28.04.2016: Интервју со Вера Мартиновска, правник за азил и мешани миграции: Постојат случаи на жени бегалки кои поминале низ родово базирано насилство

Голем број жени ги напуштаат своите домови бидејќи немале друг избор затоа што често биле изложени на родово базирано насилство, велат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Тоа го потврдуваат и податоците на Македонското здружение на млади правници, кое континуирано им дава правна помош на бегалците. Вера Мартиноска, од Здружението, за Академик истакнува дека во досегашно работење се среќаваат со случаи на жени кои мигрираат од своите домови затоа што поминале низ семејно насилство.

Вера Мартиноска вели дека кон насилството треба да гледа од поширок аспект затоа што 90 % од бегалците биле сведоци на насилство, процент во кој спаѓаат и сведоштвата на семејното насилство.

Ризикот за насилство е голем

„Голем дел од бегалците морале да го заштитат своето семејство, морале да избегаат од насилство. На терен среќаваме голем број жени бегалки кои ги напуштиле своите домови затоа што немале друг излез. Има случаи кога и мајки и ќерки биле изложени на семејно насилство. Значи, сопругот вршел семејно насилство врз сопругата и врз ќерката“, вели Мартиноска.

Таа посочува и на случајот во кој две сестри сами тргнале кон Европа од Авганистан, бегајќи од насилството на својот татко. Денес, вели Мартиноска, двете сестри се во Македонија и ја очекуваат и својата мајка, со која трагично се разделиле бегајќи од суровоста на насилството. Мартиноска вели дека ризикот за насилството врз жените бегалки е постојано присутен за време на целото нивно патешествие.

Ризикот посебно е присутен во случаите кога жената патува сама и кога се работи за особено ранливи категории, како: девојчиња, вдовици, самохрани мајки, бремени жени и доилки, малолетни девојчиња кои стапиле во брак, стари и изнемоштени лица, лица во тешка здравствена состојба и лица со посебни потреби.

„Ризикот за насилство е голем. Тоа се жени кои континуирано се под стрес, кои биле сведоци на страшни сцени, кои поминуваат низ трагични судбини и тоа секако влијае врз нив. Значи, тие постојано се изложени на психичко насилство и нивниот пат е макотрпен и тежок. Во јануари, бројот на жени и деца бегалци го надмина прагот од 50 % и сега постојано расте“, вели Мартиноска, додавајќи дека жените и децата се дел од синџирот на шверц на бегалци, но и на трговијата со луѓе.

Фактот дека биле жртви на семејно насилство може да ја засили нивната основа да бараат меѓународна заштита

Патувањето во преполни возови, камиони и слично, патување со шверцери, раздвојувањето на семејството, притвор во несоодветни услови, сместување во прифатни центри со несоодветни основни услови, оневозможен пристап до храна, вода и сл.; немање лични документи, немање соодветен надзор во прифатните центри, злоупотреба на службена должност, оневозможен пристап до постапка, до правна помош и до право на жалба, се дел од ризиците на жените бегалки кои транзитираат, на кои посочува Мартиноска.

Таа појаснува дека во однос на прашањето за давањето азил во случаите на семејно насилство, треба да се потенцира дека секогаш се разгледува субјективниот и објективниот момент.

„Во однос на насилството низ кое поминале жените бегалки, а во врска со давањето азил во случаите на семејно насилство, треба да се нагласи дека тука се разгледува субјективниот и објективниот момент. Моментот на семејното насилство доаѓа во оној субјективен дел. Доколку лицето докаже дека e жртва на семејно насилство поради еден од основите за барање азил наведени во Конвенцијата за бегалци и ако не постои безбедно место каде што може да се заштити од насилство во неговата матична држава или, пак, државата од која доаѓа нема ефикасен институционално-правен механизам за заштита од семејно насилство, лицето бара да биде ставено под меѓународна заштита и тоа би можело да биде и супсидијарна заштита. Фактот дека биле жртви на семејно насилство може да ја засили нивната основа да бараат меѓународна заштита“, објаснува Мартиноска.

„Постојано сме помеѓу бегалците“

Мартиноска вели дека од измените на ЗАПЗ, усвоени во јуни 2015, МЗМП има дневно постојано присуство на јужната граница. Оттогаш, теренскиот тим на МЗМП расте, достигнувајќи го бројот од 20 вработени кои ѝ помагаат на Граничната полиција во регистрацијата на бегалците. Има 8 теренски правници и еден теренски офицер кои им даваат бесплатна правна помош и ги информираат бегалците, спроведуваат насочување на лица од ранливите категории, учествуваат во процена на најдобриот интерес за непридружуваните малолетници.

Во оваа насока, младата правничка посочува дека правниците на МЗМП постојано се помеѓу бегалците и ги советуваат за тоа кои се нивните права и им ја посочуваат можноста да бидат нивни застапници во постапката за азил.

Застапување пред управните органи и застапување во судска постапка

„Кога веќе ќе искажат намера за барање азил, односно кога ќе поднесат барање за азил, тие влегуваат во постапката за азил и ние како правници ги застапуваме пред управните органи. Во случај да добиеме негативно решение, изготвуваме и тужби, имаме и соработка со адвокати кои ги застапуваат во судската постапка“, вели Мартиноска.

Правата мора да се практикуваат

Таа нагласува дека за ефикасна заштита на жените бегалки кои поминале низ семејно насилство потребно е да се изгради систем во кој ќе соработуваат сите органи, кои ќе ги преземат сите мерки, ќе дејствуваат имајќи го секогаш во прв план најдобриот интерес на барателката.

Исто така, потребен е и меѓусекторски пристап, координација меѓу факторите на терен и соработка во најдобар интерес на бегалците, комуникација со бегалците и пристапување на потенцијални жртви, придружба при транспорт, зголемено присуство на полициски службеници, одвојување од сторителот и сместување во безбедно место, назначување посебен старател (за непридружувани малолетници) и процена на најдобриот интерес за детето, давање психо-социјална помош и поддршка, обезбедување бесплатна правна помош и советување во постапка за азил и кривична постапка, итност, доверливост, сензитивност, безбедност на постапката и регионална и меѓународна соработка и следење на случаи.

„Во оваа држава постои закон, постојат права, но тие права мора да се практикуваат. Треба да се нагласи и дека државата е обврзана, тоа е и препорака на УНХЦР, да не ги врати во земјата на потекло жените што биле жртви на трговијата со луѓе, кои поминале низ насилство и кои претрпеле понижување и кои стравуваат дека по нивното враќање ќе бидат предмет на прогонување“, вели Мартиноска, нагласувајќи и дека Обединетите нации бараат од институциите поголема грижа за жените, особено за оние што се бремени.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) е невладина, непрофитна и непартиска професионална организација на правници, основана во декември 2003 година. Во текот на своето работење МЗМП прерасна во организација која активно ги штити човековите права и владеењето на правото. Во 2010 година МЗМП ја започнува соработката со Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации во обезбедувањето правна заштита и интеграција на бегалците, барателите на азил и лицата без документи, соработка која успешно продолжува и во следните години.

Подготвил: Милчо Велјановски (портал Академик)

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас. 

Сподели

Со поддршка од