Демнење како облик на родово базирно насилство

Насилството врз жените, вклучително и семејното насилство е едно од најсериозните форми на родово базирана повреда на човековите права и форма на дискриминација на жените.

Демнењето, како облик на родово базирано насилство, директно е насочено и несразмерно ги погодува жените. Секој аспект од животот на жените кои биле жртва на демнење е проследен со страв и анксиозност. Тие повеќе неможат да водат нормален живот, а уште потешко им е да му стават крај на демнењето преку покренување на соодветни постапки за правна заштита.

Иако постои како реален проблем, повеќето држави-членки на Советот на Европа немаат специфична законска регулатива за демнењето, ниту во граѓанското, ниту во казненото право. Тоа покажува дека овој концепт не е препознатлив на национално ниво.

Конвенцијата на Советот на Европа за заштита и борба против насилството врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, донесена во 2011 година, е првиот правно обврзувачки регионален инструмент кој сеопфатно ги покрива различните облици на насилство врз жените, како што се психичкото насилство, демнењето, телесното насилство, сексуалното насилство и сексуалното вознемирување и економско насилство.  Истанбулската конвенција ги криминализира сите овие облици на насилство, меѓу кои и демнењето, воспоставувајќи нулта толеранција за сторителите и поголеми права и заштита на жртвите.

Во член 34 од Конвенцијата е предвидена обврската на  страните на Конвенцијата да ги преземаат потребните законодавни или други мерки за да обезбедат дека демнењето се инкриминира во националните законодавства. Во Конвенцијата деликтот Демнење е дефиниран како намерно однесување на повторено заканување насочено кон друго лице што предизвикува лицето да се плаши за својата безбедност.

Конвенцијата го појаснува терминот „демнење“ како намерно однесување на постојано ангажирање во опасно однесување насочено кон друга личност, предизвикувајќи ја/му страв за нејзината/неговата безбедност.Ова опфаќа повторувачко однесување од заканувачка природа против конкретна личност што има за последица влевање на чувство на страв кај жртвата. Опасното однесување може да се состои од повторувачко следење на жртвата, вклучување во несакана комуникација со жртвата преку сите достапни средствa за комуникација, вклучително и модерните комуникациски средства и компјутерска технологија, како и ставање до знаење на жртвата дека е набљудувана. Понатаму, демнењето вклучува физичко следење на жртвата, појавување на нејзиното/неговото работно место, на спортски или образовни места каде е присутна и жртвата, како и виртуелно демнење на жртвата на социјалните мрежи. Уште повеќе, демнењето може да се состои и од најразлични деликтни однесувања, како што е уништувањето на имотот, оставање на суптилни траги од контакт со личните работи на жртвата, целење кон миленичињата, креирање на лажен идентитет или ширење на неточни информации on line.

Значи, начинот на однесување, намерата и стравот што се предизвикува ја сочинуваат криминалната природа на демнењето. Одовде, дејство на сторување на демнењето како кривично дело е секое повторувачко дејствие на заканувачко однесување со умисла за предизвикување на страв кај жртвата.

Иако на ниво на држави-членки на Советот на Европа постојат сиромашни податоци за овој вид на насилство, сознанијата од достапните истражувања за демнењето укажуваат дека жените се најчести жртви, а како демначи се јавуваат мажите. Понатаму, најчесто жените се жртви на демнење по прекинување на врски во кои имало насилство, но исто така жените се често објект на демнење и од личност со која не биле во врска, но речиси секогаш лично се познаваат.

Искуствата, уште, говорат дека во голем број случаи активностите на демначот се прошируваат од жртвата до луѓе од социјалната средина на жртвата, вклучително семејството, пријателите, роднините, колегите итн. Одредбата од членот 34 од Конвенцијата ги покрива и овие активностите на проширеното демнење, односно опсесивно следење на луѓе блиски до жртвата, секогаш кога тоа значително го зголемува чувството на страв и губење на контролата над ситуацијата.

На државите кои ја ратификувале Конвенцијата во нивните законодавства, според чл. 78.3 од Конвенцијата им се дозволува наместо кривични санкции да се воведат мерки за забрана и ограничување, се додека  истите се ефективни и пропорционални на насилството. Таков е случајот и со Република Македонија, која за прв пат со донесувањето на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство го регулираше демнењето во чл.4 ст.1 т.7, како намерно повторено заканување кон жртвата, кое предизвикува истата да се плаши за својата безбедност. Оваа одредба ќе се применува почнувајќи од 1 јануари 2015 година.

Во сите овие случаи соодветна мерка за да се обезбеди сигурноста и заштитата на жртвата би биле судски изречените, спрема демначот, привремени мерки што се состојат од забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин комуницира со член на семејството, директно или индиректно, како и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува друг член на семејството.

Останува да видиме како Република Македонија во иднина ќе се справи со демнењето како облик на насилство врз жените и семејно насилство, од аспект на ефикасна превенција, санкционирање на пријавените случаи и заштита на жртвите од натамошно насилство.

Текстот го подготви Благица Киров од Едукативно-хуманитарна организација ЕХО од Штип, членка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Оваа активност е дел од кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени“ која се спроведува со поддршка од Американската амбасада во Скопје. 

 

 

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn

Останати новости

Реакција: Платформата за родова еднаквост најостро го осудува говорот на омраза во предизборниот период

Пред почетокот на предизборната кампања за претстојните парламентарни и претседателски избори, Платформата за родова еднаквост ги повикува и партиите и нивните приврзаници да покажат демократски

Реакција: Личното и интимното е загрозено преку дигиталното родово-базираното насилство кое станува сè поопасно!

Злоупотребата и нарушувањето на личниот, интимен простор станува сè поизразено преку дигиталното родово-базирано насилство. Изразуваме особена загриженост и остро реагираме на последните родово-базирани напади во