17.03.2017: Соопштение за медиуми _ Случај Убиство на жена во Битола

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

БАРАЊЕ ДО ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ОДГОВОРНО ПОСТАПУВАЊЕ ВО СЛУЧАЈОТ НА УБИСТВО НА ЖЕНА ВО БИТОЛА

Врз основа на информација споделена на интернет порталите, на 13.03.2017 година, убиена е жена во Битола. Осомничен за убиството е сопругот на жртвата, а причината се претпоставува дека се претходно нарушените меѓусебни односи на брачните партнери. Според известувањето од Основното Јавно Обвинителство во Битола, инцидентот се случил во дневната соба од заедничкиот дом, каде што со повеќе удари со тапо тврди средства – дрвени сукала обвинетиот ја удирал по главата оштетената нанесувајќи и повеќе повреди, односно преку вршење на семејно насилство ја лишил од живот неговата сопруга.

Убиството на жена извршено во семејно насилство во меѓународните документи е класифицирано како фемицид.
Фемицид е најтешка форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно насилство или интимно-партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена затоа што е жена.
Во Република Македонија од 2013 до 2016 година се регистрирани 19 фемициди, убиства на жени од интимен партнер или машки член на семејството.

Македонскиот кривичен законик иако не ја препознава оваа форма на насилство дефинирана на овој начин, сепак со член 123 став 2 точка 2 предвидува потешка казна затвор од минимум 10 години доколку лишувањето од живот е сторено при вршење на семејно насилство.

Како мрежа во која членуваат 27 организации кои повеќе од 20 години работат на спречување и заштита од насилство врз жената бараме:

  • Надлежните институции да превземат итни мерки за целосно разрешување на случајот и соодветно казнување на сторителот
  • Надлежните институции да превземат мерки со коишто ќе се истражи дали во минатото постоеле пријави за семејно насилство врз жртвата во полиција и Центар за социјална работа, и доколку постојат пријави да се утврди дали надлежните лица ги превземале сите мерки за справување со семејно насилство и заштита на здравјето и животот на жртвата
  • Центарот за социјална работа во Битола да ги превземе сите неопходни мерки за заштита на детето и обезбедување на безбедна средина и континуирана психолошка поддршка во насока на овозможување на правилен понатамошен развој, а согласно со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, Законот за семејство и Законот за социјална заштита.

Исто така, сметаме дека е време Република Македонија да посвети должно внимание на родово базираното насилство и да го криминализира Насилството врз жената и системски да ги адресира сите посебни форми на насилство кои ја таргетираат жената заради нејзината биолошка и социолошка природа.

Затоа како Мрежа, Бараме итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа на спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска Конвенција) која овие специјално насочени видови на насилство кон жените и девојките ги третира низ повеќе одредби. Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на случаите на насилство брз жени и адекватно казнување на сторителите, а воедно ќе понуди и системско менување на институционалниот одговор кон сите видови на насилство врз жената и семејно насилство.

Национална мрежа против насилство
врз жените и семејно насилство

Share on Facebook0Share on LinkedIn0Tweet about this on Twitter0Share on Google+0Email this to someone

Сподели

Со поддршка од