29.01.2016: Циклус работилници со новинари за известување за теми од родово базирано насилство

Националната мрежа против насилство врз жени и семeјно насилство – Глас против насилство во соработка со Здружение на новинари за човекови права и со подршка од програмата Цивика мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанското општество во Македонија, кој го спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (СИПУ), најавува одржување на циклус работилници за известување за теми од родово базирано насилство наменети за новинари.

 На 29.01.2016 година, петок од 10:00 часот во НВО Центар (МКЦ) се одржа Иницијална работилница за запознавање со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција).

Оваа работилница е прва работилница по која следат циклус од 8 работилници, секоја со фокус на различна форма на насилство врз жената, опфатени во Истанбулската конвенција. Работилниците се дел од активностите во рамки на проектот „Насилството врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени“ чија општа цел е унапредување на соработката на граѓанските организации и медиумите во насока на подигнување на свеста кај пошироката јавност за постоење на различни форми на насилство врз жени, како и заеднички настап во процесот на застапување за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство.

 Форми на насилство кои ќе бидат обработени преку циклусот на работилници се:

1. Сексуално насилство и силување

2. Физичко насилство и фемицид

3. Интимно партнерско насилство и Семејно насилство

4. Насилство врз жени со попреченост

5. Присилна стерилизација, Присилен и селективен абортус

6. Договорени бракови, Малолетнички бракови и Продажба на сопруги

7. Насилство врз жени мигрантки и азилантки

8. Насилство врз жени од особено ранливи малцински групи

Во рамки на активностите предвидено е подготовка и објавување на статии за различните форми на насилство врз жените, како и избор на најдобра статија.

 

Сподели

Со поддршка од