финансирани од државата, сепак во најголем дел ги обезбедуваат и пружаат невладините организации кои работат во оваа област.