25.12.2019: Колку новиот закон за социјална заштита обезбедува помош и поддршка на жените жртви на семејно и родово базирано насилство?

На 25 декември 2019 година, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ја презентираше анализата на тема „Родовиот аспект и жртвите на родово базирано и семејно насилство во Законот за социјална заштита на Република Северна Македонија“. Настанот се одржа во Граѓански ресурсен центар – Скопје, со почеток во 12.30ч.

Целта на овој документ е да направи преглед на новиот закон за Социјална Заштита, кој што стапи во сила во Мај 2019 година и е дел од социјалната реформа предводена од Министерството за труд и социјална политика. Анализата дава осврт на тоа колку законот ги зема предвид потребите на жените жртви на семејно и родово базирано насилство, односно колку родовиот аспект е земен предвид при изготвување на законските одредби кои се однесуваат на жртвите на семејно и родово базирано насилство, па оттаму и фокусот е ставен на одредбите на законот кои се однесуваат на жртвите на родово базирано и семејно насилство од аспект на сервиси за поддршка, финансиска поддршка, како и друг тип на социјална поддршка специфично дизајнирани за оваа целна група.

Анализата ја презентираше извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Елена Димушевска, и свое излагање во однос на анализата имаше Министерската за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Елена Димушевска ги презентираше клучните наоди од самата анализа, и подетално се задржа на препораките за унапредување на законските одредби во Законот за социјална заштита, кои се однесуваат на жртви на родово базирано и семејно насилство. Имено, Законот за социјална заштита не ги препознава жените како посебно ранлива категорија на жртви на семејно насилство и не предвидува специфични мерки за заштита, превенција и реинтеграција. Во однос на финансиската поддршка достапни се два типа и тоа еднократна парична помош до 15.000 денари за потребите на жртва на семејно насилство за обезбедување на итна заштита и згрижување и до 12.000 денари за задоволување на потребите на жртвата на семејно насилство за остварување на право на здравствена заштита и медицински третман.

Понатаму, иако законот нуди институционална и вон институционална поддршка за жртвите во форма на сместување и услуги за психосоцијална поддршка сепак не сите жртви можат да го остварат правото на овие форми на заштита поради непостоењето на адекватен број на достапни сервиси на национално ниво.  Имено, на територијата на РСМ постојат вкупно 7 шелтер центри од кои 4 се лоцирани во главниот град, и постојат два советувалишни центри кои исто така се лоцирани во главниот град.

Во однос на реинтеграцијата, законот за социјална заштита не предвидува мерки за реинтеграција и рехабилитација на жртви на семејно и родово базирано насилство.

Она што е важно да се унапреди во самиот закон, а произлегува од препораките на анализата, е дека законот мора да ги препознае жените жртви на насилство како посебно ранлива категорија, и да предвиди мерки за нивна заштита согласно индивидуалните потреби на жртвите. Ова пред сè подразбира итно инвестирање во социјалната инфраструктура за жени жртви на насилство, односно минимум сместувачки капацитети согласно препораките на Истанбулската Конвенција, или уште најмалку 20 шелтри со минимум 8 кревети по згрижувачки центар, и советувалишни центри за психо-социјална поддршка на жртвите достапна и пристапна за сите жени, без разлика дали живеат во рурална или урбана средина и дали имаат некаква попреченост. Психолошкото советување треба да достапно за жртвите во целиот период на закрепнување на жртвата, и е клучен дел од нејзината реинтеграција и рехабилитација по напуштање на насилната средина.

Исто така, една од препораките е да се зголеми еднократната парична помош од 15.00 денари и да биде доделувана во зависност од потребите на примателката на помош. Односно, препораката е да се одреди најнизок износ на еднократна парична помош кој би се зголемувал согласно потребите на жртвата. Во оваа насока е и препораката за формирање фонд за финансиска поддршка на жени жртви на насилство кои ја напуштиле насилната средина. Со ова би се правела реална проценка на финансиската состојба на жртвата, и согласно тоа би се обезбедила финансиска помош, надоместок за основни потреби сопствени и на малолетните деца, кои и се доверени на чување се до нејзино трајно вработување, а согласно нејзината работна способност и образование, кои би биле овозможени како пакет мерки.

Последната препорака се однесува на домувањето, и оди во насока на развивање на мерка за обезбедување привремено домување за жени жртви на насилство кои ја напуштиле насилната средина. Овој вид на домување треба да обезбеди безбедно сместување во времетраење од 6 месеци до 2 години, сè додека жртвата е целосно интегрирана во општеството. Оваа мерка е насочена исклучиво за жртви кои не се во можност да обезбедат свој дом, немаат сопствено живеалиште, ниту пак може да го користат домот на своите родители.

Препораките содржани во анализата се засноваат на индивидуален пристап при определување на мерките за помош и заштита на жртвите, и нивното доделување на примателката на помош зависи од нејзините индивидуални потреби и моментална финансиска состојба. Жена жртва на семејно насилство која ја напуштила насилната средина би требало да добие пакет мерки или комбинација од предложените мерки, согласно индивидуалната проценка за нејзините потреби.

Анализата на Родовиот аспект и жртвите на родово базирано и семејно насилство во Законот за социјална заштита на Република Северна Македонија е достапна на овој линк.

Анализата е изработена во рамки на проектот „На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Македонија“ кој е финансиски поддржан од шведската фондација Квина тил Квина.

Сподели

Со поддршка од