Преку ноќ принцот стана монструм, а мојот живот пекол

Сонував со отворени очи, долги ноќи, откако ќе заспиешe пијан или трезен со време, не беше ни битно… Имав стан во којшто јас и мојата ќерка се будевме секое утро во мир и љубов. Овој сон ме држеше сите тие бескрајно долги денови, години, од несреќниот момент кога прв пат стапнав во твојата куќа…

Беше мој покрив полни 5 години, но ниту еден миг не беше мој дом. Таму, меѓу тие проклети ѕидови, каде се расфрлавте со храна, каде се пијаневте речиси секој ден до рани изутрини, каде ниту една слава не ја минувавте без кавга и тепачка меѓусебе, вие проклето несреќни и фрустрирани татко и два сина… Каква ужасна симбиоза, колку зло, колку несреќа се собирала во вашиот ген, па ти, Ти кој требаше да бидеш „принцот на белиот коњ“, кому му ја подарив мојата младост и срце, само за 2 недели се претвори во монструм.

Ме болат се уште, ме печат силно ударите на твоите гнасни раце, кои некогаш ги бакнував пред да заспијам, ми смрди устата, се гнасам од плунката секогаш кога ќе помислам дека сум те бакнала, и денес трчам во купатило да се истуширам, секогаш кога ќе помислам дека сум била телото кое ти служело за задоволување на твоите ниски страсти, кога со погрдни зборови ме принудуваше да го однесам „моето“ дете „долу да го чува мајка ти“, а јас да се подготвам за тебе…

Иако низ годините се ретчат миговите на сеќавање, но кога наближува Нова Година, повторно исто мракот раскршен со светлечките лампиони на елката, ме враќаат во ноќите, кога речиси во делириум се враќаше дома, заспиваше пред печката, а при првото будење, кога малку ќе избледеше алкохолот во тебе, силно ме удираше по лицето и главата, наредувајќи ми да повторувам се погласно и погласно, ми се чинеше до бекрај: „кажи дека ги сакаш мајка ми и татко ми, исто како мајка ти и татко ти…“

А, секое лето, два дена пред роденденот на ќерка ни, наместо радост и уживање се уште го чувствувам вкусот на крвта во устата, кога мислам ми ја искрши главата од кабината на бродот, само затоа што еден млад човек во барот седна до мене…Не разменив ни збор, ни поглед, барав прилика што поскоро да заминам, со наведната глава, зашто ја знаев твојата болна љубомора и непресметливост…знаев дека штом некој маж се појави во мое присуство,ти токму тогаш ќе покажеш дека сум твоја жена…И вечерта, повторно ти проработи болниот инстинкт, „чувството на грижа за мене“ па ме праша, што ке се напијам. Денови пред тоа седев сама со наши пријатели во сепарето, колку да не сум во собата,додека ти крај шанкот пиеше до рани зори и им се додворуваше на девојките кои тоа лето работеа, на тој брод…

Ме остави и 10 дена без храна,во твојата куќа, во твојот замок,со кој гордо се фалеше пред светот,во тие пеколни одаи…влегуваше дома, одненадеж, да провериш дали ќе претрча некоја другарка, да ми донесе нешто да поткаснам, колку да останам жива, а јас како и пред тоа, мирно и трпеливо со надеж дека ќе ти мине и ова лудило, ти ги перев и пеглав 45-те кошули и ги ставав во ормарот, за да ти бидат чисти и да ја избереш таа, што ќе посакаш за следното твое излегување…

Траеше полни 5 години…а, веќе 3 немав никаква емоција за тебе, срцето ми остана празно, не ти го поднесуваат ни мирисот, се плашев од звукот на чевлите, од крцкањето на вренгот кога ја отвораше вратата…знаев дека повторно без причина ќе се дереш и ѕвереш, за влакното што ќе го здогледаш во тоалетот или затоа што на гостите им варам кафе на скапа струја, ќе ми пцуеш без причина и навредуваш до бескрај, ако дојдат гости особено, за да покажеш дека ти си мажот, а јас жената, која мора да молчи, зашто и пред нив, ќе ти летнат рацете…

Сонував и се молев за денот кога ќе заминам од тој пекол, што за твојот болен ум, беше рајска палата…

И можеби ќе траеше уште долго, зашто немав храброст така да заминам, се срамев од својата грешна одлука, од својот грешен избор, за мене тој брак беше голем пораз, но немав сила, тоа да го признаам пред сите…Сепак телото, умот побара спас, ми падна нагло притисокот, доктори, болница…целото тело ми беше во грч, ми се тресеа рацете, нозете, долната вилица мислев ќе ми излезе, го слушав звукот на забите кои се удираа… умирав од страв, дека нешто страшно ќе ми се случи во тој миг, дека не ќе можам да си го видам веќе моето дете, да го прегрнам…

Од тој ден, не се вратив, вратата која ми ја покажуваше речиси при секоја кавга, не ја отворив повеќе…но, душата моја остана заробена во тие проклети ѕидови. Две години потоа се борев со депресија, минуваше времето, ќерка ми растеше, не во изобилство од дарови и раскошна облека, но полиена со љубовта, која секој миг извираште од мене…Денеска е девојка, полнолетна, прекрасна, убава, паметна, одговорна…и не и кажав ниту еден лош збор за тебе, сакав да те сака, сакав да има љубов за својот татко…

Наскоро ќе се вселиме и во станот, ќе украсиме елка, ќе и ставиме светлечки лампиони, домот ќе мириса на спокој и љубов, разбирањето, почитта, вербата …ќе бидат наша храна, имаме уште од патот, но најтешкото помина. Нашето семејство има два члена, но нашите срца се лавовски. И таа е борец како мене, знам, веќе не треба да се грижам, сонот се оствари, целта ја исполнив, имам ќерка со вистинки вредности, која растеше во мир и љубов…И вчера ми потври дека нејзиното, било среќно детство. Ова сознание е нејзиниот најголем подарок за мене.

Нова година се ближи, грчот во градите е тука, светлина блешти на сите страни, зашто љубов извира од моето срце. И ова не го пишувам за да ти кажам тебе, зашто ти, одамна не си Ти за мене. Оваа исповед е всушност мојата порака до самохраните мајки, да бидат храбри и со верба во себе. И тогаш кога има денови црни, мрачни, навидум без излез, кога фрижидерот е празен и освен сув леб и маргарин немаат што да му дадат на своето чедо, доволна е искрената љубов што зрачи од милите, топли очи за да се вратат на патот, да влечат со целата сила од секоја клетка, да ја истргаат љубовта, силата, енергијата, желбата за живот… а, потоа разумот и енергијата кои се непресушен извор, ќе им ги остварат сите планови и желби!

 

Подготвила: Моника Талеска (Радио Слободна Европа)

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас. 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во