29.02.2016: Tродневна обука на тема „Подготовка на извештаи за Специјалниот известувач на Обединетите Нации против насилство врз жените“

Oд 24-ти до 26-ти февруари 2016 година во Хотел Бистра, Маврово се одржа тродневна обука на тема „Подготовка на извештаи за Специјалниот известувач на Обединетите Нации за насилство врз жените“. На обуката присуствуваа 18 учесници претставници на организациите членки на Националната мрежата.

Целта на оваа обуката беше учесниците да ги надградат своите знаења за механизмите на ООН за човекови права кои го третираат прашањето на родово базирано насилство и да бидат во состојба да ги објаснат главните функции и начини на кои може да се користи мандатот на Специјалниот известувач на ООН за насилство врз жени, неговите причини и последици, а во насока на подобрување на ефектите од својата работа.

Обуката ги опфати следните теми: Преглед на Специјални процедури на ООН & Систем на ООН за човекови права; Историјатот, правната основа и опфатот на Специјален известувач на ООН за насилство врз жени, како и неговите причини и последици; Кои се методите на работа на Специјалениот известувач за насилство врз жени; Каде може да се најдат информации за Специјалниот известувач? Тематски извештаи; Подготовка на Индивидуални жалби; Посети на држави. Третиот ден од обуката фокусот беше насочен кон подготовка на Стратегии за соработка со Специјалниот известувач за насилство врз жени.

Целта на проектот „Спречување на насилството врз жените во согласност со ЕУ стандардите“ е воспоставување на ефективна законска рамка и систем за заштита и подршка на жените од сите форми на насилство во согласност со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството брз жените и домашното насилство (Истанбулска Конвенција). Проектот е финансиран од Квина тил Квина, а во имплементација на Националната мрежа против насилство врз жената и семејно насилство – Глас против насилство.

Сподели

Со поддршка од