Сексуалното насилство на пазарот на трудот како контрола на економскиот статус на жените

Според Препораката 19 од Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената и според Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жените и домашно насилство, позната како Истанбулската конвенција, сексуалното вознемирување на работно место се смета за родово базирано насилство. Во таа насока мобингот, кој во себе ја содржи оваа основа, би можел да се третира како форма на родово базирано насилство. Ова произлегува од доминантата положба на мажите наспрема подредената положба на жените во општествениот живот, а во конкретниот случај и на пазарот на трудот, вели за Академик адвокатката Маја Ристова, образложувајќи ги прашањата за мобингот како насилство врз жените и отсуството на ефикасни правни механизми за заштитата на правата на жените работнички и на жените кои поминале низ родово базирано насилство.

Насилството врз жените е една од најраспространетите форми на родово базирана повреда на човековите права

„Насилството врз жените претставува сериозна повреда на фундаменталните човекови слободи и права, на дигнитетот на личноста и претставува дискриминација на жената само поради фактот дека е жена. Имено, човековите права на живот и правата на физичко и морално достоинство се неприкосновени и се уредени и со самиот Устав на Р Македонија. Во смисла на тоа, насилството врз жените и девојчињата претставува повреда на човековите права, тргнувајќи од тоа дека е забранет секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување, како и поради фактот дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Оттука, насилството врз жените, вклучувајќи го и семејното насилство, е едно од најсериозните и најраспространетите форми на родово базирана повреда на човековите права и форма на дискриминација на жените. И самиот Закон за превенција, заштита и спречување од семејно насилство, во членот 4, алинеја 10, предвидува родово сензитивен пристап кон семејното насилство, што значи за првпат се препознава дека семејното насилство во Македонија е најмногу насочено кон жените“, истакнува Ристова.

Заканите и насилството како средство за држење на жените под контрола

Адвокатката Ристова образложува дека, според Препораката 19 од Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жените и домашно насилство, позната како Истанбулската конвенција, сексуалното вознемирување на работно место се смета за родово базирано насилство.

„Во таа насока, мобингот, кој во себе ја содржи оваа основа, би можел да се третира како форма на родово базирано насилство. Ова произлегува од доминантата положба на мажите наспрема подредената положба на жените во општествениот живот, а во конкретниот случај и на пазарот на трудот. Ваквиот феминистички пристап се темели на неколку постулати, и тоа дека, конкретно, мобингот во форма на сексуално вознемирување не претставува искажување на сексуалните желби на мажите, туку средство за држење на жените под контрола преку употреба на закани и насилство, односно контрола на економскиот статус на жените. Од длабоко вкоренета патријархална матрица на размислување и дејствување во нашето општество, од премногу изразена моќ на мажот над жената, не произлегува ништо друго туку истото да се манифестира и во економската сфера“, вели Ристова.

Жените работнички немаат на располагање ефикасни правни механизми

Адвокатката Ристова појаснува и со какви нарушувања на човековите права се соочуваат жените работнички. Таа вели дека жените работнички немаат на располагање ефикасни и ефективни правни и институционални механизми и тела кои можат да ги искористат за да ги заштитат своите права.

„Најмногу повреди се прават на членовите 2 (право на живот), 3 (забрана од мачење), 4 (забрана на ропство и принудна работа), 8(право на почитување на приватниот и семејниот живот), 10 (право на слобода на изразување) и 14 (забрана за дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Во Р Македонија жените работнички се соочуваат со прекршувања на нивните права, како при вработување така и на работното место, а, пак, женскиот труд е помалку платен и незаштитен. Жените работнички немаат на располагање ефикасни и ефективни правни и институционални механизми и тела кои можат да ги искористат за да ги заштитат своите права, па неретко се случува да добијат отказно решение поради бременост или, пак, да се соочат со виктимизација при пријавување на прекршување на одредбите од Законот за работните односи или Законот за заштита од вознемирување на работното место. Но, проблемот не лежи само овде, туку и во менталниот склоп на жртвите во поглед на соочување со проблемот на сексуалното вознемирување. Имено, жртвите повеќе би премолчиле отколку да побараат стручна помош и тоа само поради хипотезата дека ќе бидат осудени или исмеани од општеството или, во краен случај, дека ќе бидат обвинети дека тие го испровоцирале таквото однесување“, истакнува Ристова.

Воведување на инструмент за адресирање на сексуалното насилство на пазарот на трудот

Според нејзините искуства како адвокатка и како долгогодишен истражувач на овие прашања, Ристова посочува дека се потребни законски измени во тој дел, а во насока на поефективна законска регулатива.

„Првенствено, Законот за заштита од вознемирување на работното место е потребно да претрпи одредени измени во поглед на воведување на инструмент за адресирање на сексуалното насилство на пазарот на трудот, кое досега не беше препознаено, што не е случај со Истанбулската Конвенција која дава одлични решенија во овој поглед.

Понатаму, и покрај изменетата законска регулатива и измената на правилниците и на протоколите за работа во поглед на семејното насилство воопшто, сепак, во Р Македонија механизмот на превенција и заштита на жените жртви на насилство во пракса не дава видлив и ефективен резултат, односно не дава соодветна заштита на жртвите и гонење на сторителите. Имено, Законот за превенција, заштита и спречување сериозно ги регулира казните за насилниците, но не и третманот и последиците со кои се соочуваат жртвите и нивните семејства, како и работата со насилниците. Како пример, привремената мерка за отстранување на сторителот од домот, без при тоа да се најде соодветно решение за него, каде ќе биде сместен, како ќе биде третиран, може да доведе до зголемување на ризикот по безбедноста на жената. Тоа значи дека откако сторителот ќе биде отстранет од домот, може да биде задржан во полициска станица неколку часа и потоа да биде пуштен на слобода, при што се остава простор повторно да ја нападне жртвата или во краен случај да посегне по нејзиниот живот. Како би се заштитила жртвата во тој случај?“, прашува Ристова.

Потребно е итно ратификување на Истанбулската конвенција

Таа нагласува дека со изрекувањето на привремената мерка – отстранување на сторителот од домот, би било потребно да се предвиди државата да најде соодветно престојувалиште за сторителот, како и начин за психосоцијално третирање на насилникот.

„Значи, со новиот Закон се предвидува отстранување на сторителот од домот до донесување на конечна одлука од надлежниот суд, без да се понуди соодветно решение за справување со агресивното однесување на сторителот и за намалување на ризиците по здравјето и животот на жртвите на семејното насилство. Иако со таа мерка би била изречена и мерка за забрана за доближување и мерка за забрана на вршење на семејно насилство, сепак, бесот и гневот дека е отстранет од сопствениот дом може да го поттикне сторителот на непромислени однесувања. Понатаму, се укажуваа и на важноста од постоење на советувалишта, не само од аспект на надминување на траумите кај жртвите и продолжување со секојдневното живеење, туку и од аспект на промена на насилното однесување кај сторителот во насока на неповторување на истото. Она што загрижува е дека, иако со овој закон е предвидено отворање на вакви советувалишта, тоа не е реализирано во практиката. Да не се занемари и еден од основните проблеми, чие решение се одолжува веќе пет години, а тоа е дека е потребно итно ратификување на Истанбулска конвенција која ги третира овие видови насилство, специјално насочени кон жените и девојките, низ повеќе одредби, а особено во членот 3-а и 3-г дефинирање на насилството врз жената и во членот 36 – сексуално насилство, вклучувајќи и силување“, образложува адвокатката.

Намалување на бројот на центрите за згрижување и двојна виктимизација

Од практично-правен аспект, Ристова ги детектира институционалните слабости во примената на постојната регулатива, а како посебен проблем го истакнува намалувањето на бројот на центрите за згрижување на жените кои поминале низ семејно насилство.

„Уште при самото пријавување на насилството во полиција, во центрите за социјална работа и во здравствените установи и минувајќи низ лавиринтите на системот, жените кои поминале низ насилство стануваат жртви по вторпат. Имено, полициските службеници, кои првично се повикани да реагираат, многу често не се обучени за проблематиката и пријавите за насилство ги нотираат по своја лична процена и убедување, а најчесто како „нарушување на јавниот ред и мир“, со што го минимизираат стореното кривично дело. Од друга страна, пак, центрите за социјална работа, со малата палета на ресурси, не се во состојба квалитетно и навремено да одговорат на пријавите на жртвите, особено не надвор од работното време.

Згрижувањето на жените кои поминале низ насилство во центри за згрижување претставува дополнителен проблем бидејќи број на центрите се намалува, а во повеќето градови низ државата воопшто и не постојат центри за згрижување. Двојната виктимизација особено се чувствува при постојаното повторување на настанот пред различни институции, што понатаму води кон „етикетирање“ на жртвата во средината во која живее, како и изложување на дополнителен срам кој ја обесхрабрува да води понатамошна постапка пред институциите“, вели адвокатката Маја Ристова.

Подготвил: Милчо Велјановски (портал Академик)

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени “ финансиран од програмата Цивика Мобилитас. 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во