04.12.2019: Панел дискусија Промоција на центрите за упатување жртви на сексуално насилство и стандардите за нивно функционирање

Како резултат на ратификацијата на Истанбулската конвенција, во земјава се отворени три центри за упатување жртви на сексуално насилство- во Скопје, Тетово и Куманово. Тоа што е потребно е да се зголеми визибилноста на овие центри, за жртвите да бидат информирани што се прави на терен откако тие ќе пријават случај на сексуално насилство.

На ден 4.12.2019 година во Граѓанскиот ресурсен центар се одржа панел дискусија во организација на Хелсишкиот Комитет за човекови права на Р.С.Македонија и Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Настанот беше од отворен карактер, а целта за неговото одржување беше промоција на центрите за упатување на жртви на сексуално насилство, како и презентирање на стандардите за нивното функционирање.

Настанот го отвори Уранија Пировска извршна директорка на Хелсишкиот Комитет која истакна дека државата почна да ги имплементира обврските од Истанбулската конвенција, но вториот чекор е да им се даде до знаење на жртвите дека постои некој што може да се погрижи за нив и што може да очекуваат ако пријават насилство. Исто така таа се осврна на слабостите во пракса на кои е укажувано години наназад, како што е недоволната информираност на полициските и здравствените службеници, немањето 24 часовна услуга, проблемите со земање на докази поради недостигот на судски вештаци кои излегуваат на терен, како и неинформираноста на жртвите.

Потоа се обрати Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, која сподели податоци од истражувања, кои покажуваат дека сексуалното насилство и неговите облици се едни од најмалку пријавуваните случаи на насилство, особено  кога станува збор за силување во брак или од страна на интимен партнер. Според неа, силувањето е кривично дело,  но согласноста мора да се вклучи во Кривичниот законик и да биде единствен елемент за сексуалниот чин да се квалификува како силување.

На воведното обраќање на крај се обрати и директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, која изјави дека во однос на функционирањето на скопскиот кризен центар центар, на Клиниката се извршиле обуки за 40 вработени за клинички третман на жртвите во кризни состојби. Во првите најранливи и емотивни моменти, жртвата е третирана од стручен персонал, кој е свесен дека сексуално насилство може длабоко да ја погоди физичката, ментална и социјалната состојба на жртвата, а постои и грижа за да се увери жртвата дека нејзината приватност ќе биде заштитена.

По воведните обраќања следеше панел дискусија на која Нада Тофоска, координаторка на Центарот за жртви на сексуално насилство во Скопје, ги сподели искуствата со кои се соочуваат при работата во центарот.

Втора панелистка беше Розалита Дојчиноска, полициски советник во Биро за јавна безбедност при МВР, која појасни дека се работи на сензитивизација на полициските службеници,  затоа што првиот контакт е најзначаен и мора да се постапува внимателно.

Свое обраќање имаше и Координаторката за еднакви можности во Министерството за здравство, Нермина Факовиќ, која изјави дека речиси година дена од отворањето на центрите, се соочуваме со неинформираност за нивното постоење. Истакна дека овие центри не се проект туку обврска на државата, посочувајќи дека услугите во центрите се целосно бесплатни, а жртвата не мора да има со себе какви било документи или средства.

На крај се обрати и директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје Наташа Станојевиќ која нагласи дека порано со жртвите постапуваа дежурните тимови, но сега постои посебен оддел, со мешан стручен тим кој е достапен 24 часа, а постојат и специјално опремени простории за работа со деца. Станојевиќ посочи дека  е зголемен  бројот на жртви на семејно насилство, но тие ретко пријавуваат дека паралелно биле и сексуално злоупотребувани од брачниот партнер. Настанот го модерираше Аделина Марку.

Подетални информации за настанот може да прочитате на веб страната на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Р.С.Македонија на следниот линк

Сподели

Со поддршка од