09.11.2014: Конференција: „Конвенција на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и домашно насилство – Чекори кон ратификација“

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство и Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со Националниот совет за родова рамноправност како дел од активностите на проектот „ Со здружени напори – Кон нови европски стандарди во заштита на жените од родово базираното насилство “,организираа Kонференција на тема  „Конвенција на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и домашно насилство – Чекори кон ратификација“, која се одржa на 06.11.2014 година во хотел Порта, Скопје.

Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство е најсеопфатниот меѓународен документ кој го третира ова сериозно прекршување на човековите права. Цел на Конвенцијата е да се создаде нулта толеранција за сите форми на насилство врз жените, вклучително и домашно насилство ширум Европа и претставува голем чекор кон содавање на безбеден простор за живеење. Превенцијата на насилството, заштитата на жртвите и гонењето на сторителите се основите на Конвенцијата.

Од тука, основна цел на конференцијата беше отварање на дебата за чекорите кои треба да се превземат за ратификација и имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жената и домашното насилство (Истанбулска Конвенција). Конференцијата имаше за цел да придонесе кон согледување на потребата од ратификација на Истанбулската Конвенција, обврските на државите органи кои произлегуваат од Истанбулската конвенција за заштита на жените и децата од насилство, како и предизвиците со кои истите се соочуваат за нејзина имплементација.

На конференцијата свои излагања покрај извршната директорка на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска која ја отвори конференцијата и извршната директорка на Мрежата Елена Димушевска која говореше за Улогата на невладиниот сектор во Ратификацијата на Истанбулската конвенција свое излагање имаа, јавната обвинителка Ленче Ристевска на тема „Заштита на жртвите на насилство во кривична постапка“, професорката Николина Кениг од Филозофски факултет на тема „ Истражувања за родово базираното насилство во РМ– проблеми и предизвици“, професорката Стојанка Мирчева на тема: „ Позитивна обврска на државата во заштита на жените од насилство – осврт на фемицид“, професорот Богданчо Гогов на тема „ Улогата на полицијата во заштита на жените од насилство (Истанбулската конвенција и моментална состојба“, професорката Александра Деаноска- Трендафилова од Правен Факултет при УКИМ, на тема „ Истанбулската конвенција и заштита на децата од насилство“.  Секое од овие излагања  разви опширна дебата за моменталната состојба во државата  и потребите  за усогласување на препораките  од  конвенцијата.

Сподели

Со поддршка од