29.08.2018: Работна средба со членството на Мрежата

На 29.08.2018 во работните простории на Јавна соба-Скопје, претставници од организациите-членки на Националната мрежа заедно со тимот на извршната канцеларија одржаа работна средба за изработка на предлог иницијативи за промена и/или дополнување на постоечките закони и политики кои ја регулираат областа на насилство врз жените.

По стапувањето на сила на Истанбулската Конвенција во Република Македонија (1 јули 2018), произлезе потреба од усогласување на законите и политиките на Р.Македонија во областа на насилството врз жените. За таа цел на средбата се дискутираа стратешките цели и области на кои Националната мрежа ќе работи во последните 4 месеци од годината. Области за кои се разговараше беа: потребата од донесување на нов Закон за родово базирано насилство и/или дополнување и измена на постоечкиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, дефинирањето на самохраните родители во постоечките закони, доделување на децата на чување и воспитување согласно препораките на Истанбулската конвенција, потребата од социјални пакети за жените и деца жртви на насилство, а  воедно беа селектирани и надлежните институции и организации со кои ќе се оствари соработка за остварување на стратешките цели.

Со цел изработка на предлог политики и предлог иницијативи за промена и/или дополнување на постоечките закони, ќе бидат формирани работни групи во кои ќе учествуваат претставнички/ци од организациите членки на Националната мрежа.

Организации членки кои земаа учество на средбата беа: Организација на жени на Град Скопје, Здружение на еднородителски семејства-Една може!, Женска граѓанска иницијатива АНТИКО, Здружение на жени Албанки-Кичево и Асоцијација за здравствена едукација и истражување-ХЕРА.

Сподели

Со поддршка од