26.02.2016: Родово заснованото насилство е присутно повеќе од било кога, но, за жал, тоа се толерира

Интервју со проф. д-р Александра Деаноска – Трендафилова, Институт за казнено право, Правен факултет „Јустинијан Први“, УКИМ

Професорке Деаноска – Трендафилова, едно од прашањата на кои ставате фокус во вашата научна работа е и прашањето за меѓународните и националните правни основи за борба против семејното насилство. Во таа насока, може ли да ни посочите какво е значењето на Конвенцијатана Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција?

Истанбулската конвенција доаѓа во време кое, за жал, не може да се нарече златно доба на родовата еднаквост и рамноправност, иако прашањата за заштитата на жената, родово – заснованите девијации, а особено за заштита од насилство се многу одамна предмет на дебати, меѓународни акти, национални регулативи на сите нивоа итн. Денес, семејното и родово заснованото насилство се чини дека е повеќе од било кога присутно и тоа во нови форми, кои за жал се релативизираат, затскриваат и толерираат. Конвенцијата има за цел да не потсети сите нас: држави, институции, граѓани за овие проблеми, но и да адресира многу актуелни прашања, нови облици на девијантни поведенија итн. кои иако првично претставувале „локални појави“ стануваат глобални проблеми, актуелизирани со глобализацијата и миграциите, како што се, на пример, гениталното осакатување на девојчињата и сл.

Во таа смисла, особено значајно е тоа што Конвенцијата како еден нов и модерен инструмент кој третира многу сензитивни прашања, укажува на тоа дека ваквите појави не може да бидат екскулпирани и оправдани врз основа на фактот што претставуваат традиција и дел од културата на еден народ. Гениталните мутилации на девојчињата, кои веќе ги спомнав, се практикуваат во многу држави, пред сѐ во Африка и се инвазивни и болни практики – причина за телесни повреди, тешки нарушувања на здравјето и смрт на милиони девојчиња. Ситуациите кога оваа појава резултира со смрт (која е дури и очекувана, зошто по правило се спроведува брутално, без анестезија, во нестерилни услови итн.) ги претвора во случаи на вистински фемицид и фактот дека тоа е традиција не може да надвладее и да ја оправда ваквата пракса со која несомено се повредуваат низа основни човекови права и специфични права на децата.

Република Македонија е потписник на оваа Конвенција, потребно е нејзино ратификување. Во таа смисла, што од правен аспект значи нејзината рафтификација и зошто е неопходно да се ратификува овој важен документ?

Ратификацијата е механизам за воведување на Конвенцијата во македонскиот правен систем. Со неа, таа ќе стане дел од нашето право. За мене лично, тоа е само формалност, бидејќи ништо не ги спречува надлежните институции при креирањето на законските решенија во оваа област да ги имаат предвид основните постулати на Конвенцијата. Се што претставува меѓународен стандард, услов за заштита на човековите права во определена област итн. треба да биде идеја водилка за креаторите на политиките и на законодавството во една држава, дури и без нешто да ги обврзува во таа насока. Оттука, ратификацијата на оваа Конвенција може да значи многу, но и да не значи ништо. Имено, со самото ратификување, нејзините решенија стануваат обврска за нас како држава, односно се што таа налага треба да се преточи во соодветна, применлива правна норма. На пример, Конвенцијата налага државите потписнички да го инкриминираат женското генитално осакатување, присилните бракови со деца, демнењето итн., што повлекува измени и дополнувања на Кривичниот законик. Но, често сме биле сведоци дека државата, односно институциите може за затаат или задоцнат со сето тоа, што значи дека станува очигледно дека политичката волја е клучна за успешна имплементација на одредбите од Конвенцијата, како и на одредбите од законите кои ќе се донесат или изменат под нејзино влијание.

Оттука, ратификацијата на Истанбулската конвенцнија ќе биде силна порака за детерминираноста на државата да се справи со проблемите на родово-заснованото и семејното насилство.

Во Конвенцијата, насилството врз жените се дефинира како повреда на човековите права. Што значи ваквата формулација и каков пристап кон третирањето на прашањето му дава оваа дефиниција?

Насилството во принцип е повреда на човековите права. Може да се појави како кршење на правото на физички (телесен) интегритет, на правото на психички интегритет – доколку се јави како психичко насилство, а може во крајна линија и да претставува повреда на правото на живот, доколку насилството се манифестирало во форма на убиство. Како кривичарка, ќе истакнам дека сите форми на насилство се инкриминирани дејствија, а во основата на секоја казненоправна инкриминација е повредата на определено човеково право. Родово -заснованото насилство (кое најчесто се јавува како насилство врз жени и девојчиња) ја прави таа повреда уште покомплексна и претставува квалифициран, потежок облик, бидејќи неговата суштина, покрај повредата на физичкиот и менталниот интегритет, на слободата на движење итн., на пример, се проширува со делумното или целосно негирање на еднаквоста на жените и мажите, третман и гледање на женскиот пол како инфериорен и недостоен да се третира еднакво.

Во еден од вашите трудови, а во однос на домашното или семејното насилство, се осврнувате и на прашањето за казнено-правната заштита на децата од сексуално насилство. На што се осврнува Истанбулската конвенција во однос на ова прашање, а посебно за склучувањето на присилни бракови и бракови со деца?

Кога станува збор за сексуалното насилство врз децата, треба да се нагласи дека во пракса жртви се и девојчињата и момчињата и дека ова прашање веќе е предмет на многу меѓународни правни акти, кои претставуваат солидна основа за заштита, се разбира, доколку јасно, одлучно и правилно се толкуваат и имплементираат тие решенија, па некои од прашањата во оваа сфера, како што се детската проституција, детската порнографија итн. не се предмет на Истанбулската конвенција. Во неа, сепак,се третираат некои од проблемите поврзани со сексуалните слободи и овде мора да се нагласи и тоа дека Конвенцијата има специфична заштитна димензија, истакнувајќи во самата Преамбула дека жените и девојчињата се изложени на поголем ризик од родово-засновано насилство за разлика од мажите.

Што се однесува до прашањата кои ги споменавте – присилните и детските бракови, Истанбулската конвенција експлицитно се осврнува врз нив. Имено, член 37 од Конвенцијата им налага на државите – потписнички да го инкриминираат умисленото присилување на полнолетно лице или на дете да стапи во брак.

Вториот случај е покомплексен и податлив за сериозна казненоправна опсервација, бидејќи, Конвенцијата налага инкриминирање на присилбата за стапување во брак на детето, кое теоретски може и самото да се согласи да стапи во брак. Тука се поставуваат неколку прашања. Дали ова ќе значи дека само присилниот детски брак ќе се инкрминира, а доброволниот не, дури и ако детето е, на пример, на возраст од 9 години? Дали таквата согласност треба да се смета за релевантна? Ако направиме споредба со казненото дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години, ќе забележиме дека согласноста на детето да стапи во полов однос не е релевентна и делото, и покрај неа, ќе постои. Треба да се има предвид фактот дека зависно од возраста, детото најчесто не е способно да изрази релевантна волја по тоа прашање и не е свесно за значењето на бракот и последиците од детскиот брак. Правилниот психофизички развој е ставен во сериозна опсност, а понекогаш и неговото здравје и правото на живот воопшто. Токму затоа, детските бракови кои исто како и женските генитални мутилации се дел од традициите и културата кај одредени народи, треба посебно да бидат адресирани и инкриминирани. Во националните законодавства најчесто постојат решенија според кои и деца, но над определена возраст (да речеме, над 16 години) може под определени услови и околности да стапат во брак. Се друго треба да биде забрането без оглед на согласностана детето.

Не треба да заборавиме дека Кривичниот законик на Република Македонија предвидува низа инкриминации за заштита на бракот, семејството и младината, како и инкриминации на трговијата со луѓе и трговијата со деца заради присилни бракови. Сепак, ваквата казненоправна рамка треба да се ревидира и дополни со експлицитни инкриминации во духот на Инстанбулската конвенција.

Дополнително, во Конвенцијата се инсистира и на инкриминирање на наведувањето на жртвата (полнолетно лице или дете) да стапи на територија на која таа не престојува или живее со цел да се присили на брак, од причина што таму таа уште повеќе би била изложена на присилба и опасност без можност за ефикасна заштита. Одредени форми на трговија со луѓе, веќе инкриминирани кај нас, може да ги покријат ваквите случаи.

Подготвил: Милчо Велјановски (портал Академик)

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас. 

Сподели

Со поддршка од