15.03.2016: Откази поради бременост, помалку платен труд, мобинг и насилство – правата на жената секојдневно се нарушуваат

Родово базирано насилство, дискриминација по основ на пол и бременост, помали плати и помалку платен труд, неефикасни механизми за правна заштита и мобинг, се дел од континуираните нарушувања на правата на жените во Македонија, на која предупредуваат претставниците на невладиниот сектор, стручната јавност, правните застапници и активистите за човекови права.

Родово базирано насилство

Статистиките велат дека во 2014 година во Македонија биле евидентирани 999 случаи на семејно насилство и тоа: 672 на физичко насилство, 728 на психичко насилство, 11 на сексуално и 33 економско насилство.

Во првата половина на 2015 пак, се евидентирани 612 случаи на насилство и тоа 329 на физичко, 561 психичко насилство, 14 економско насилство и еден случај на сексуално насилство, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство„Глас против насилство“.

Од оваа организација, повикувајќи се на потребата од ратификација на Истанбулската конвенција од страна на Република Македонија, нагласуваат дека насилството врз жените претставува кршење на основните човекови права и тоа, како што впрочем се регулира во Конвенцијата, е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жената и мажот.

Таквите односи, додаваат од Националната мрежа, се рефлектираат и во семејството и на работното место, што резултира со појава на домашно насилство, појава на сексуално насилство на пазарот на труд и дискриминација врз жените.

„Во насока на придржувањето на поставените цели на Истанбулската конвенција, во Македонија потребна е измена на законите, на тој начин што ќе се воведат засебни кривични дела на психолошко насилство, демнење, физичко насилство, сексуално насилство вклучувајќи и силување, присилни бракови, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација, како и забрана за сексуално вознемирување“, велат од Националната мрежа .

Во таа смисла, додаваат од организацијата, неопходно е да им се помогне на жените кои поминале низ насилство во самите судски постапки преку обезбедување на заштита и поддршка во текот на постапките, информирање за напредувањето на случајот, нивната улога во постапката и преку овозможување жртвите да бидат сослушани и да изведуваат докази без да се соочат со сторителот.

Насилство проследено со говор на омраза кој има за цел да ја понижи жената

Адвокатката Наташа Бошкова како еден од клучните проблеми во врска со нарушувањето на правата на жените го посочува насилството, случаите на фемицид, говорот на омраза, донесувањето на закони кои директно ги нарушуваат правата на жената и неимплементацијата со закони кои треба да се заштитат нивните права.

„Насилството е најзагрижувачко, тоа се рефлектира и на нејзиното здравје и на приватниот и професионалниот живот. Ранливите групи на жени поминуваат низ повеќекратна дискриминација. Тука треба да се нагласи и присуството на говорот на омраза кој има за цел да ја понижи и деградира жената. Голем проблем е и неприменувањето на законската регулатива, таа не дава резултати во праксата. Претстои уште многу што треба да биде направено на овој план, а од големо значење е да се работи на зајакнување на јавната свест. Во таа насока, не може да се говори за почитување на правата на жената кога не само што не се применува ефикасно законската регулатива која има за цел да ја заштити жената, туку се носат и закони кои директно и ги ограничуваат правата, како што е на пример Законот за прекинување на бременоста“, вели Бошкова.

Дискриминација по основ на пол и бременост

Во однос на прашањето за дискриминацијата по основ на пол и бременост како едно од посериозните нарушувања на трудовите права на жените, од Здружението на младите правници истакнуваат дека жените кои што се вработени со договор на определено време често пати се соочуваат со проблемот кога ќе соопштат на рабодавецот дека се бремени, договорот да не им се продолжи и нивниот работен однос да престане со истекот на постоечкиот договор.

Младите правници појаснуваат дека ваквата можност ја дава Законот за работни односи кој што иако забранува отказ за време на бременост (чл. 101 ст. 1 од ЗРО), таа забрана не се применува на договорите за вработување на определено време поради истек на времето за кое договорот е склучен (чл. 101 ст. 3 од ЗРО).

„Неспорна е оправданоста на ваквата забрана имајќи ја во предвид природата на договорот на вработување на определено време. Сепак, оваа можност не треба да се злоупотребува и да се толкува како carte blanche да се откаже договорот за вработување на жените кои ќе останат бремени. Во значителен број од ваквите случаи е јасно видливо дека работничката била планирана да се ангажира за подолг временски период (дадени и се долготрајни работни задачи, предвидена е во работни планови и сл.), меѓутоа веднаш откако ќе го информира работодавецот за бременоста, следниот период кога ќе треба договорот да се продолжи, тоа не се случува. Во ваквите случаи очигледна причина за престанокот на договорот за вработување е исклучиво фактот дека работничката останала бремена што претставува повреда на Законот за работни односи“, велат од Здруженито.

Младите правници предупредуваат дека жените кои ќе се соочат со овој проблем покрај стресот кој го доживуваат за време на бременоста, како и прекинувањето на изворот на приход, можат исто така да трпат и други последици.

„Доколку немаат непрекинат стаж подолг од шест месеци пред бременоста, тие ќе немаат ниту право на надомест на плата за време на отсуство од работа поради бременост и мајчинство што значително би можело да ја загрози нивната издршка“, налгасуваат од Здружението на младите правници.

И според сознанијата и предметите на Хелсиншкиот комитет за човековите права, во практиката постојат многу случаи во кои се нарушуваат правата на жената, нејзината еднаквост и правото на приватност. Според податоците на Комитетот во голем број случаи при вработувањата на жените им биле поставувани и прашања за планирање на семејството.

Мобинг и насилство на работа

Според истражувањата на НВО “Феминистичка иницијатива”, која се занимава со проблемот на мобинг, повеќето жртвите на мобинг се жени кои се на возраст помеѓу 30-35 години (58%) и 68% од сите мобинг жртви се жени, додека најголемиот дел од сторители се мажи.

 За прашањето на мобингот, од Националната мрежа образложуваат дека мобингот исто така е форма на родово базирано насилство и оттука тој претставува нарушување на човековите права и правата на жените, а според Препораката 19 од Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената и според Истанбулската конвенција, сексуалното вознемирување на работно место се смета за родово базирано насилство.

Од Реактор – Истражување во Акција, додаваат дека покрај овие нарушувања на правата на работното место, евидентно се нарушуваат правата на жените со попреченост, кои, како што нагласуваат од организацијата, особено се подложни на насилство на работните места.Повикувајќи се на истражувањата од НВО „Отворете ги прозорите”, од Реактор велат дека насилството на работно место, вербално или психолошко, е нешто што ги придружува овие лица.„Најпрвин бидејки немаат адекватни услови за работа на нивните работни места, второ се појавуваат одредени манипулации со исплатата на средства за нивниот труд. Обично работодавачот склучува еден договор со личноста и кога ќе треба да се платат пари, настануваат проблеми, така што префрлуваат половина од парите на сметка, а другата половина лицето треба да ја врати во готовина“, посочуваат од Реактор.

Дејан Лутовски, еден од авторите на студијата „Обезвреднување на трудот“ во издание на „Солидарност“ истакнува дека основен проблем на Законот за заштита од вознемирување на работното место е што тој во пракса е неприменлив. „Овој закон и покрај релативно добрите решенија и цели, во праксата е неприменлив. Факт е дека жените се најчестите жртви на мобинг. Треба да се напомене дека тие се соочуваат со притисоци уште при вработувањето, а посебно кога нив им се поставуваат прашања за нивните планови за формирање на семејство, а тоа, секако, упатува кон дискриминација“, истакнува Лутовски.

Отсуство на ефикасни правни механизми

Адвокатските исукства, исто така, говорат дека во земјава жените работнички се соочуваат со бројни нарушувања на нивните права, кои се проследени со отсуство на несоодветен ефикасни механизми за заштита на нивните права. „Во Република Македонија жените работнички се соочуваат со прекршувања на нивните права, како при вработување така и на работното место. Жените работнички немаат на располагање ефикасни и ефективни правни и институционални механизми и тела кои можат да ги искористат за да ги заштитат своите права, па неретко се случува да добијат отказно решение поради бременост или, пак, да се соочат со виктимизација при пријавување на прекршување на одредбите од Законот за работните односи или Законот за заштита од вознемирување на работното место“, вели адвокатката Маја Ристова, според која мобингот во суштина произлегува од доминантата положба на мажите наспрема подредената положба на жените во општествениот живот, а во конкретниот случај и на пазарот на трудот. Адвокатката истакнува дека во Македонија и женскиот труд е помалку платен и незаштитен.

Помалку платен труд

Во споменатата студија „Обезвреднување на трудот“, се посочува дека во земјава постои дискриминаторски однос во поглед на висината на минималната плата за работниците во кожарската, чевларската и текстилната индустрија во однос на работниците од другите индустриски гранки. „Во Македонија типичен пример за непочитување на женскиот труд е Законот за минимална плата во Република Македонија. За работниците и жените работнички во кожарската, чевларската и текстилната индустрија, утврдена е помала плата во однос на работниците од другите индустриски гранки. Тука не само што се работи за дискриминација, туку овој закон е и противуставен“, истакнува Дејан Лутовски, активист на „Солидарност“ и „Ленка“.

Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс тинк“, повикувајќи се на анализата оваа организација за родовиот јаз на платите во Македонија, додава дека и во поширок општествен контекст, во Македонија жените заработуваат пониска плата од мажите.„Во Македонија жените просечно заработуваат 12.5% пониска плата од мажите, а разликата се зголемува и до 28.4% кај лицата без образование или само со основно образование. Но, доколку направиме споредба на платите на мажите и жените според исти карактеристики (образование, искуство, вештини), разликата во платите се зголемува и до 17,3%, односно за иста позиција и за исти карактеристики жените се помалку платени“, вели Петрески.

Таа додава дека родовиот јаз е распространет и глобален феномен, а причините за постоењето на родовиот јаз во платите се различни: поради дискриминација, поради традиционалните карактеристики на некои општества жената да се грижи за домот и за семејството, поради улогата на жената како неплатен семеен работник, но исто така и поради сегрегација на професиите.

„За жал, сѐ уште постојат женски и машки професии. Мајчинството, исто така, може да биде фактор што го објаснува јазот. Поради родителски обврски, жените често работат со скратено работно време, прават прекини во кариерата. Поради семејните обврски, жените често се спречени да работат прекувремено, не се во можност да патуваат доколку е потребно“, истакнува Петрески.

Подготвил: Милчо Велјановски (портал Академик)

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас. 

Сподели

Со поддршка од