Панел дискусија „Жени и девојчиња со попреченост – потенцијални жртви на родово базирано насилство“

На 30.11.2017 година, во хотел Холидеј ин во Скопје, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во соработка со агенциите на ОН, Министерство за здравство и Министерство за труд и социјална политика, организираше панел дискусија на тема „Жени и девојчиња со попреченост – потенцијални жртви на родово базирано насилство“.

Во Р. Македонија нема постоечки систем за заштита на жените и девојките со попреченост кои се жртви на некоја форма на насилство. И оние специјализирани сервиси кои постојат не се пристапни и прилагодени за потребите на оваа ранлива група.

Настанот го отвори Луиза Винтон, Постојаната координаторка на Обединетите нации во Р. Македонија, велејќи: “Жените и девојчињата со попреченост се соочуваат со двојна дискриминација. Немаат еднаков пристап до образование, здравствени услуги и вработување, а се соочуваат и со повисок ризик од насилство, злоупотреба и експлоатација. Затоа, треба двојно повеќе да работиме за да им овозможиме целосно да го уживаат правото да водат исполнет, независен и безбеден живот во заедницата”.

Прва говорничка на дискусијата беше Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, која говореше за проблемот на непостоење на соодветни сервиси за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано насилство на целата територија на Македонија, односно за потребата од воспоставување на сеопфатен систем за поддршка на жртвите на насилство, од простор до соодветно обучен кадар.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече: „Насилството врз жените и девојчињата со попреченост ќе биде опфатено во сите политики и мерки за заштита на жртвите. Сервисите и услугите мора да бидат целосно достапни и пристапни за сите. Не смееме да дозволиме жените со попреченост кои биле подложени на насилство да бидат лишени од правото да побараат и добијат соодветна помош и поддршка“.

Бенџамин Перкс, Претставник на УНИЦЕФ во Македонија говореше за децата подложени на насилство и запоставување: „Бројот на жени и деца, на глобално ниво но и тука, кои се жртви на насилство и запоставување – е многу поголем отколку што мислевме претходно. Децата со попреченост се 3 пати повеќе изложени отколку оние без попреченост, секое четврто дете е сведок на домашно насилство а секое трето девојче е жртва на насилство во детството – но половина од нив никогаш не кажуваат никому. Сето ова остава траен белег и подоцна влијае врз учењето, здравјето и сите други аспекти на животот. Можеме и мораме да го запреме насилството врз жените и децата“.

Последна се обрати Ема Ананиевска, апсолвентка на факултетот за музичка уметност, која зборуваше за своето лично искуство на живот со попреченост. Таа зборуваше за нејзиното школување, недостатокот од поддршка за лицата со попреченост кои се во редовниот школски систем, како и за огромната поддршка која таа ја добила од нејзините блиски што ѝ помогнало да ги преброди сите пречки и бариери со кои се сретнала во нејзиниот живот.

Модераторка на дискусијата беше Љуљета Адеми, која како што нагласи и самата, е жртва на насилство и лице со попреченост. Г-ѓата Адеми исто така даде примери од своето лично искуство, за нејзините патешествија во добивање помош и поддршка и нејзиното успешно справување со проблемите. Таа исто така се осврна на лицата од албанска националност, кај кои овој проблем е уште поевидентен, но за жал затскриван и недоволно дискутиран.

Дискусијата беше организирана со цел актуелизација на проблемот на насилство врз жените и девојчињата со попреченост, поради тоа што насилството врз жените и девојчињата со попреченост мора да се препознае како сериозен општествен проблем и да му се посвети должно внимание.

Националната мрежа преведе и објави Тематски документ изработен од Европската мрежа на жени против насилство: Подобрување на пристапноста на сервисите за жените со попреченост кој може да го симнете тука.

Aгенда – жени и девојчиња со попреченост

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости