03.12.2016: Соопштение за јавност: Насилството врз жените со попреченост мора да се препознае како сериозен општествен проблем, наместо да се игнорира и миноризира

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство апелира до институциите да ги препознаат жените и девојките со попреченост како посебно ранлива група и да обезбедат соодветен систем за превенција и заштита од сите форми на насилство врз жени

 Крајно загрижувачки се сознанијата дека во Република Македонија немаме постоечки систем за заштита на жените со попреченост кои се жртви на некоја форма на насилство врз жени и семејно насилство и дека и оние малку специјализирани сервиси кои постојат не се пристапни и не се прилагодени за потребите на оваа ранлива група. Дополнително, во државата не постојат податоци за тоа колкав број од лицата со попреченост се жртви на некаква форма на насилство

Имено, Минстерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи не располагаат со расчленети податоци и немаат информација колкав број од вкупниот број на пријавени жртви на семејно насилство се лица со попреченост. За останатите форми на насилство врз жени до Македонија не постојат податоци.

Истражувањата во светски рамки, покажуваат дека дури 25% од девојчињата и жените со интелектуална попреченост имаат историја на сексуално насилство. Друга студија пак, вели дека 49% од лицата со интелектуална попреченост, во текот на својот живот ќе доживеат сексуално насилство 10 или повеќе пати.

Денес, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, бара од институциите во Македонија:

 • Насилството врз жените со попреченост мора да стане приоритет во стратегиите и мерките за превенцијата на семејно насилство и други форми на родово базирано насилство.

 • Насилството врз жените со попреченост мора да се препознае како сериозен општествен проблем, наместо да се игнорира и миноризира

• Жената со попреченост да стане дел од сите институции на системот, не да биде исклучок и присутна само во некои сегменти од општествениот живот. Задолжително да биде вклучена како креатор на политиките за жените особено во борбата против насилството врз нив.

• Државните институции да обезбедат услуги за заштита на жени со попреченост – жртви на различни форми на родово базирано насилство и семејно насилство, кои ќе бидат целосно пристапни и достапни, како и прилагодени на нивните индивидуални потреби.Услугите мора да бидат засновани на антидискриминаторски политики и еднаков пристап за сите.

 • Во кампањите да се посвети посебно внимание на жената со попреченост преку подигање на свеста на јавноста за нејзините можности и способности.

 • Подигање на свеста на самите жени со попреченост за сопствените капацитети, нивни иницијативи за вклученост и охрабрување за НЕТОЛЕРАНЦИЈА и пријавување на насилството преку прилагодени едукативни и превентивни програми, во зависност од формата на попреченост.

• Државата да ги интегрира сервисите за жртви на семејно насилство кои ги исполнуваат стандардите во националните буџети и програми со цел да се обезбеди финансиска одржливост на истите. На овој начин ќе се обезбеди поголема достапност и пристапност на услугите за заштита од семејно насилство на територијата на цела држава за сите, вклучувајќи ги и жените со попреченост.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости