Објавен петтиот Извештај за состојбата со Женските права во Западен Балкан

Петтиот извештај „Женските права во Западен Балкан“ како и предходните години ги следи состојбите со женски права во  шест земји од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Извештајот служи како алатка за следење на  унапредувањето на женските права во  текот на изминатите години.

Приоритетни области кои се опфатени во извештајот се : присуство на жените во политиката, родово базирано насилство и бранителки на на женските права, кои три области се и приоритет во работата на фондацијата Квина тил Квина (Kvinna till Kvinna Foundation).

Во продолжение, ќе прочитате повеќе за ситуацијата со родово базираното насилство во Македонија, начините на заштита на жртви и борбата против сите форми на насилство врз жени:

Од декември 2019, во Северна Македонија е зголемен бројот на специјализирани сервиси за жртви на родово-базирано и семејно насилство и има вкупно осум шелтри и три кризни центри. Три од овие 11 специјализирани сервиси се предводени од женски граѓански организации, додека останатите ги води Министерството за труд и социјална политика преку Центрите за социјална работа. И покрај  зголемувањето на бројот на сервисите, тоа истовремено не значеше и подобрување на квалитетот на понудената заштита  за жртвите, ниту пак одвојување на доволно финансиски средства за нивна оддржливост.  

На национално ниво, поголемиот број шелтри се распоредени во неколку поголеми градови и најчесто недостапни за жените од руралните средини.

Постојат три центри за згрижување жртви на силување кои се дел од гинеколошко-акушерските одделенија во клиниките во Скопје, Тетово и Куманово и нив ги води Министерството за здравство. Тие нудат заштита и медицинска грижа за жртвите, како и собирање докази и подготвување медицински извештаи, за жртвите да бидат подготвени кога ќе пријават во полиција. Но, жртвите ретко ги пријавуваат овие случаи поради некоординираноста меѓу процедурите на овие центри и полицијата. Бројот на жени кои се јавиле во овие центри, откако се основани во 2018, и понатаму останува мал, што јасно дава до знаење дека тие немаат познавања за нивното постоење. Ова е причина за сериозна загриженост, бидејќи жртвите на родово-базирано насилство не знаат кои можности за помош и поддршка ги имаат.

Северна Македонија има и три СОС-линии кои даваат бесплатна помош на жртвите на семејно насилство. Постои и засебна линија посветена само за жртвите на трговија со луѓе. За овие линии, како што забележува Квина Тил Квина во претходниот извештај, нема јасен податок дали работат со целосен капацитет. Една од овие линии нуди и ограничени сервиси на албански јазик, но нема вакви линии на другите јазици на заедниците, како ромски и турски. Овие сервиси не се целосно пристапни на жртви со различни типови на попреченост.

Алокација на фондови за борба против родово-базирано насилство

Истанбулската конвенција бара релоцирање на државни средства и човечки ресурси за имплементирање на интегрирани политики, мерки и програми за борба против сите форми на родово-базирано насилство. Без соодветните финансии, препораките на Истанбулската конвенција не можат да бидат имплементирани, ниту мониторирани. Ова е голема пречка во елиминацијата на овој вид на насилство, а улогата на женските граѓански организации во сите шест држави кои се предмет на овој извештај, е да ги надгледуваат и имплементираат потребните активности и да се соочат со предизвиците на ова поле.

Владата во Северна Македонија го усвоиНационалниот акциски план за имплементација на Истанбулската конвенција 2018-2023 во октомври 2018, кратко по ратификацијата на Конвенцијата во декември 2017. Документот ги посочува одговорностите на секоја релевантна институција, без индикации за тоа дали и колку треба финансиски да помогнат во борбата против родово-базираното насилство.

Со цел да ги исполни препораките од Акцискиот план, Министерството за правда го подготви  Закон за компензација на жртви на кривични дела. Новиот Закон за бесплатна правна помош беше усвоен во мај 2019, а во периодот на известување започна и процесот на доработка на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка.

Многу е важно да се знае дека финансирањето на правните структури води кон подобрена заштита на жртвите на родово-базирано насилство. На барањето на КТК до Министерството за правда за информации за алоцирани фондови за превенција и заштита од родово-базирано и семејно насилство, не беа добиени потребните податоци, што наведува на тоа дека законите не ги категоризираат жртвите, па затоа трошоците за нивна заштита не можат да бидат проценети и пресметани. Министерството за правда потврди дека специфичните активности се финансираат и од средства на донатори, како дополнување на нивните буџети.

Во 2019, МТСП издвои 5.346.000 денари (87.014 евра) за шест граѓански организации кои работат со жртви на насилство. Во 2020, оваа поддршка беше намалена на 4.000.000 денари (65.106 евра) за само четири организации. Средствата потекнуваат од продажба на лото-тикети и други забавни игри на среќа. МТСП нагласуваат дека определиле фондови за да поддржат различни подрачја на интервенција, превенција и заштита од родово-базирано и семејно насилство, но не дале информација за сумите.

Иако средствата кои државата ги издвојува за граѓански организации пораснаа со текот на годините, женските граѓански организации добиваат околу 73% помалку споредено со другите НВО и ова дава јасна слика за нивото на посветеност на власта на проблемот со превенцијата и заштитата од родово-базирано и семејно насилство, со оглед на тоа што најголем број специјализирани сервиси за помош и поддршка на жените жртви на насилство ги обезбедуваат женските граѓанските организации.

Број на санкционирани случаи на родово-базирано насилство

Санкциите на случаите на родово-базирано насилство е едно од клучните барања на Истанбулската конвенција. Државите од Западен Балкан покажаа видлив напредок во усвојување на законските мерки против семејното насилство и други форми на родово-базирано насилство. Сепак, генералниот впечаток е дека треба повеќе да се поработи на овој проблем во секоја од шесте држави кои се предмет на ова истражување.

Најголемите предизвици во примена на овие законски мерки, генерално се однесуваат на несоодветни реакции на полициските службеници, како и несоодветно казнување на сторителите. На регионално ниво, забележано е осудување на жртвата од страна на полицијата, игнорирање на различни форми на насилство и одбивање да се издаде решение за неприближување на сторителот до жртвата. Поради ова, жртвите не им веруваат на институциите и се несигурни во пријавувањето, бидејќи се плашат од полошо.

Иако нема доволно податоци за санкционирани случаи во овие земји, сепак тоа е јасен индикатор дека во сите земји од Западен Балкан ова поле е голем предизвик. Сепак, недостатокот на санкции и пријавени случаи не укажува на тоа дека родово-базираното насилство не е застапено, туку дека не секогаш жртвите се во можност да го пријават, бидејќи се соочуваат со пречки во тој процес или не се чувствуваат доволно безбедно, како и дека не им веруваат доволно на полицијата и институциите. Доколку се пријавува, тогаш се добива и појасна слика за бројот на случаи на родово-базирано и семејно насилство во овие држави.

Кога се во прашање фемицидите, овие држави не ги препознаваат како засебна форма на хомицид. Скоро во сите земји кои се опфатени со овој извештај, женските граѓански организации се оние кои ги прибираат податоците во врска со убиства како последица на родово базирано насилство. Северна Македонија и понатаму се соочува со големи предизвици во институционалното постапување при родово-базирано насилство. Во периодот од јануари до летото 2020 се случиле три фемициди и во сите тие случаи претходно било пријавено насилство, но немало соодветна реакција за заштита. Во периодот на известување во државата, според податоците на Министерството за внатрешни работи, има намалување на бројот на пријавени случаи на семејно насилство со тоа што:

-Во 2019 се пријавени вкупно 989 случаи поврзани со семејно насилство, од кои 588 со физички повреди, 23 со поблаги повреди, 366 за загрозување на безбедноста и пет фемициди

-Во 2020 (од јануари до март) имало 241 случаи, од кои во 207 жените биле жртви

Тоа што има помалку пријавени случаи во периодот на полициски час и карантин, споредено со истите месеци во 2019, укажува на фактот дека голем дел од жртвите на семејно насилство немале време и простор да пријават. Во текот на полицискиот час, две жени биле убиени од страна на нивните партнери. Во периодот од април до јуни 2020, Министерството за внатрешни работи добило 193 пријави за криминални дејствија поврзани со семејно насилство, што е помалку од оние 226 во истиот период во 2019.

Но, од друга страна, во 2019, Министерството за труд и социјална политика забележало 1555 нови случаи на семејно насилство, од кои во 1135 жртви биле жени, а 173 деца. Од 1 јануари до 15 мај во 2020 година, имало 505 нови случаи на семејно насилство. Психолошкото (во 1275 случаи) и физичкото насилство (во 787 случаи) се најпрепознаени форми на семејно насилство.

Целосниот извештај е достапен тука.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости