Жените со попреченост имаат поголема веројатност да доживеат насилство

Светските статистики говорат дека лицата со попреченост се два пати почесто жртви отколку лицата без попреченост. Во Република Македонија сеуште прецизно не се располага со  статистички податоци за видови на насилство и злоставување кои што се однесуваат на лицата со попреченост и поради тоа сеуште не постои јасна слика каква е ситуацијата во оваа област. Единствено, Министерството за внатрешни работи води статистичка евиденција за извршени кривични дела и сторители на кривично дело “Обљуба врз немоќно лице” член 187 од кривичниот законик на РМ.

Споредено со жените без попреченост, жените со попреченост имаат поголема веројатност да доживеат насилство и истото го трпат подолг период. Некои од причините зошто е тоа така се следните:

1.  Социјални митови- лицата со попреченост често се отфрлаат како беспомошни, пасивни, како мали деца, асексуални, тешки /мачни. Овие предрасуди ги прават лицата со попреченост невидливи за општеството и укажуваат на тоа дека злоупотребата, особено сексуалната е помалку веројатна.

2. Научена беспомошност- лицата со попреченост, особено лицата со интелектуална попреченост или лицата кои подолг период живееле во институција, се охрабрени да даваат согласност и да соработуваат. Ваквата животна историја може да и отежне на жена со попреченост да се брани себеси од злоупотреба.

3. Недостаток на сексуална едукација- постои тенденција да се негира сексуалната едукација за лицата со попреченост, особено со интелектуална попреченост. Ако жена која немала сексуална едукација е сексуално злоупотребена, потешко ќе побара помош бидејќи можеби нема да разбере што точно и се случило (нема да ја препознае сексуалната злоупотреба).

4. Зависност- жената може да биде зависна од грижата на нејзиниот злоставувач, бидејќи попреченоста може да ја ограничува финансиски и поради зависност од околината.

5. Неправилна дијагноза- погрешно може да биде протолкувано плачењето за помош; пример однесувањето на жената може да биде дијагностицирано како анксиозност, наместо како знак на злоупотреба. Во друга ситуација, може и да не постои свесност дека семејното насилство исто така вклучува економско или емоционално насилство, или пак може да недостасува свесност за знаците на насилство.

6. Насилникот ја има контролата- доколку жената побара помош, следење по побараната помош може да биде тешко бидејќи насилникот може да ја изолира и да превенира да употребува телефон или да ја напушта куќата.

Тактики на моќ и контрола кои се употребуваат врз жени со попреченост

Физички :Туркање на жената од нејзината количка; Удирање, тресење и горење; Давање на отровни супстанции или несоодветни лекови; Несоодветно давање на лична или медицинска нега; Лажно давање на информации на медицински лица, што резултира со погрешна медицинска дијагноза

Емоционални :Изолирање на жената од семејството и пријателите; Постојана критика поради помошта која и е потребна во секојдневните активности; Задршка на љубов и наклоност; Вербални напади; Исмевање, закани, навреди и малтретирање

Економски– Злоупотреба на финасиските средства кои жената ги заработува или зема како социјална помош или додаток

Вербална: Зборување дека местото на жената која пријавува насилство е во институција; Закана дека ќе следува физичко насилство; Закана дека нема да ја добие потребната помош и нега

Сексуална злоупотреба: Присилување на сексуални услуги како замена за помош при основни услуги (капење, јадење); Несакан или присилен сексуален контакт, допир или покажување на сексуалните делови; Закани за повредување или принуда во врска со сексуалната активност; Негирање на сексуалноста или сексуалната едукација ;Присилување на абортус, контрацепција или стерилизација

Духовни (спиритуални): Одбивање да и се помогне на личноста да ги практикува нејзиите избрани обичаи (обреди); Зборување на личноста дека нејзината попреченост е резултат на грев; Духовна изолација или духовно исмевање (играње мајтап, подбивање); Лажна употреба на свети практики за контрола на личноста: да се оправда злоупотребата или да се спречи безбедност или лекување.

Што е она што би требало да се промени во нашата земја?

Жените со попреченост може да бидат мета на двојна дискриминација и насилство, поради својата попреченост и поради тоа што се жени. Иако Република Македонија ја има ратификувана Конвенцијата за заштита правата на лицата со попреченост во кои во член 16 е посебно нагласено – Ослободување од експлоатација, насилство и злоупотреба, сеуште не постои посебна законска рамка која што ги заштитува лицата со попреченост од секаков вид на насилство и злоставување, со посебен акцент на жените со попреченост, туку таквата  заштита се обезбедува во рамките на постојниот правен систем и во институциите подеднакво како и за сите други граѓани.

Недостасуваат програми и мерки за превенција и заштита од насилство и злоупотреба на лицата со попреченост, а со самото тоа и едукации на лицата со попреченост како и едукации наменети за професионалци кои што во својата работа директно или индиректно се повразни со лицата со попреченост.

Далеку од потребно е постоење на специјализирани шелтер центри кои што во рамките на своите активности превземаат мерки за превенција и заштита на жртви на семејно насилство, креирани според потребите на лицата со попреченост (вклучително и за децата со пречки во развојот).

Потребно е да се воведе статистика по основ на попреченост во системите на здравствена заштита и осигурување, детска и социјална заштита како и во системот на МВР.

Потребно е гласно да се зборува и да се работи на подигнување на свеста за препознавање и постапување во случај на семејно насилство. Да не заборавиме, семејното насилство е општествен проблем и секој има одговорност да го пријави истото!!!

 

Текстот го подготви Весна Матевска од Х.Е.Р.А – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, членка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените“ која се спроведува со поддршка од Американската амбасада во Скопје. 

 

 

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости