04.12.2014: Интимно партнерско насилство и семејно насилство

Проблемот на различните облици на насилство носи потешкотија во наоѓање на добро структурирана и сеопфатна дефиниција за насилството во стручната литература. Една од најшироко прифатените дефиниции, која се базира на идејата за човековите права, е понудена од страна на Светската здравствена организација: Насилството е секоја намерна употреба на физичка сила или пак, моќ, која може да биде реална или во форма на закана, насочена кон себеси, кон друго лице или кон некоја група или заедница, а која завршува (или постои голема веројатност да заврши) со физичка повреда, со смрт, со психичка штета, со нарушувања во развојот или лишеност (депривација). 

Насилството врз жените, пак, е дефинирано како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода , без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот простор (Конвенција на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насислтво).

Една од клучните одлики на насилното однесување е интенционалноста (намерата) на тој/таа што го врши насилството да нанесе некаква повреда или да направи некаква штета.

За да се означи насилството во партнерските односи, кај нас се користи изразот семејно насилство. Овој термин не го опфаќа насилството што се одвива надвор од семејните релации, а е слично според динамиката, бидејќи жртвата и насилникот се во некаква интимна врска. Затоа како подеднаков термин се третира и терминот интимно партнерско насилство, иако првиот е во почеста употреба. Терминот интимно партнерско насилство, самиот имплицира дека, кога се зборува за оваа појава, треба да се опфатат злоставувачките облици на однесување меѓу партнерите кои се во различни видови односи, вклучувајќи ги и семејните.

За интимни партнери се сметаат:

–       сегашни или поранешни сопружници (вклучувајќи ги и невенчаните), кои живеат или не живеат заедно;

–       девојки и/или момчиња, без разлика дали врската е поранешна или актуелна, како и дали партнерите се во хетеросексуална или во хомосексуална врска.

Интимното партнерско насилство и семејното насилство најчесто се манифестираат низ следниве форми:

–       физичко, како што е удирање шлаканици, тепањето, туркањето, клоцањето, бодењето, давењето, закани со оружје и убиство;

–       сексуално, како што е присилата на сексуални активности, без разлика дали тоа се прави со вербални закани или со употреба на физичка сила, инцест или слично;

–       психичко, кое вклучува различни однесувања што нанесуваат емоционална болка, како закани, уништување предмети, изолирање на жртвата, понижување и други облици на вербална агресија, контрола и.т.н.;

–       економско, како што е одбивање да се придонесе со средства во семејството, контрола на пристапот до храна и здравствени услуги, спречување на жртвата да се вработи, неплаќање средства за издршка или лишување на жртвата од материјални средства за живот.

Постојат неколку теории што се обидуваат да ги разјаснат факторите поради кои се јавуваат овие облици на насилство, како и механизмите што обезбедуваат траење на насилството во интимните релации. Детектирањето на причините што доведуваат до оваа појава е важно, бидејќи насилството во интимните релации не предизвикува страдање само на индивидуално ниво, туку поради масовноста и последиците, претставува и сериозен предизвик за заедницата во економска смисла. Различните објаснувања за тоа што го поттикнува и што го одржува насилството водат кон формирање различни стратегии за интервенција, кои се фокусираат на широк опсег целни групи: од поединци, групи (семејството во целина), до цели институции. Еколошкиот модел е прифатен и користен од Светската здравствена организација, и го третира семејното насилство во поширокиот контекст во кој тоа се одвива и ги проценува факторите на ризик и факторите на заштита во четирите сфери што влијаат врз тоа дали насилството ќе се случи: индивидуалните карактеристики на оној што го врши насилството, карактеристиките на релацијата, карактеристиките на потесната заедница и на поширокотата општествена заедница. Кога станува збор за семејно насилство, анализите на СЗО ги наведуваат следните карактеристики како фактори на ризик мажот да биде насилен: 1.на индивидуално ниво тоа е конзумирање големи количества алкохол, психопатска структура на личноста, психопатолошки нарушувања, искуства со семејно насилство во детството, ниските примања и нискиот степен на образование; 2. на ниво на релација, ризикот е поголем доколку постојат зачестени конфликтни ситуации, повеќе сексуални партнери, ниски приходи во семејството и доминантна положба на мажот; 3. од аспект на потесната заедница, ризикот е поврзан со висока толеранција на физичко насилство, економската депривираност и несанксионирање на насилството во семејството; 4. од аспект на општеството во целина, ризикот го креираат нормите што поддржуваат насилство и патријархалните норми за родовите улоги. Следниве фактори влијаат жената да стане жртва на семејно насилство: 1. на индивидуално ниво, повеќе шанси да станат жртви имаат жените што се помлади, бремени, од понизок социо- економски статус, оние што злоупотребуваат психотропни супстанци, што се депресивни и оние што во детството биле изложени на насилство во семејството; 2. на ниво на релација, повеќе може да страдаат тие што се разведени, имаат повеќе деца и не се задоволни од бракот, како и тие што се пообразовани од својот партнер; 3. на ниво на локална заедница за жените е отсуство на критична маса жени со повисоко образование; 4. на ниво на општество, тоа е недостаток на соодветна, родово сензитивна законска регулатива во врска со семејното насилство и разводот на бракот.

Во законот за семејство на Република Македонија се предвидени привремени мерки за заштита кои ги изрекува Судот и  мерки за заштита на жртвите од семејното насилство кои ги обезбедува Центарот за социјална работа, при што семејното насилство се сфаќа во неговата потесна смисла. Како можни актери во семејното насилство  во Законот за изменување и дополнување на Законот за семејство, се наведени: брачните другари, родителите, децата или други лица, кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, поранешен брачен другар или лица што имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, вклучувајќи ги и односите што настануваат со посвојувањето и со старателството, браќата и сестрите, полубраќата и полусестрите, постарите членови и лицата што се членови на семејството или заедничкото домаќинство, чија деловна способност е делумно или целосно одземена.

Подобрувањето на заштитата и поддршката на жртвите на семејно насилство, ја согледуваме преку: потребата од отворање на кризни и шелтер центри, отварање на психолошки советувалишта, центри за обезбедување на бесплатна правна помош,  низ целата територија на Република Македонија; промени во законот кои ќе резултираат со поголема и посоодветна заштита на жртвите, а построги казни за насилниците; кревање на свеста на населението во врска со овој голем општествен проблем и превземање поголема одговорност на сите институции кои се вклучени во решавање на случаевите на семејно насилство и интимно партнерско насилство.

 Текстот го подготви Ивана Костовска, социјален работник во Кризен Центар „Надеж“. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“ на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство,  а поддршана од Американската амбасада во Скопје. 

 

Сподели

Со поддршка од