20.11.2020: Пандемијата не смее да биде причина за полициско непостапување при насилство врз жени

На 19 ноември 2020 година во медиумите беше објавена сторија во која се наведува дека полицијата во Тетово не постапила по пријава за семејно насилство, поради тоа што насилникот бил заболен од КОВИД-19, а полициските службеници, не поседувале соодветна заштитна опрема. Притоа, во сторијата се наведува дека жртвата и претходно го пријавувала насилството, била физички напаѓана, силувана, ѝ биле одземани и приходите, а сето тоа се случувало пред очите на двете малолетни деца, кои постојано биле сведоци на насилството врз нивната мајка.

Притоа, таа била жртва на повеќе форми на насилство меѓу кои физичко, психичко, сексуално и економско, а сите овие форми на насилство се утврдени во Истанбулската конвенција, која е ратификувана и е дел од внатрешниот правен поредок на Северна Македонија.

Како што се наведува во веста: „Полицијата ѝ се јавувала на жената во опасност по телефон, да слушаат дежурните што се случува ‘во живо’ во куќата, додека насилникот ја малтретирал сопругата пред децата“, што повторно ги провлекува прашањата зошто жртвите ретко пријавуваат насилство и зошто и немаат доверба во полицијата и институците. Непостапувањето по пријавен случај на насилство врз жена ги повредува основните човекови права и слободи, а во исто време остава простор насилникот да го повторува делото без да биде соодветно санкциониран или отстранет од семејниот дом. Истовремено, се поставува и прашањето дали државата и институциите се свесни за својата обврска и одговорност да преземаат мерки за заштита на правата и слободите на граѓанките, согласно меѓународното право за човекови права и националното законодавство.

Во конкретниот случај, потребно било итно постапување, со оглед на тоа што насилството за првпат било пријавено на 4 ноември, а ескалирало на 19 ноември, кога жртвата побарала помош и од граѓанска организација. Полицијата има обврска секогаш да постапи по пријава за насилство врз жени и семејно насилство и да излезе на местото на настанот. Полициските службеници кои не постапиле по пријавата, мора итно да сносат одговорност, а жртвата да биде заштитена со соодветни мерки. Со ваквото непостапување е повреден член 29 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, според кој полицијата е должна по секоја пријава за семејно насилство,  а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, да излезе на местото на настанот, како и „полицискиот службеник е должен во рокот од 12 часа до надлежниот суд да достави предлог за изрекување на привремена мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот и полициски извештај, изготвен од полицискиот службеник“.

Моменталната ситуација со пандемијата на КОВИД-19 не смее да биде причина за полициско непостапување по каква било пријава, особено во случаи кога се случува сериозно насилство, кое го доведува во прашање и животот на жртвата. Особено внимание треба да се обрне и на фактот дека насилството било пренесувано „во живо“ преку телефонски повик до дежурните службеници, што уште повеќе ја продлабочува сериозноста на проблемот со непостапување во време на пандемија.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство уште на самиот почеток на пандемијата предупреди и побара полицијата и институциите да не ја занемаруваат својата одговорност и должност само поради тоа што е вонредна состојба. Бараме полицијата сериозно да ја сфати својата одговорност во борбата против насилството врз жените и семејното насилство и да не се дозволи ваквите случаи да земаат голем замав, па дури и да го загрозат животот на жртвата или да резултираат со фемицид поради несоодветно постапување.

За овој случај, бараме и од Министерството за внатрешни работи и СВР Тетово да покренат итна внатрешна постапка со која полициските службеници кои не постапиле, ќе бидат соодветно санкционирани и ќе им биде изречена дисциплинска мерка.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости