Годишно советување на тема „Превенција и спречување на сите форми на насилство врз жените и домашно насилство“ .

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, во соработка со Министерството за правда на Република Македонија и Македонската академија на науките и уметностите на 24 Октомври 2013 година организираа Годишно советување на тема „Превенција и спречување на сите форми на насилство врз жени и домашно насилство“ . Настанот се одржа во просториите на МАНУ со почеток во 10 часот.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција) е најсеопфатниот меѓународен документ кој го третира ова сериозно прекршување на човековите права. Цел на Конвенцијата е да се создаде нулта толеранција за сите видови насилство врз жени, вклучително и домашно насилство ширум Европа и претставува голем чекор кон создавање на безбеден простор за живеење. Превенцијата на насилството, заштитата на жртвите и гонењето на сторителите се основите на Конвенцијата.

Од тука, основна цел на советувањето беше презентација на придобивките од ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство, како и презентација на чекорите кои треба да се преземат во периодот пред нејзината ратификација во насока на постигнување на поголема употребна вредност на Конвенцијата, како и можните законски измени кои следат.

Воведното обраќање имаше проф. д-р. Трпе Стојановски – Претседател на ЗКПКМ, г-ца Елена Димушевска од Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и д-р Доминика Стојаноска од UN Women Скопје.

Потоа следеше панел- дискусија, каде што обраќање имаше академик проф. д-р Владо Камбовски од Правниот Факултет „Јустинијан Први“. Свои трудови изложија проф. д-р Љупчо Арнаудовски од Правниот Факултет „Јустинијан Први“ за „Криминолошки пристап кон деликтите на насилство“,  Г- ца Елена Димушевска од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство за „Улогата на невладиниот сектор во предратификациониот период“, проф. д-р Николина Кенинг за „Медиумско портретирање на жртвите на насилство“, проф. д-р Татјана Велкова од Факултетот за Правни Науки за „Семејно насилство – Превенција и сузбивање“, доц. д-р Стојанка Мирчева од Факултетот за Безбедност за „Итни мерки за жени жртви на насилство“, д-р Богданчо Гогов од Факултетот за Безбедност за „Потребата за усогласување на националните закони од областа на Конвенцијата“, доц. д-р Александра Деаноска Трендафиловска, како и Софија Спасовска од Министерство за труд и социјална политика која имаше свое обраќање.

На крајот следеше дискусија, заклучоци и затварање на Годишното советување.

Со цел поголема достапност на трудовите кои беа изложени на советувањето беше подготвена Македонска ревија за казнено право и криминологија со фокус на Превенција и заштита од сите форми на насилство врз жени – Истанбулска Конвенција, која можете да ја преземете тука. Во Ревијата може да се најде и Предратификациониот план за акција „Патот од потпишување до ратификација“ на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство кој беше подготвен од страна на работната група во рамки на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Оваа активност е дел од проектот „Застапување за унапредување на политиките/стратегиите за спречување на сите облици на насилство врз жените“ имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство со поддршка од локалната канцеларија на UN Women во Скопје.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости