01.10.2021 Адаптација на детето во градинка

Тргнувањето на детето во градинка е голема промена во семејната динамика за секое дете и неговите родители. Новата средина како нов простор, нови непознати возрасни-воспитувачи и деца со кои детето треба да го дели секојдневието наспрема заштитничката семејната средина и удобноста на домот будат кај детето и родителите низа на нови доживувања кои неретко се непријатни и болни како за децата така и за родителите.

Децата најчесто започнуват во градинка помеѓу втората и трета година но секако има и деца кои одат во јасли.

Периодот на адаптација за некои деца трае од неколку денови, неколку недели до 1-2 месеци. За секое дете овој период трае различно, непотребно е споредување со другите бидејки на секое дете му треба простор и време да се навикне на новата ситуација секако и на самите родители да се организираат на новонастанатите рутини.                                 Најтешко им е да се адаптираат на оние деца кои никогаш не се одвоени од своите родители ни на кратки периоди (баби, дедовци роднини, комшии), повлечени и срамежливи деца кои не биле во чести интеракции со други деца ( лулашки, паркови и сл.) семејства и деца кои живеаат поизолирано од социјални контакти.

Децата кои потешко се адаптираат пројавуваат низа на емоционални реакции како на пример детето е плачливо и тажно при сепарација со родителот, понекогаш и луто и бесно особено по враќањето дома, со закана и одбивање да оди наредниот ден, несака да спие само, пројавува стравови кои ги немал претходно и сл.

 Детото може да манифестира и  телесни ( психосоматски) реакции, односно често го боли стомакот пред тргнување во градинка, повраќа без содржина, одбива да јаде и пие во градинката, додека дојдат родителите има избегнувачко однесување кон воспитувачките седи на врата со часови, не комуницира со другите деца и сл.

Реакциите при одвојување се различни во времетрање и интензитет, но најважно е родителите да прифатат дека тоа ќе помине и треба да се истрајни и да не одстапуваат.

Родителот исто така треба да е свесен и за своите стравови и несигурности во однос на тргнувањето на детето во градинка бидејки лесно му ги пренесува на детето и ги интензивира горенаведените манифестации. Затоа потребно е родителот да е мирен и сигурен да го охрабрува детето без исклучок во целиот престоен период, да верува во неговиот потенцијал дека може со адекватна поддршка да ги надмине потешкотиите.

Што треба да направи родителот пред тргнување на детето во градинка за овој период да помине полесно и побезболно за сите ?

– Неколку месеци пред планираното време за почеток во градинка родителот треба со позитивен пристап да зборува со детето за градинката, што се ќе се случува таму, кој ќе се грижи за него, можноста за дружење, учење и играње на разновидни игри со поголема група врсници.

– Со физичко присуство да го запознаат местото и околината на градинката ( како и со кој ќе оди таму), да ги види децата во дворот додека си играат и сл.

– Тука треба да се напомене дека во најдобар интерес за детето и адаптацијата е да го носи еден возрасен а не целото семејство кое ги интензивира негативните реакции.                      Со оглед на пандемијата со ковид-19 многу родители останаа да работат од дома што ја отежнува сепарацијата. Совет е да детето кога оди во градинка да и останатите возрасни го стимулираат процесот напоменувајки дека и тие ќе ги имаат сличните дневни рутини.

– Интерес и запознавање на родителот со воспитувачките за карактеристиките на детето и (историја на болести доколку ги има), градење на позитивен однос на соработка воспитувач-родител во кој возрасните ќе направат се да му го олеснат на детето периодот на адаптација и секако важноста на воспитувачката во животот на детето

– Процесот на прилагодување да се одвива низ фази каде детето првите денови останува по час два се додедека не се навикне на рутините на градинката

– Родителот не треба никогаш да го лаже детето и да го почитува договореното време и услови

– Родителот треба да биде запознаен со рутините на детето кои ќе ги има во градинката и неколку недели пред тргнување да го стимулира детето да се навикне и во домот на истите ( навремено на легнување и станување, време потребно за подготовка, усвојување на хигиенски навики соодветни за возраста, за поголемите стимулирање на самостојно облекување, јадење со лажица, спретност за пиење од чаша и сл.)

– Да се овозможи дозвола за детето за носење на својата омилена играчка (на пример мече) како преоден објект

– Можни се краткотрајни регреси во однесувањето кои треба тивко да се прифатат и постепено дете ќе ги надмине во нови и адаптивни од средината и учење од врсници

Градинката е средина во која детето ќе се стекне со многу нови и пријатни искуства, игра со врсници низ радост и смеа , вежбање на социјални вештини и интеракција, учење на новини, песнички, приказни и разни игри кои ја стимулираат зоната на нареден развој , за кое вреди родителот и детето да го надминат стравот од одвојување ,сепарирање навремено кое е предност и поголема спремност за детето како и за родителите за наредната адаптација тргнување на училиште.

Авторка: Александра Прошева, клинички психолог

Сподели

Со поддршка од