26.11.2014: Значењето на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените“


Интернационална кампања за борба против сите форми на родово базирано насилство

Една од секои три жени во светот, се соочува со некаква форма на насилство и злоупотреба.  Во ниту една земја во светот, жените не се ослободени од овој страв и тортура.

Како една од стратегиите да се подигне свеста за родово базираното насилство и да се фасцилитира вмрежување на жените лидерки од оваа област, се воспостави „16 дена активизам против насилство врз жените“ интернационалната кампања, која прв пат е организирана во 1991 година од Институтот за женско глобално лидерство. Кампањата започнува на 25ти Ноември – Меѓународниот ден за борба против насилство врз жената и завршува на 10ти Декември – Меѓународниот ден на човекови права. 25ти ноември за прв пат почнал да се одбележува во 1981 година во знак на спомен на насилното убиство на Мирабел сестрите во 1960 од страна на диктаторот на Доминиканската Република, Рафаел Трухиљо. Како резултат на притисокот и делувањето на женските организации, Генералното Собрание на Обединетите нации, 1999 година го прогласи 25ти Ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените. Така, оваа кампања стана една од алатките за подигнување на свесноста  на општата популација за системот за човекови права на Обединетите нации. Идејата е овие денови на еден симболичен начин да го поврзат насилството врз жената и човековите права, ставајќи акцент на тоа дека ваквиот вид на насилство е кршење на основните човекови права.

Кои се Мирабел сестрите!

Мирабел сестрите, Патриа, Минерва, Марија Тереза и Деде, или како уште и биле нарекувани „Пеперутките“, биле политички активистки и давале силен отпор кон диктатурата на Трухиљо. Поради своите револуционерни активности, тие заедно со своите сопрузи постојано апсени и притворувани.  На 25 ти ноември, три од Мирабел сестрите биле убиени, од страна на припадници на тајната полиција на Трухиљо. Веста за бруталните убиства, ја шокирало и налутило нацијата, и помогнала да се покрене анти- Трухиљо движењето. Мирабел сестрите станале симбол на феминистичкиот отпор, а во годините по нивната смрт, тие се споменувале во поеми, песни и книги.

Во овој 16 дневен период, се одбележуваат уште два  значајни датуми:29ти ноември- Меѓународен  ден на жените бранители на човекови права ,  и 6ти декември со кој се одбележува годишнината од масакрот во Монтреал.

29ти ноември- Меѓународен  ден на жените бранители на човекови права. Тоа е интернационална кампања, која започнува во 2004 година, за признавање и заштита на човековите права на жените бранители кои преку различни активности се залагаат за остварување на сите човекови права за сите луѓе. Кампањата истакнува дека жените кои се борат за човековите права, и сите активистки, се соочуваат со конкретни повреди, како резултат на нивниот пол. 29ти ноември е ден на признание на човековите права на жените бранители, и тоа е ден на кој се одбележува активизмот, застапувањето и храбрите дела на отпорот.

6ти декември со кој се одбележува годишнината од Монтреалскиот масакр. На 6 ти декември 1989 година, 25 годишниот Марк Лепине, влегол на Универзитетот во Монтреал, во зградата на Факултетот за инженерство со полу- автоматска пушка. Започнал крвав поход во кој убил 14 жени и повредил уште 13 други од кои девет жени и четворица мажи. Лепине бил уверен дека не е примен на факултетот поради жените студентки. Пред да се убие, тој оставил писмо со објаснување, кое содржи критики за феминиситките, како и листа на деветнаесет истакнати жени, кои тој особено ги презирал. Оваа група убиени жени станале симбол, трагични претставници, на неправдата врз жените. Во 1991 година канадската влада го прогласи 6 ти декември за Национален ден на сеќавање и акции за насилството врз жените.

Овие 16 дена активизам се користат за организирање стратегии од страна на поединци и групи, од целиот свет кои повикуваат на елиминација на сите форми на насилство врз жените, преку:

– подигнување  на свеста во врска со родово базираното насилство како тема од човековите права, на локално, национално, регионално и интернационално ниво;

– зајакнување на локалните активности во врска со насилството врз жените;

– воспоставување на јасна врска меѓу локалната и интернационалната работа за да се запре насилството врз жените;

– обезбедување на форуми каде организациите ќе можат да развиваат и споделуваат нови и ефективни стратегии;

– покажување на солидарност на сите жени од светот, кои се организираат против насилството врз жените;

– креирање алатки за вршење притисок на владите да ги имплементираат ветувањата кои ги дале, за да се елиминира насилството врз жените.

Од 1991 година, околу 5179 организации, од 187 земји, земале учество во интернационалната кампања, 16 дена активизам против родово базираното насилство.

Македонија неколку години уназад зема учество во кампањата. Во текот на кампањата се организираат активности со цел кревање на свеста на општата популација во врска со постоењето на овој глобален проблем. Националната мрежа ја спроведува оваа кампања во последните четири години.  Во 2011 кампањата беше насловена како Гласот на мажите во превенцијата против насилството врз жените; додека во 2012 слоганот на кампањата беше Кажи НЕ на насилството врвз жените.

Оваа година темата на кампањата, во организација на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство  е „16 дена активизам за 16 убиени жени за 6 години“.  Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаеви, веќе постоело и било пријавувано семејно насилство.

Невладините организации повикуваат дека општеството треба да усвои „нула“ толеранција за сите облици на насилство врз жената.

Не само овие 16 дена, вкоренетоста на овој проблем бара работа и посветеност во текот на целата година.

Текстот го подготви Ивана Костовска, социјален работник во Кризен Центар „Надеж“, членка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените“,  која се спроведува со поддршка од Американската амбасада во Скопје

16_days_logo_english

Сподели

Со поддршка од