Физичко насилство и фемицид

Физичкото насилство е највидлива и најчеста форма на насилство. Тоа се манифестира со употреба на физичка сила или пак закана дека истата ќе биде употребена, и подразбира широк спектар на дејствија, од удирање шлаканица, до обид за убиство и убиство, односно туркање, удирање тупаници, нанесување изгореници, давење, напад со фрлање предмети, пукање, закани со нож итн. Кај физичкото насилство кое многу често се манифестира во рамки на семејното насилство, треба се има предвид дека понекогаш насилниците се толку префинети во нанесувањето повреди на разни начини, така што понекогаш тешко се забележуваат траги од насилството. Овој облик на насилство во нашата земја најчесто се изразува преку шлаканиците (87.5%), заканите за употреба на физичка сила (70.1%), зграпчувањето и туркањето (63.9%). Зачестеноста на поединечното манифестирање на физичкото насилство, ја прави оваа појава потешка и по опасна. Жените жртви во нашата земја биле жртви на повеќекратно физичко насилство. Најмногу, секоја четврта жена, посочила дека еднаш до два пати била физички нападната во рамките на нејзиното семејство. Речиси, секоја петта жена (18.9%) пријавила физичко насилство над 20 пати. Но, физичкото насилство е изразено и низ многу тешки облици како клоцање, гризење … Во Република Македонија, бројките и процентите немилосрдно говорат дека жените во огромен процент се жртви на физичкото насилство (90 %) споредбено со мажите(10%), како и фактот дека мажите се јавуваат доминантно или целосно како извршители на психолошко, физичко или сексуално насилство. Овде дефинитивно станува збор за родово базирано насилство – насилство кое е насочено против едно лице врз основа на полот.

 Се проценува дека 20 до 25% од жените во Европа се жртви на физичко насилство. Најбруталното физичко насилство, коешто може да биде  извршено врз жена, е фемицид. Фемицидот е најтешка форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на семејно насилство или интимно партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена затоа што е жена, но пошироката дефиниција го објаснува поимот како убиство на жени и девојки поради род, тортура или мизогенично убивање на жена, убиство во име на честа, убиство насочено кон жени во контекст на вооружен конфликт, фетицид, генитално сакатење со смрт. Фемицидот  го извршува маж, најчесто сегашен или бивш партнер, а му претходи долгогодишна злоупотреба во домот, закани и заплашувања, сексуално насилство или ситуации каде жените се помалку моќни и имаат помали ресурси од својот партнер. Во Република Македонија, само во последнава година има четири случаи на фемицид. Ова се убиства на жени и членовите на нивните семејства, извршени од страна на интимен партнер/сопруг/бивш сопруг кои се случиле во период мај – ноември 2014 година – последниве шест месеци.

Пристапните сервиси кои се наменети за жените жртви на насилство (СОС линиите, кризните центри, шелтер центрите, психолошки советувалишта), разните политики и правни механизми за заштита на жртвите, како што се задолжителен притвор за насилникот, одземање на огнено оружје, доследното систематично санкционирање на насилството, може директно да го намали бројот на убиства кои се вршат, или пак, се вршеле врз жени од страна на интимниот партнер. Јасно е дека најважни се стратегиите за превенција на фемицидот, за намалување на партнерското насилство и идентифукивање на случаите кои се во најголем ризик од фемицид, со интервенции кои примарно се насочуваат на заштита во првите три месеци непосредно одкога жената жртва на насилството го напуштила насилникот.

Накратко, таму каде што општеството целосно се спротиставува и го осудува партнерското насилство, таму жените имаат поголеми шанси да преживеат !!!

 Текстот го подготви Драгана Маневска, координаторка на СОС линија за помош на жртви на семејно насилство во Кризен Центар „Надеж“. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“ на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство,  а поддршана од Американската амбасада во Скопје. 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости