26.10.2018: Промоција на „Анализа на случаи на фемициди-убиства на жени во Република Македонија“

На 26.10.2018 во конферециската сала на Јавна соба-Скопје, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство ја промовираше Анализата на случаи на фемициди-убиства на жени во Република Македонија.

Анализата е спроведувана во периодот Септември – Ноември 2017 година, а ги опфаќа убиствата на жени кои се случиле во периодот од 2008 до 2016 година. Покрај презентација на наодите добиени од увидот во судските предмети, беа презентирани и препораки за унапредување на заштитата на жените жртви, како и препораки за превенција од оваа најтешка форма на насилство.

На промоцијата воведни обраќања дадоа: Министерот за внатрешни работи, Г-дин Оливер Спасовски, Министерката за труд и социјална политика, Г-ѓа Мила Царовска и постојаната координаторка на ОН и постојана претставничка на УНДП, Г-ѓа Луиза Винтон.

Главна цел на анализата беше да го утврди точниот број на фемициди во Република Македонија во периодот од 2008 до 2016 година, како и презентирање на институционалниот одговор кога се пријавува случај на насилство врз жените и кои мерки се преземаат за заштита на жртвата.

Анализата имаше за цел и да го актуелизира прашањето за „родово заснованите убиства“ преку иницирање на дискусија помеѓу релевантните чинители и носители на одлуки кои ќе го отворат процесот на усогласување на националното законодавство со препораките од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција) и Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.

Анализата на случаи на фемициди-убиства на жени во Република Македонија можете да ја најдете тука.

Сподели

Со поддршка од