10.12.2014: „Заборавени“ форми на насилство врз жените и девојчињата – Принудни и договорени бракови

 Договорени бракови

Терминот договорен брак е долга традиција која потекнува од Индија и се однесува на ситуација во која идните сопружници се одбрани првично од некоја трета личност, а не од самите партнери. Третите личности, посредниците најчесто се родителите, но не ретко е и некој друг близок член на семејството. Во традиционалните заедници, младите се сложуваат на ваквиот чин поради лојалност кон семејството и традицијата. Оние пак кои се во улога на посредници без разлика дали се родители, роднини или некоја друга страна, најчесто имаат економски бенефит од идниот брак, или едноставно се работи за одбрана на  честа на семејството. Понекогаш причина за договорен брак е и финансиската добросостојба на идната невеста и социјалниот статус.

До ден денес, овој начин на склучување на бракови, колку и да е осудуван, останува како прифатлив  во источните култури дури и за самите младите кои живеат во традиционалните средини.

Принудни бракови

Принудните бракови се примарно но не и ексклузивно тесно врзани со насилството врз жените и семејното насилство. Овој начин на склучување на бракови ги лишува младите девојки и жените (само 15% од жртвите на принудни бракови се момчиња) од нивните основни човекови права, и често тие се подложени на емоционален стрес, закани и притисок, трпат психичко и физичко насилство од своите родители. Во некои земји, девојките се киднапирани од страна на  семејството на младоженецот, и се држат затворени додека не го прифатат бракот.  Според истражувањата ,секој втор принудно случен брак продолжува со психичко и физичко насилство од партнерот и семејството на партнерот.

Малолетничките бракови се еден вид на принудни бракови бидејќи се смета дека малолетно лице не може да донесе одлука за стапување во брак и оформување на семејство. Ваквиот чин во меѓународните документи се смета за злоупотреба на дете и како такво е кривично дело.

 Разлика помеѓу договорените и принудните бракови

Договорените бракови се вообичаен начин преку кој родителите им помагаат на своите деца да си најдат соодветни партнери со иста религиозна и културолошка припадност. Најчесто родителите организираат средба за запознавање, а конечната одлука ја донесуваат младите.

Разликата во принуднните бракови е тоа што во овие случаи, младите не одлучуваат дали бракот ќе биде склучен или не, ниту пак го запознаваат идниот сопружник пред самата венчавка.

 Кого и како  го засега оваа појава ?

Принудните бракови во значајно поголем обем ги засегаат малолетните девојчиња, кои потоа трпат бројни консеквенци на емоционално и психолошко ниво, како и се соочуваат со проблеми врзани со репродуктивното здравје, имајки во предвид дека стапуваат во брак и стануваат мајки на возраст од 13 до 20 години.

Кај девојките кои рано стапуваат (под 18 години) во брак под принуда, за 60%  е поголема стапката на смртност на  нивните новороденчињата,  за 5 пати е поголема стапката на смртност за време на породувањето,  два пати поголем е ризикот од сексуално преносливи болести и  за три пати е поголема стапката на сексуално и физичко насилство. Честа состојба кај младите мајки е и таканаречената Акушерска фистула ( Obstetric fistula ), која настанува во текот на породувањето кога доаѓа до расцепување на вагината, ректумот или мочниот меур. Оваа состојба, хирушки не  третирана, резултира со неконтролирано истекување на урина и фекалии до крајот на животот.

Покрај здравствените последици, овие жени и девојки трпат и бројни психолошки последици поради тоа што живеат во социјална  изолација, отргнати се од своето семејство и својата животна средина, подложени се на секојдневно психолошко насилство и тортура, одземено им  е и правото на образование што ги става во зависна позиција заради евентуалниот лош пласман на пазарот на труд што дополнително им дава чуство на немоќ.

 Кои се причините за принудните бракови?

Од социолошки аспект, аналитичарите причините за оваа појава ги наоѓаат во : сиромаштијата, ограничениот пристап до образованието, чуството на несигурност и загрозеност во период на воени конфликти, традицијата и религијата.

Но ова не се случува само во одредени источни делови од светот, се почесто се случува и во модерните општества, во Америка и Европа како резултат на миграцијата. Иако во овие земји принудниот брак се смета за кривично дело, во затворените заедници кои овој чин го негуваат како традиција  принудниот брак сеуште перзистира, бидејќи една од причините  за негова појава исто така е и одржувањето и продолжувањето на родот или сопствената раса.

Ваквата пракса долго време не била осудувана , бидејќи како традиција е тесно поврзана со одредени религии, а критикувањето на религиозните вредности и ритуали е прилично сензитивно прашање, иако современите истражувања покажуваат дека 83% од родителите кои ги присилиле своите деца на брак се од муслиманска вероисповест.

Проблемот во договорените бракови кои ги загрижува бранителите на човековите права кога еден или и двата идни сопружници се малолетни лица или во случаи кога постои присила,е загрозено човеково право на автономен избор.

Во Македонија исто така е застапен принудниот брак, најчесто во форма на продажба на невести. Оваа појава е најзастапена кај ромската популација, и во руралните средени каде иселувањето на младите е се почест феномен.

 Текстот го подготви Мила Радоњиќ од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“ на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство,  а поддршана од Американската амбасада во Скопје. 

Сподели

Со поддршка од