25.02.2016: Дофрлања, Допири, Покажување гениталии – Жените не го пријавуваат ваквото сексуално насилство

Вербалното и психичкото сексуално насилство се секојдневие на просечната македонска жена, велат организациите кои се бават со родово-базирано насилство. Иако многу жени биле предмет на сексуална злоупотреба, тоа не го пријавуваат, бидејќи немаат доверба во институциите и не веруваат дека некој ќе реагира.

На улиците, во јавниот простор и во институциите низ Скопје, жените често се изложени на сексуални напади, покажува истражување на непрофитната истажувачка „Реактор“, но и искуства од секојдневието.

„Многупати се случувало да си доаѓам од факултет попладне и пред студентскиот дом да се појави некој кој ми дофрла вулгарни зборови и ми ги покажува гениталиите. Имав среќа што во неколку наврати останувало само на тоа. Моја пријателка имала полошо искуство, пред неа застанал човек кој почнал да се соблекува“, раскажува студентката П.Е, која живеела во домот „Стив Наумов“.

Таа вели дека ваквите случаи често остануваат непријавени, но кога студентките се жалат, никој не им помага.

„Мојата пријателка исплашена се заканила дека ќе викне полиција, па напаѓачот се исплашил и побегнал. Тоа се случило во близина на сендвичарницата, во дворот на студентскиот. Неретко се случувало да излезам на тераса навечер и да се појави непознат човек кој од долу дофрла погрдни и срамни зборови. За сето ова неколкупати се обраќав до портирницата на студентскиот, сметајќи дека чуварите би требало да направат нешто. Но, залудно. Полиција кај нас се вика само ако се случи некоја потешка кражба или се случи тепачка“, вели соговорничката на Радио МОФ.

Насилството врз жените на јавни места е тема која добива многу малку внимание во дискусиите за родово-базираното насилство во земјава, смета Дамјан Здравев од непрофитната истражувачка организација „Реактор“. Тој вели дека отсуствува јавната свест за осетливоста и важноста на оваа тема, а нема ни јасни механизми за делување и поддршка на лицата кои претрпеле ваков вид насилство.

Здравев е еден од истражувачите во „Реактор“ кои работеле на Истражувањето на опсегот на родово-базираното насилство на јавните места во Скопје. Истражувањето покажало дека речиси кај една од пет жени постои веројатност да стане жртва на сексуално насилство.

„Податоците се навистина алармантни и укажуваат дека жените имаат тенденција да го избегнуваат користењето на одредени јавни простори. Повеќето од жените (над 70%) се плашат да одат навечер на места каде што има луѓе, над 60% се плашат да излегуваат сами ноќе, дури 37% се плашат да излегуваат сами и преку ден, во најголемиот број од случаите потенцирајќи го проблемот со слабото осветлување“, сугерира Здравев.

Според него, сето тоа влијае врз мобилноста на жените и нивното право апсолутно да ги користат јавните простори во кое било време и сами.

„Овој страв е дополнително генериран како резултат на сензационалистичкото известување за брутални случаи на насилство од страна на медиумите, лични искуства со насилни напади и општото чувство на ранливост.Ограничувањето на сопственото движење и воздржувањето, во недостаток на соодветна институционална заштита, се користат како начин и механизам за самоодбрана“, додава тој и појаснува дека Реактор ја промовирале и веб страната www.reagirajbidibezbedna.mk, со цел да ги мапираат „опасните“ места и да се овозможат дискретен простор за пријавување на насилството.

Според познаавачите, овој проблем е толку вкоренет во нашето секојдневие, што е речиси прифатлив меѓу жените.

„Вербалното насилство е прифатено како еден вид често непријатно однесување кое се игнорира, а понекогаш дури и го оправдуваат со однесувањето, изгледот или облеката на жената, кои според нив провоцираат насилство“, вели Фросина Ивановска од Кризен центар „Надеж“.

Слично е и размислувањето на Здравев. „Поради тоа што редовно се предмет на најраспространетите форми на родово- базирано насилство (зјапање, свиркање, сексуални коментари), многу жени го прифаќаат ваквиот тип на насилство како неизбежен дел при користењето на јавните места“, вели тој.

Неговото тврдење го поткрепуваат и резултатите од истражувањето во Скопје: една четвртина од испитаничките (24,9%) се изјасниле дека е веројатно да бидат нападнати додека чекаат или додека користат јавен превоз, дури 57% сметаат дека е веројатно да бидат нападнати или вознемирувани додека шетаат во парк, природа или по кејот на Вардар. Патиштата, улиците и паркинзите исто така се сметаат за небезбедни, па така 46,2% од испитаничките сметаат дека е веројатно да бидат нападнати на овие места, а една од четири смета дека тоа е многу веројатно.

Многу често полицијата не посветува соодветно внимание и помош на вакви случаи, велат истражувачите, дури понекогаш и ја обвинува самата жена жртва за давање повод на акт кој алудира на сексуално вознемирување.

Бројот на жени што пријавуваат ваква форма на насилство е мал, покажало истражувањето на Реактор. Од здруженијата велат дека жените се двоумат дали да пријават насилство поради срам од осуда, стигматизирање и немање доверба во институциите.

Ивановска додава дека во Македонија не постојат специјализирани услуги за различните форми на насилство врз жените.„Постоечките ресурси и услуги се однесуваат доминантно на жртви на семејно насилство, а останатите видови на насилство врз жената, особено сексуалното насилство се практично изоставени. Стандардите на Советот на Европа предвидуваат дека постоење на Кризни центри за помош на жртви на силување, минимум еден на 200 000 жени и Центри за жртви на сексуално насилство, минимум еден на 400 000 жени“, вели Ивановска.

Подготвила: Стефанија Тенекеџиева (Радио Моф)

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас.

Сподели

Со поддршка од