28.07.2015: Соопштение за медиуми на Платформата за родова еднаквост по повод смртта на три работнички

 СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

ДРЖАВАТА НЕ ВОДИ ЕВИДЕНЦИЈА ЗА БРОЈОТ НА ПОВРЕДЕНИ И НЕСРЕЌИ НА РАБОТНО МЕСТО 

Платформата за родова еднаквост изразува длабока загриженост поради смртта на три работнички кои изминатиов месец починаа на нивното работно место. Нашата загриженост се однесува на условите во кои се работи во фабриките во Република Македонија како и недостатокот од информации за соодветна реакција од страна на надлежните органи. Учеството на жените на пазарот на труд е на исклучително ниско ниво споредено со сите земји во регионот и Европа, а ваквите случаи дополнително создаваат впечаток на негрижа и изложеност на опасност на работните места што во последниот месец непропорционално се одразува врз работничките.

Смртта на три работнички, само во последниот месец, е алармантна состојба и може да укажува на системски пропусти и негрижа за работничките права. Надлежните институции се должни да преземат сеопфатни мерки за да ги идентификуваат причините, да ја лоцираат одговорноста во овие случаи, меѓутоа и да предложат мерки кои се неопходни за да се превенираат вакви ситуации во иднина.

При последниот инспекциски надзор во фабриката „Јагја Мезлер“ во која една работничка почина констатирано е неисполнување на условите за здравје и безбедност при работа,  што укажува на потребата за проактивно делување на инспекциските служби заради превентивна заштита на работничките и работниците.

 Надлежните институции се одговорни за воспоставување механизми за утврдување на фактичките услови на работните места како и прибирање на податоци кои ќе бидат јавно достапни. Неопходно е итно, надлежните институции да ги засилат инспекциските служби и надзорот во производствените капацитети, со цел да се утврдат и отстранат сите неправилности поврзани со безбедноста и здравјето на вработенитe и злоупотребите на работничките права. Наодите од ваквите инспекции треба да бидат достапни за јавноста. Платформата испрати свој допис за загриженоста до надлежните институции со конкретни препораки, кое е во прилог на оваа соопштение.

 Покрај препораките доставени до институциите, би сакале да ја потсетиме јавноста, а особено работничките и работниците кои се соочуваат со прекршувања на нивните работнички прави, дека нашата членка Реактор – Истражување во акција неодамна ја лансираше веб платформата http://prijavidiskriminacija.mk.

 Веб платформата овозможува анонимно пријавување на дискриминација и повреда на работничките права, кои ги вклучуваат и условите за работа. Таа е реакција на недостатокот на податоци за повредите на работничките права, а особено родово поделената статистика, која сметаме дека ги ограничува надлежните органи во креирање на мерки и политики за решавање на проблемите на пазарот на труд. Преку прибирање и анализа на податоците, кои ќе бидат доставени до соодветните институции, платформата има за цел да го поттикне решавањето на проблемите со повредата на работничките права на пазарот на труд во Република Македонија.

 Со почит,

Платформа за родова еднаквост

Платформа за родова еднаквост во име на (по азбучен ред):

  • Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА
  • Бори се женски
  • Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
  • Здружение женски форум
  • Здружение за еднакви можности Семпер
  • Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените
  • Здружение за локален рурален развој
  • Здружение за унапредување на родовата еднаквост – Акција Здруженска
  • Здружение Организација на жените на општина Свети Николе
  • Институт за општествени и хуманистички науки
  • ЛезФем
  • Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство – Глас против насилство
  • Национален совет за родова рамноправност-СОЖМ
  • Организација на жени на град Скопје
  • Организација на жени Кумановка
  • Реактор-Истражување во акција
  • Хелсиншки Комитет
  • Хуманитарно здружение Мајка, Куманово

За платформата:

Платформата за родова еднаквост, е платформа на граѓански организации и поединци која делува здружено во насока на унапредување на родовата еднаквост во Република Македонија. Платформата обезбедува здружување на експертизата и искуството на граѓанското општество за родова еднаквст, и преку постојано следење и идентификување на можностите за влијание врз политките на локално и национално ниво, има за цел да осигура спроведување на меѓународната и домашна законската легислатива. Дополнителни информации за платформата како и целите и  активностите на платформата се достапни на веб страната на платформата:

http://rodovaplatforma.mk/

 

Сподели

Со поддршка од