09.12.2014: „Заборавени“ форми на насилство врз жените и девојчињата – Малолетнички бракови

Малолетничките бракови се честа појава во земјите во развој, непропорционално влијаејќи на девојчињата, загрозувајќи го нивниот живот и егзистенција. Вкоренета во културната традиција и сиромаштијата, оваа пракса не само што ги повредува човековите права, туку влијае и на стабилноста и  економскиот развој на земјите.

Меѓународните закони ги забрануваат малолетничките бракови пред осумнаесет годишна возраст, како возраст на полнолетство. Овие закони се засноваат на аргументот дека децата и адолесцентите не се доволно зрели да донесуваат одлуки за брак и семејство и дека раното стапување во брак може да доведе до трајни емоционални, физички и психолошки страдања. Покрај тоа, за девојчињата стапувањето прерано во брак значи уништување на можностите за образование и економски перспективи и влијае за зголемување на сиромаштијата во многу заедници во светот, попречувајќи го напредокот кон националните и глобалните развојни цели и заканувајќи се на стабилноста.

Покрај тоа што им е одземено правото на безгрижно детство и образование, девојчињата втурнати прерано во брак имаат и големи шанси да бидат заразени со разни полови болести поради генералниот недостиг од превенција и едукација во однос на репродуктивното здравје. Бременоста кај девојчињата е опасна по живот бидејќи кај девојчиња помлади од 15 години, па и на 16 или 17-годишна возраст, репродуктивни органи се недоразвиени, а на таа возраст и растењето сè уште трае. Друга проблематика во малолетничките бракови е ако во нив се роди и дете, поради тоа што и родителот во исто време е дете се наметнува прашањето за подготвеноста за воспитување и подигнување на идните генерации.

Малолетничките бракови ги надминуваат регионалните и културните граници. Во светски рамки, во земјите во развој се проценува дека секое трето девојче се мажи пред да наполни осумнаесет години, а секое деветто пред да наполни петнаесет. Аналитичарите предвидуваат дека доколку продолжат моменталните трендови, во оваа декада 142 милиони девојки во светот ќе стапат во брак пред да станат полнолетни.

Истражувањата за малолетничките бракови спроведени од Обединетите нации и повеќе граѓански организации даваат поширок демографски портрет на младите девојки кои стапуваат во брак. Се заклучува дека за девојчињата од руралните средини е два пати поверојатно да стапат во брак од тие од урбаните средини, додека најголем број од девојчињата кои стапуваат во малолетнички бракови се од сиромашни семејства. Девојчињата кои стапуваат во малолетнички бракови генерално се помалку образовани, било поради недостаток на можности или поради ограничување на образованието со стапувањето во брак. Во некои земји, распространетоста на малолетничките бракови исто така лежи во верски или етнички убедувања.

Често се случува родителите кои се необразовани и се социјално загрозени да инсистираат нивното дете порано да се омажи, со цел да го спасат од сиромаштијата. Најчесто тоа е дел од културата која трансгенерациски се пренесува како модел на однесување.

За проблемот на малолетнички бракови во Македонија не се зборува многу и генерално се третира како прашање на традицијата, на семејството и на заедницата. Во Република Македонија, процентот на мажени девојчиња пред 15-годишна возраст е 1%, а процентот на мажени пред да наполнат 18 години е 12%. Овој процент се разликува меѓу девојките од различни етнички групи. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2010 година мнозинството од лица што склучиле брак на возраст под 20 години се девојчиња (230 од 329 или 70%). Значајно е да се напомене и дека мнозинството од млади невести под 20 години се мажат за постари младоженци.

Според извештајот во сенка кон Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жената (2013), во Република Македонија постои високо ниво на прифаќање на договорените бракови и процентот на склучени малолетнички бракови во женската популација е пет пати поголем од тој во машката популација. Секоја петта жена смета дека нема право да го одбие стапувањето во брак доколку изборот на младоженец е направен од нејзиното семејство.

Особено погодена заедница во Македонија со овој проблем се Ромите. Во Националната стратегија за Роми, појавата на чести малолетнички бракови е детектирана како една од причините за ниските образовни постигнувања на децата-Роми.

Може да се заклучи дека е потребен посистематски приод кон оваа проблематика за нејзино искоренување и превенција. Инвестирањето во иднината на девојките и одложувањето на возраста за стапување во брак, според сите истражувања, целосно ќе има повеќекратен корисен ефект за целата заедница.

Текстот го подготви Наташа Димитровска од Национален совет за родова рамноправност – СОЖМ, членка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“ која се спроведува со поддршка од Американската амбасада во Скопје. 


 

Сподели

Со поддршка од