10.02.2021: Линија за родители – Затоа што сите прашања се важни

Родителството може да биде планирано или непланирано, да се оствари самостојно или во партнерство, но независно од неговата форма, едно е сигурно – начинот на кој ги воспитуваме децата го обликува начинот на кој размислуваат, чувствуваат, се однесуваат и учат низ целиот живот.

Сите го сакаме најдоброто за нашите деца, но да се биде родител не е секогаш лесно, а за многумина, успешното родителство не доаѓа инстинктивно. Животните околности на сите се различни, но секој родител се соочува со дилеми и ги преиспитува своите одлуки.  

Кога децата не се однесуваат како што очекуваме, ние како родители тоа може да го сфатиме лично, да сметаме дека ни го тестираат трпението и нѐ провоцираат. Но, излегува дека децата ги тестираат своите способности, поместувајќи ги сопствените граници.

Позитивното родителство не претставува само отсуство на насилни методи на воспитување. Вистинското позитивно родителство всушност претставува разбирање на потребите на детето, проактивно реагирање на нив, препознавање на различните развојни фази кај детето, доследност, учење на соодветно однесување без употреба на казна и негување лични карактеристики на детето како што се самодоверба, истрајност, независност, емпатија, љубопитност и одговорност.

Сето ова може да ни звучи премногу. Но, кога родителите имаат знаење како да одговорат во различни ситуации, тоа им помага да се опуштат и да стекнат самодоверба, што за возврат му додава квалитет на времето минато со децата, а родителското искуство го чини полесно и поисполнето.

Решенијата на родителските дилеми честопати доаѓаат преку разговор, одговор на прашање или совет. За да овозможиме полесно доаѓање до одговори на родителските прашања и да понудиме безбедна и анонимна поддршка, ги поддржуваме услугите преку телефонската линија за родители.

Преку бесплатната Линија за родители 075 230 530, тим обучени експерти им нуди поддршка и советување на родителите и старателите, а работи секој работен ден од 15:00 до 20:00 часот.

Родителите и старателите може да се јават за да добијат едноставни совети; или да побараат проширена поддршка со секојдневно сеопфатно насочено советување и следење на постигнатиот напредок на детето заедно со стручните лица. 

Линијата е отворена за родителите, старателите и негувателите на деца од сите возрасти, за оние кои планираат да станат родители или старатели, оние кои се родители со партнер, самохрани родители и за сите што се заинтересирани да дознаат повеќе за родителството.

Сподели

Со поддршка од