25.11.2020: Борбата против насилство врз жените мора да продолжи и кога глобалната кампања ќе заврши

Денеска е Меѓународен ден на елиминацијата на насилството врз жените – ден на кој започнува глобалната кампања „16 денови активизам“, кампања која има за цел да ја подигне јавната свест против сите препознаени форми на насилство врз жени, како и да ја поттикне неопходноста од унапредување на системот за заштита, за да се обезбеди соодветна и сеопфатна заштитат за сите жени, без разлика на етничка припадност, образовние, социо-економски статус, попреченост итн.
Овие 16 денови активизам против насилство завршуваат на 10 декември – Меѓународниот ден за човекови права, симболично укажувајќи на фактот живот без насилство е едно од основните човекови права.
Годинашните 16 денови активизам ги започнуваме со потсетување на ситуацијата во Македонија со насилството врз жените и семејно насилство:

  • Пет фемициди, од кои два се случија во време на вонредна состојба поради КОВИД-19
  • Имплементирање на загрижувачки мал дел од планираните промени поврзани со унапредување на законската регулатива и зголемување на пристапноста и достапноста на специјализираните сервиси за жени кои преживеале некаква форма на насилство , а во согласност со препораките на Истанбулската конвенција
  • Непријавување на насилство поради срам и стигма
  • Недоверба во институциите и полицијата
  • Непостапување по пријава на жртва
  • Затворени врати на институции во време на здравствена криза

Оваа година помина во знак на пандемијата и се чини како истата да ги засени сите останати проблеми со кои жените се соочуваат, резултирајќи со занемарување на нивните права и потреби да бидат заштитени кога се во ризик од насилство или социјален ризик како последица на насилството.
Во Северна Македонија фемицидите не се препознаени како засебна форма на убиства, иако женските граѓански организации подолго време се залагаат да се третира и соодветно реагира како најекстремна форма на насилство врз жени. Ова и понатаму останува еден од главните приоритети во борбата против насилството, во текот на овие 16 денови активизам, а продолжува во текот на целата година. Од друга страна, најпрепознаени форми на насилство врз жените во Северна Македонија се физичкото и психолошкото насилство, но напорите на граѓанските организации вродија со резултат, и во очекување сме на усвојување на новиот Закон за превенција и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Новиот закон ги препознава сите форми на родово базирано насилство како физичко насилство, психолошко насилство, интимно партнерско насилство, економско, сексуално, вознемирување, демнење, вербално насилство, вознемирување на работно место, принудни бракови, малолетнички бракови, генитално осакатување, убиства во име на чест, женско чедоморство, присилни абортуси, селективни абортуси и малтретирање.
Токму поради сето ова, борбата мора да продолжи и после 16-дневна кампања, бидејќи насилството врз жените е грубо кршење на човековите права, кое треба соодветно да биде санкционирано, а жртвите да ја добијат заштитата и поддршката кои им се најпотребни.

Сподели

Со поддршка од